Македонија
(Видео) Шахпаска: Нулта толеранција за насилството врз жените и за семејното насилство, очекуваме поддршка и од пратениците
Нулта толеранција за насилството врз жените и за семејното насилство за Министерството за труд и социјална политика е главен приоритет и оттука ова законско решение е темелот, основата во борбата против сите форми на насилство врз жената и семејството, истакна министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.
„Овој закон е важен дел од акцискиот план за спроведување на Истанбулската конвенција, која нашата држава ја ратификува во декември 2017 година“, рече министерката.
Таа изрази убеденост дека предлог-законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, во собраниската процедура ќе добие поддршка и од опозицијата бидејќи насилството не познава партиска определеност, насилството не познава верска или етничка припадност, општествен или имотен статус.
„Родово базираното насилство врз жените и семејното насилство можеби некаде е повидливо, а некаде затскриено, но тоа постои и затоа пред него не смееме ниту да молчиме ниту да го игнорираме. Напротив, треба да ја подигнуваме свеста за негово препознавање и постапување“, рече Шахпаска.
Таа истакна дека насилството врз жените и семејното насилство не се приватна работа и затоа државата треба преку сеопфатни и интегрирани политики да превенира и да ги заштити жртвите на насилство.
„Токму затоа е важно сите заедно да застанеме зад ова законско решение, кое е подготвено во соработка со експерти и невладини организации и решение што значи надградба на постојниот систем и зајакнување на севкупниот институционален одговор на родово базираното насилство.
Поддршката што ја обезбедуваме во делот на информирањето, советувањето и привремениот престој е за:
– жените жртви на родово базирано насилство и семејно насилство и нивните деца;
– жените жртви на сексуално насилство и силување;
– жртвите на трговија со луѓе, како и
– жртви на насилство поради сексуална ориентација и родов идентитет, е во согласност со стандардите предвидени во Истанбулската конвенција, информира министерката.
Таа истакна дека оваа поддршка ќе биде обезбедена од институциите на системот – социјалната заштита, здравствените установи, Министерството за образование и наука, Министерството за внатрешни работи, здруженијата и единиците на локалната самоуправа. Како и дека законот предвидува надлежните институции во постапките за родово базирано насилство врз жените и семејното насилство да постапуваат итно и со должно внимание на интересите и потребите на жртвата, а со цел заштита на жртвите и нивна реинтеграција во системот.
„Судот има обврска, веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа по приемот на предлогот од Министерството за внатрешни работи и полицискиот извештај, без да одржи рочиште да одлучи за изрекување итна мерка за заштита отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот.
Жртвата има право да поднесе тужба пред граѓански суд за утврдување одговорност за непостапување со должно внимание од страна на надлежните институции, товарот за докажување е на страната на институцијата и лицето во институцијата што пропуштило да постапи во согласност со законот, а жртвите се ослободени од судски трошоци во текот на судската постапка“, посочи министерката.
Таа истакна дека предлог-законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство е навистина сеопфатен и овозможува конкретна заштита и поддршка за жртвите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре без вода дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарната Илинден
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре (19.02.2026) поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.(општина Чаир)
Македонија
Стојаноска: Парите за минималецот може веднаш да се најдат, дел на Водно кај хациендите на Филипче, дел во Дубаи и дел во Струмица по масите на хотел Парк
Како СДСМ може да обезбедат пари за минимална плата? Да го вратат она што го испокрадоа во време на нивното 7 годишно владеење, напиша во објава на социјалните мрежи Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако ова не го сторат самите, тогаш многу скоро низ судски процеси ќе враќаат сѐ што испокрадоа, заедно со казни затвор за истото.
А, ако случајно во Буџетот ги најдат парите за кои зборуваат, тогаш веднаш ќе ги пренамениме за хуманитарни цели.
Инаку, парите за минималецот може веднаш да се најдат – дел на Водно (кај хациендите на Филипче), дел во Дубаи и дел во Струмица (по масите на хотел “Парк”)“, додава Стојаноска.
Македонија
Муцунски на состанок за Коридор 8, во Тирана: Државата, како централна точка, останува целосно посветена на неговата реализација
Денеска, во Тирана, на покана на министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со колегите од Италија, Бугарија и Романија, учествуваше на Министерскиот состанок „Коридор VIII во стратешкиот момент на Европа: Поврзаност, отпорност преку воена мобилност и споделен просперитет преку интеграција“.
Состанокот се реализираше како продолжение на инаугуративната сесија одржана во Бриндизи, Италија, на 27 јули 2023 година. Во фокусот на разговорите беа актуелните инфраструктурни проекти што се операционализираат долж Коридор VIII, предизвиците во нивната реализација, како и потребата од засилено политичко внимание и координација.
Министрите констатираа дека постои заедничко разбирање оти Коридор VIII треба да функционира како еден прекуграничен систем, а не како серија одвоени национални проекти што запираат на следната државна граница. Беше нагласено дека коридорот претставува стратешка врска меѓу Јадранското и Црното Море и дека во актуелниот геополитички контекст поврзаноста претставува елемент на отпорност и сила.
Во своето обраќање, Муцунски ја истакна важноста од целосно вклучување на сите клучни актери, нагласувајќи дека улогата на Италија како значаен фактор на Јадранот и на Романија како клучна држава на Црното Море и во регионалната економија е суштинска за Коридор VIII да стане вистинска европска врска од почеток до крај.
Осврнувајќи се на националните обврски, Муцунски потенцираше дека државата, како централна точка на коридорот, останува целосно посветена на неговата реализација. Како значаен исчекор беше посочено потпишувањето на договорот со Бугарија за прекуграничниот железнички тунел во ноември 2025 година. Првата железничка делница на источниот дел е завршена, втората е во изградба, а работите напредуваат и на третата. Во патниот сегмент, целта е целосна автопатска и експресна поврзаност од Ќафасан до Деве Баир до 2029 година.
Дополнително, беше истакната и енергетската димензија на коридорот, како и потребата од усогласување на процедурите, граничното управување и олеснувањето на трговијата, со цел новата инфраструктура да биде придружена со модерни и ефикасни стандарди. Посебен акцент беше ставен на искористување на европските финансиски инструменти, вклучително и следната програма „Connecting Europe Facility“, за забрзување на имплементацијата и обезбедување конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите.
Соговорниците се согласија дека фокусот во наредниот период треба да биде на реализација на финансиски одржливи проекти, координирана прекугранична имплементација и одржување на еднаков интензитет на реализација долж целата траса на Коридор VIII.

