Македонија
(Видео) Чулев: МВР со тендерот на Спасовски, кој го добива нему блиска фирма, плаќа една третина поскапа храна
Продолжуваме со објавување детали за двата договора од речиси 13 милиони евра, кои компанијата „Индустри сервис“ ги потпишала со МВР на Спасовски. Договори преку кои од буџетот на Министерството за внатрешни работи се одлеваат милионски суми евра, а полициски службеници и вработените во МВР ќе добиваат храна, која е далеку од стандардите и нивните потреби, истакна Наќе Чулев на денешната прес-конференција.
„Во период кога им се кратат дневниците и прекувремените работни часови на полицајците и МВР штеди буквално на сè, Оливер Спасовски распишува два тендера за достава на храна за два објекта на МВР. И двата ги добива ‘Индустри сервис’, која е отворена за да приготвува оброци, а полицајците во голем дел ќе добиваат конзерви и сува храна наместо подобра услуга. Со двата тендера од речиси 13 милиони евра, кои се за период од 36 месеци, годишно ‘Индустри сервис’ во просек може да наплати по речиси 4,5 милиони евра. Тоа е речиси една третина повеќе отколку што се трошело досега. Имено, лани за цела година МВР за набавки на храна потрошило само 3,3 милиони евра“, вели Чулев.
Дополнително, како што додаде, на „Индустри сервис“, според договорот, ѝ се признаваат транспортни трошоци, кои се 15 % од литар гориво за секој изминат километар, меѓутоа, тука, вели тој, не запираат нелогичностите.
„Имено, кога ќе се види спецификацијата, се забележува дека и двата договора на МВР на Спасовски со ‘Индустри сервис’, сопственост на Драган Смилковски, близок пријател на Спасовски, се полни со конзерви и сува храна. Дури и гулашот и гравот во спецификацијата доставена до МВР од страна на фирмата ‘Индустри сервис’ се во конзерви. Најголемиот дел од храната е сува и ја произведуваат други производители и не е готвена храна што би ја приготвила ‘Индустри сервис’. Воопштено сето ова значи дека ‘Индустри сервис’, само ставила своја маржа на конзервите и на сувата храна, а МВР добива поскапа храна отколку кога сами би ги набавувале во одвоени постапки тие конзерви и сува храна“, рече Чулев.
Праша, зошто е распишан оглас за достава на храна, а не одделни огласи? Ако „Индустри сервис“ имала сметка да купува и препродава храна што друг ја произвел, тогаш зошто МВР не го сторило тоа?
„Второ прашање е зошто МВР не ги стави во функција кујните во Центарот за обука во Идризово и во Полицискиот центар во Ѓорче Петров, кои имаат најмодерни апарати и се по ХАСАП-стандард, туку влегува во милионски договори со фирма блиска до СДС? Која е потребата да се трошат милиони евра за ангажирање компанија за достава на храна кога полициските службеници и понатаму ќе добиваат во голем дел само замрзната храна и храна во конзерви?“, истакна Чулев.
Според него, двата тендера што ги добила „Индустри сервис“ од МВР во вредност од фантастични 13 милиони евра се повредни од фабриката што тие ја имаат. „Бонбона-бизнис спакуван под параванот на поквалитетна храна, која полицајците, за жал, нема да добијат“, вели Чулев.
Побара од Спасовски да даде одговор зошто се одлучил на два огромни тендера, кои ги добива фирма на чие отворање бил и самиот тој, а која добива финансиски грант од Владата во износ од 1,6 милион евра? Дали маржата при препродажба морала да заврши кај „Индустри сервис“?
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски ќе урива дивоградби низ Скопје, се чисти депонијата кај гробиштата во Бутел
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави засилени мерки против дивите депонии и дивопоставените објекти низ градот, потенцирајќи дека „ред мора да има“. Тој информира дека по третпат се чисти депонијата во близина на гробиштата во Бутел, додека паралелно ќе се постапува и против узурпацијата на јавниот простор.
Ѓорѓиевски изјави дека просторот со години бил запуштен и дека станува збор за место кое мора да биде достоинствено уредено, особено во пресрет на верските празници кога граѓаните масовно ги посетуваат гробиштата.
– Ова е трета акција за чистење откако сум градоначалник. Во изминатите четири дена повторно се спроведува расчистување во координација со Општина Бутел. Наместо средствата да ги насочиме кон развој и изградба, ние повторно трошиме ресурси – луѓе, камиони и механизација, за истата намена – изјави тој.
Како претседател на ЗЕЛС, побара итно донесување на законските измени за комунална полиција, со кои се предвидува и зголемување на глобите.
– Мора да се воведе ред и во овој сегмент. Казните треба да бидат повисоки за конечно да се стави крај на несовесното однесување – порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави дека следува и поинтензивна акција против дивопоставените објекти кои узурпираат јавен простор, велосипедски и пешачки патеки, зелени површини и други јавни зони.
– Граѓаните 30 години бараат ред. Ред ќе има. Знам дека некој нема да го прифати тоа позитивно, затоа што му се нарушува комодитет кој му бил дозволен на грбот на градот и граѓаните – рече тој.
Посочи дека постојат објекти поставени без никаква документација, па дури и во близина на здравствени установи.
– На Бит Пазар има објект поставен на велосипедска и пешачка патека, невозможно е да се функционира. Тој ќе биде отстранет. Секаде каде што имаме узурпација на државен простор ќе постапуваме – истакна градоначалникот.
Според него, целта е изградба на систем во кој правилата ќе важат еднакво за сите.
Македонија
Апасиев: Левица ќе и поднесе кривична пријава на Цвета Ристовска
Партијата Левица соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против Цвета Ристовска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, откако таа поднесе оставка од функцијата.
Лидерот на партијата, Димитар Апасиев, преку објава на социјалните мрежи наведе дека правниот тим на Левица подготвува пријава поради, како што тврди, лажирање податоци во анкетен лист со цел прикривање фирми поврзани со нејзини блиски.
Тој посочи дека, според нив, станува збор за кривично дело утврдено со Кривичниот законик и додаде дека доколку не биле објавени серија скандали, Ристовска сè уште ќе ја извршувала функцијата.
Апасиев истакна дека партијата ќе продолжи со откривање случаи на корупција и ги повика граѓаните кои располагаат со докази против функционери да ги достават до нив, ветувајќи дискреција и поведување правни постапки без оглед на политичката припадност на инволвираните.
Македонија
Ја давел и ја претепал бремената партнерка, се спасила откако го убедила да ја носи на лекар, па побегнала додека стоеле на семафор
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж осомничен за кривично дело Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по пријава за семејно насилство извршено врз неговата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
Според Обвинителството, насилството се случило во домот на улицата „Рајко Жинзифов“ во Скопје, каде по расправија осомничениот започнал физички да ја напаѓа жената, удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. На оштетената ѝ биле нанесени гребаници, отоци и хематоми.
Додека жртвата викала и барала помош со намера да ја слушнат соседите и да повикаат полиција, осомничениот, според наводите, станувал сè поагресивен и продолжувал да ја удира, а во еден момент ја притиснал со раце за врат со цел да ја замолчи.
За да се спаси и да излезе од домот, жената го убедила осомничениот да заминат на гинеколошки преглед и да направат ехо на бременоста. Додека се движеле со автомобил и возилото застанало на семафорите на булеварот „Св. Климент Охридски“, таа успеала да избега и да влезе во блиско кафуле, каде побарала помош. Со позајмен мобилен телефон веднаш ја известила полицијата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост, кои вклучуваат обврска осомничениот повремено да се јавува кај надлежен орган, привремено одземање на патна исправа, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетената.

