Македонија
(Видео) Шилегов: Нема да дозволиме на кејот повторно да никне дива населба и да стане депонија
Екипите на Град Скопје во соработка со општествено одговорни компании веќе два дена темелно ги отстрануваат остатоците од дивата населба под скопското Кале, која почна да се расчистува во големата акција на администрацијата за чистење на градот во текот на минатиот месец. Градоначалникот Шилегов денеска најави засилени инспекции и казни за сопствениците на приватни имоти, кои ќе дозволат на нив да се создаваат диви населби и депонии.
„На ова место со децении имаше дива населба во која живееја бездомни лица, а која беше претрупана со отпад и беше извор на аерозагадување. Во текот на овој месец успеавме да не дозволиме на ова место повторно да се населат бездомни лица, кои се згрижени во капацитетите на Министерството за труд и социјална политика. Од вчера заедно со општествено одговорните градежни фирми, кои соработуваат со Град Скопје, на моја молба почна целосно и темелно расчистување на оваа локација. Досега во текот на овие два дена имаме подигнато над 500 кубни метри смет. Јас очекувам дека во наредните десетина дена ќе завршиме со расчистување на овој терен. Интересно е што ова место што го чистиме е всушност приватна сопственост и целиот овој потег на левата страна на Вардар, почнувајќи од хотелот „Александар палас“ па сè до мостот „Гоце Делчев“, е поранешно државно земјиште кое им е продадено на приватни физички и правни лица. Ова е последен пат Град Скопје овде да интервенира. Кога ќе ја доведеме состојбата во ред, ќе ги задолжиме сопствениците на одржување и ќе бидеме ригорозни во изрекување казни ако не ја одржуваат сопственоста чиста. Сите сопственици се писмено известени, а ја користам и оваа можност јавно да ги известам за да немаме недоразбирања. Навистина не мислам дека треба да правиме компромис, доколку некој го купил ова земјиште, тој треба и да го одржува и да не дозволува на него да се случуваат вакви работи“, рече Шилегов.
Тој упати благодарност до сите општествено одговорни компании што се вклучија во оваа акција за расчистување и изрази уверување дека сликите што ги гледавме во минатото повеќе во овој град нема да се повторуваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче обвинува дека власта удрила и по средните винарии
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во денешната изјава од Моклиште, Кавадраци, нагласи дека со новите критериуми за добивање субвенции владата директно ги оштетува средните винарии, а новите правила за субвенции одат во прилог на само неколку големи компании.
„Средните винарии имаат обврска да продадат, 30% од грозјето на најголемите една или две винарии, со цел да воопшто стигнат до субвенција. Сето ова оди во прилог на потребите на само една или две големи винарии. Лозарите, тие кои мака мачат на сонце на лозовите насади, малите винари, средните винари, сите се намерно оштетени, намалени им се парите или воопшто нема да можат да ги земат, што е една катастрофа за овој регион“, рече Филипче.
Тој додаде дека во новата Програма за субвенции во земјоделството и парите се скратени и условите за добивање субвенции се усложнети.
„Владата ја намалува и Програмата за субвенции во земјоделството во целост. Од 140 на 100 милиони евра. Значи за цела третина, помалку пари, кај сите сектори во земјоделството, сточарството, лозарството, поледелството, овоштарството и нема да имаат овие земјоделци доволно поддршка од државата како што тоа го имаше во времето на владата на СДСМ“, рече Филипче.
Во изјавата Филипче нагласи дека лозарите не можат да очекуваат позитивни вести кога станува збор за поддршката од државата.
„За жал, сметам дека лозарите оваа година немаат да има добри вести во однос на тоа што значи поддршка од страна на владата за развој на овој сектор. Овој сектор земјоделството во мало го означува пристапот на оваа власт генерално во државата. Кражба, пљачка и незаинтересираност за луѓето.Жалам, но оваа власт не се грижи за граѓаните, за државата“, рече Филипче.
Македонија
Градоначалникот Ќура ангажирал фирма што ќе утврди зошто е загадена водата во Струга
Градоначалникот на Струга, Менди Ќура, најави дека на 16 февруари приватна институција од Скопје ќе ги утврдува причините за загадувањето на водата во градскиот водовод, која тој лично ја ангажирал.
Тој изјави дека Општината презема мерки за надминување на проблемот поради кој жителите веќе една недела не можат да ја користат водата, која од чешмите тече заматена и со темнокафеава боја, поради што е забранета за пиење и употреба.
Македонија
Јаневска: Јавната дебата за Законот за високо образование не е завршена
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека јавната дебата за Законот за високо образование сè уште не е завршена и дека Министерството очекува официјални забелешки од универзитетите.
Одговарајќи на новинарско прашање на традиционалната прослава по повод празникот Свети Трифун на Опитното поле на Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Јаневска рече дека сѐ уште не е завршена јавната дебата и најави дека од следната недела, по договор со универзитетите, Министерството ќе оди во нивна посета на јавна расправа.
– Сè уште не е завршена јавната дебата, сè уште очекуваме забелешки. Ние добиваме на ЕНЕР, добиваме и преку мејлот, но очекуваме и универзитетите официјално, на било кој пат, да ги достават своите интегрирани забелешки, бидејќи делот не се повторува. Сè што сметаме дека е разумно ќе биде прифатено. Сè што сметаме дека можеби ќе претставува проблем ќе биде дискутирано. Тоа значи средба на Министерството за образование и наука со сите професори кои ќе сакаат да присуствуваат на јавната расправа, каде што ќе ги дискутираме спорните членови, и гледам дека во најголем број нема никакви забелешки. Спорни остануваат неколку членови за кои треба да се договориме и да дискутираме, рече Јаневска.
Вели Македонија веќе нема време за просечни и потпросечни резултати.
– Потенцирам, ние веќе немаме време да си играме со образование и наука. Немаме време за просечни и потпросечни резултати кои нè доведуваат во оваа ситуација. Мора да тргнеме напред. Министерството и законски и финансиски поддржува напредок, рече Јаневска.
На традиционалната прослава, претходно, Јаневска им го честиташе празникот на граѓаните, особено на земјоделците, лозарите и овоштарите, и изрази поддршка за Факултетот за земјоделски науки и храна.
– Ние, како Влада, ќе ги поддржуваме ваквите проекти и ваквата активност, бидејќи цениме дека немаме веќе време за просечни и потпросечни резултати, рече Јаневска.

