Македонија
(Видео) Шутаров: Состојбата со сметот во Скопје е крајно сериозна, предлагаме повеќе мерки
Состојбата во градот е крајно сериозна, или крајно сериозно ќе ѝ пристапиме или на крајот на мандатот ќе немаме ниту град, ниту институции, ниту јавни претпријатија, порача советникот од СДСМ во Советот на Град Скопје, Гордан Шутаров.
„Скопје ова не го заслужува, а најмалку од сè што може да направи и градоначалникот на град Скопје, но и мнозинството во Светот на Градот, предводено од ВМРО-ДПМНЕ, е да излезат јавно и да им се извинат на граѓаните бидејќи дозволија да се случат вакви ситуации“, истакна советникот од СДСМ, Гордан Шутаров, на денешната вонредна седница на Советот иницирана по барање на советниците од СДСМ.
Шутаров нагласи дека однесувањето на надлежните во ЈП „Дрисла“, кои не дозволија да се истовари веќе собраниот смет, е недозволиво исто како што е недозволиво истурањето смет на јавна површина од страна на градоначалниците на ДПМНЕ.
Шутаров предложи повеќе краткорочни и долгорочни мерки за справување со состојбата предизвикана од хаосот со сметот и во ЈП „Комунална и хигиена“, меѓу кои за вклучување на сите претпријатија во чистењето за редовно миење и чистење на сите улици и сообраќајници во град Скопје, дезинфекција и дезинсекција на контејнерите и на сите места каде што се наоѓаат контејнерите и нивната околина, како и итна набавка на 5 нови камиони и механизација за собирање смет и отпад и на 5 нови модерни еколошки чистачи на улици и сообраќајници.
Шутаров упати повик до сите државни и надлежни институции детаљно и до крај да ги испитаат сите наводи, кои се наведени во поднесените кривични пријави и во кривичните пријави што допрва ќе се поднесуваат, детаљна проверка на договорите за вработување за лицата за кои има сомнеж дека не се појавуваат на работа и остваруваат право на плата, одговорност за сите кои директно и индиректно учествувале во креирањето на ваквите состојби во ЈП „Комунална хигиена“, проверка на состојбите со договорите за вработување и во другите ЈП во соработка со надлежните државни институции, ревизија на работата членовите на УО и НО на ЈП „Комунална хигиена“, ревизија и формирање работно тело за надзор на работата на ЈП, редовни и чести координации меѓу градоначалникот на град Скопје, претседателот на Советот и координаторите на советничките групи, како и соработка на ЈП за надминување на состојбите во градот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„14 пратеници“, обзнанија Таравари и Хасани: Коалицијата „Вреди“ добила пратеник повеќе во однос на Европскиот фронт по прегласувањето
По прегласувањето на избирачко место во Општина Желино, кое е во рамки на изборната единица 6, според претставникот на „Вреди“, Башким Хасани, коалицијата „Вреди“ добила близу 500 гласа, а за „Европскиот фронт“ гласале 48 избирачи.
Коалицијата „Вреди“ доби еден пратеник повеќе за сметка на пратеник на „Европскиот фронт“ со прегласувањето во шестата изборна единица, изјави Хасани.
„Кога се гласа без притисоци, без кражби и без многу манипулации резултатот е тој, или во случајов, коалицијата ‘Вреди’ го добива 14 пратеник“, рече претставникот на коалицијата „Вреди“.
Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК) за излезеноста на седумте избирачки места на кои денеска имаше прегласување за парламентарните избори, на избирачкото место во Општина Желино, едиствено на кое се прегласува во шестата изборна единица, до 18:30 часот гласале вкупно 546 избирачи.
Претставниците на Коалицијата „Вреди“ Арбен Таравари и Башким Хасани на социјалните мрежи го напишаа бројот 14 со што алудираат на уште еден пратеник во коалицијата.
Коалицијата „Вреди“ на парламентарните избори на 8 мај, имаше 13 пратеника, а коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ доби 19 пратенички мандати.
Македонија
55,10 проценти била излезноста, на половина час пред затворањето на гласачките места соопшти ДИК
Од вкупно запишани 4.514 гласачи на седумте избирачките места на кои се прегласува за Парламентарните избори, до 18.30 чaсот гласале 2.487, односно 55,10 отсто, соопшти Државната изборна комисија
Во ИМ 2101 во Желино гласале 546 гласачи односно 54,98%.
Во ИМ 1194 во Крушево, гласале 325 гласачи односно 69,30%.
Во ИМ 1202 во Крушево, гласале 99 гласачи односно 33,22%.
Во ИМ 1272 во Охрид, гласале 356 гласачи односно 50,07%.
Во ИМ 1470 во Долнени, гласале 365гласачи односно 55,47%.
Во ИМ 1470/1 во Долнени, гласале 324 гласачи односно 51,27%.
Во ИМ 1844 во Струга, гласале 472 гласачи односно 62,68%.
Во споредба со гласањето на 8 мај 2024, до 18:30 часот, на ова прегласување била забележана зголемена излезеност за 1,08% на овие избирачки места.
Македонија
Левица: Осквернавено срцето со македонското знаме во Гостивар
Пред неколку дена, по повод Денот на македонското знаме, 15 мај, како и по повод 24 Мај – празникот на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј, срцето од натписот со името на градот Гостивар беше симболично променето во македонското знаме со букви на глаголично и кирилично писмо, се истакнува во реакцијата на Левица.
„Но, за жал, можеби, и очекувано во ситуација на континуирана необалистичка реторика од страна на политичките партии од страна на т.н „албанскиот блок“, срцето на кое во понеделникот беа насликани македонското знаме и букви од кирилицата и глаголицата е осквернавено со илустрации и графити кои се со екстремно навредлива содржина.
Сквернавење кое, дури и да не е извршено од нив, претставува директна последица на големоалбанската и антимакедонската пракса, на целосно непочитување на државните македонски инсигнии (Знаме, Грб и Химна), како и глорификација на инсигниите на фашистичката творба – Голема Албанија која е практикувана од страна на т.н. „албанската“ политичка елита“, велат од оваа партија.
Ја потсетуваат јавноста дека политичката партија Левица во својата програма се залага за: воведување на Државен инспекторат за инсигнии кој ќе биде надлежен за контрола и надзор над правилната употреба на државните симболи (грбот, знамето и химната) од страна на државните органи, општините и приватните субјекти.