Македонија
(Видео) Шахпаска на меѓународната Коалиција за еднакви права: Градиме општество без предрасуди
Република Северна Македонија е држава во која принципот на еднаквост и недискриминација се применува во сите области од општественото живеење: социјалната заштита, здравството, образованието, работните односи и правосудството. Почитувањето и унапредувањето на човековите права и слободи е наш приоритет како Влада, истакна министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, во видеообраќањето на виртуелната конференција организирана од меѓународната Коалиција за еднакви права, во која членува и нашата земја.
Во насока на креирање политики и преземање активности за справување со дискриминацијата во државата, министерката Шахпаска ги посочи двата закона што неодамна беа донесени во нашата држава.
„Минатата година во октомври го донесовме Законот за спречување и заштита од дискриминацијата, во кој првпат како основ за дискриминација се дефинирани сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Формиравме национално координативно тело за недискриминација и еднаквост, со цел промовирање на концептот за недискриминација и еднакви можности, како и следење на состојбите на ова поле во сите сфери на општественото живеење“, рече Шахпаска.
Таа посочи дека оваа година вторпат се одржа Парадата на гордоста со поддршка на владините институции и граѓанскиот сектор. Сето тоа придонесе Република Северна Македонија да се искачи 12 места погоре во однос на минатата година на картата на Rainbow во однос на елиминирање на дискриминацијата на ЛГБТ-лицата во нашата држава.
„Убавината на мозаикот ја прават различностите. Градиме општество што се темели на еднаквост, слобода и правда. Нашата цел е секој да се чувствува слободно во избор на својата ориентација, професија, остварување на својата визија. Општество што ќе интегрира, а нема да дискриминира. Градиме општество без предрасуди. Општество во кое секој граѓанин ќе го прави својот избор“, порача Шахпаска.
Оваа конференција претставуваше подготовка во креирање глобална стратегија за еднакви права на ЛГБТИ-заедницата, на која учествуваа и министри од други земји, како и граѓански организации, информираат од кабинетот на Шахпаска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

