Македонија
(Видео) Шахпаска: Членовите на Комисијата за спречување дискриминација ќе се бираат по примерот на Антикорупциска
Денеска во владина процедура Министерството за труд и социјална политика ќе го достави предлог – законот за спречување и заштита од дискриминација, соопшти министерката Јагода Шахпаска.
Таа нагласи дека станува збор за закон кој на општеството му е неопходен и кој, како што рече, еднаш ги помина сите филтри – и во владина и во собраниска процедура и кој е целосно усогласен и работен во соработка со невладиниот сектор.
„За жал, поради одредени претходни пропусти, Уставниот суд на 14 мај оваа година го укина Законот за спречување и заштита од дискриминација. Ова е предлог-закон кој го пуштаме во владина процедура веднаш по преземањето на функцијата, затоа што не смееме да дозволиме граѓаните на оваа држава да бидат без заштита од дискриминација по кој било основ.
Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминацијата го предлагаме во речиси идентична форма, како онаа што беше изгласана во Собранието и која беше целосно усогласена со правото на ЕУ и меѓународните стандарди. Сакам да нагласам дека за ова законско решение беше добиено позитивно мислење од Венециската комисија, како и од сите граѓански организации кои работат во областа на човековите права.
Единствена измена е во постапката и начинот на избор на членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, којашто предлагаме да се бира на транспарентен и отчетен начин, по примерот на изборот на членовите на Државната комисија за спречување на корупција“, изјави Шахпаска.
Измените предвидуваат членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација да ги предлага посебна Комисија за селекција, составена од седум члена – по два пратеника од власт и од опозиција и тројца претставници од граѓанското општество, наместо тие да бидат на предлог на собраниската Комисија за избори и именувања.
И овие последни измени се направени во консултација со невладиниот сектор.
Предлог-законот обезбедува принцип на еднаквост во заштитата од дискриминација и во остварување на човековите права и слободи.
Преку овој предлог-закон се доближуваме до меѓународните стандарди усвоени од ООН и Европската Унија, а нашите граѓани добиваат соодветна правна заштита и општество кое ги негува различностите и овозможува еднакви услови за развој за сите, заклучи Шахпаска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Бутел утре без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
(Видео) Се уриваат дискотеките во Градски парк, ќе се гради нов Луна парк
Старите дискотеки во Градскиот парк во Скопје ќе бидат урнати, а на нивно место ќе се изгради нов Луна парк, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Уривањето на дискотеките и расчистувањето на просторот веќе е започнато, а нема најава кога ќе почне изградбата на новиот Луна Парк.
Ѓорѓиевски објави видео на кое, како што вели, се отстрануваат старите бесправно изградени дискотеки, со што локацијата се подготвува за реализација на проектот – изградба на Луна паркот во Скопје.
„Ред мора да има! Се расчистува просторот за изградба на луна паркот. Старите бесправно изградени дискотеки во Градскиот парк заминуваат во историјата. Како што ветив, најдоброто за Скопје“, напиша тој.
Македонија
АХВ нема да постапува по анонимно поднесени претставки
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги информира физичките и правните лица дека согласно член 62 став 3 од новиот Закон за инспекциски надзор, кој е во сила од 01.01.2026 година, инспекциските служби на АХВ нема да постапуваат по анонимно поднесени иницијативи за спроведување на инспекциски надзор за прашања од делокруг на работењето на институцијата.
Постапувањето по иницијативите кои се уредно поднесени ќе се реализира согласно Процедурата за постапување по иницијативи за инспекциски надзор на АХВ.
Иницијативата може да се поднесе директно до АХВ преку контакт формата Поднесете претставка објавена на интернет страната на Агенцијата, електронски на [email protected], [email protected], како и лично во секоја подрачна единица на АХВ, на соодветен образец за поднесување иницијативи.
„Иницијативата задолжително треба да содржи назив на инспекцијата до која се поднесува, име, презиме и адреса на подносителот, односно, назив и седиште на правното лице, законски застапник или полномошник доколку го има, краток опис на повредата и назначување на субјектот кај кој се бара вршење на инспекциски надзор.
Доколку поднесената иницијатива е нецелосна или нејасна, таа ќе се врати до подносителот кој треба да ја прецизира/дополни во рок кој не подолг од 7 дена. Доколку подносителот не ја дополни иницијативата во определениот рок ќе се смета дека истата е повлечена“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

