Македонија
(Видео) Шилегов ќе го гради мостот во Аеродром, нереализиран проект на Трајановски
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, ќе го гради мостот со должина 120 метри што е дел од изборната програма на неговиот претходник Коце Трајановски. Станува збор за нова сообраќајница што ќе ги поврзува Аеродром, Гази Баба и Центар. Од Ново Лисиче до Саем, според Шилегов, ќе се патува пет минути. Целосниот проект ќе чини 16 милиони евра, од кои половина средства ќе бидат за изградба, а другата половина за експропријација. Сумата на чинење за изградба е за 3 милиони евра повеќе од пресметката на Коце Трајановски.
„За овој проект никој во Градот Скопје ја немаше изготвено ниту основната планска документација. Планирано е градежните активности да почнат во септември. Треба да се отстранат 100 објекти, а постоеше и алтернативен начин, со договор меѓу општините да се изгради сообраќајница за која ќе требаше да се експроприраат 20 објекти. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Градот Скопје не учествуваа во донесувањето на оваа одлука, а советот во Гази Баба одби да го ратификува договорот“, вели градоначалникот Шилегов.
Проектот предвидува да се поврзат со мост булеварот Асном, хотел „Русија“, преку Вардар и низ населбата Керамидница до раскрсницата кај Скопски саем. Освен мостот, Шилегов најави градба на нов булевар во должина од 2.170 со пет вкрстувања, со шест коловозни ленти, велосипедски и пешачки патеки.
Градбата на овој коридор беше предвидена со изборната програма на Коце Трајановски „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобро Скопје“, а требаше да биде изграден до 2015 година. Градоначалникот Петре Шилегов предвидува дека мостот ќе биде завршен до септември 2020 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска посебен режим на сообраќај во Скопје
Денеска од страна на Сојузот на синдикати на Македонија ќе биде одржан протест пред Собрание на Македонија на улицата „11-ти Октомври“ и улицата „Даме Груев“ и доколку се појави потреба од пренасочување, сообраќајот ќе биде пренасочен по околните сообраќајници.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.

