Македонија
(Видео) „Јадам леб и шеќер за да има за децата“, четиричлено семејство преживува со 5 илјади месечно
Трајче Конески и Моника Антевска, невенчани родители на 9-годишниот Бојан и 17-месечната Величе, секојдневно водат борба за егзистенција. На 38-годишниот Трајче пред 5 години му се дијагностицирани дископатија и дискусхернија, но принуден е да работи 14 часа на ден за да донесе парче леб за своето семејство. Конески работи во градежна фирма каде што зема минимална плата од 12 илјади од кои 7 веднаш му ги одземаат извршителите и банките, па така ова четиричлено семејство се бори за живот со 5 илјади денари месечно.
„На работа сум 14 часа, јадам леб и шеќер за да остане за нив. Излегувам дома во 15 часот, се враќам утрото во 8 часот. Третиот и четвртиот прешлен ми се набиени, а главниот нерв за цела десна страна ми е заглавен помеѓу прешлените. Доколку ногата малку повеќе ја оптоварам, ми се укочува цела десна страна и тоа трае цел час, не можам да се движам“, вели низ солзи Конески.
9 –годишниот Бојан, пак, исто така е дијагностициран откако, по совет на педагогот од основното училиште каде што учи, неговиот татко Трајче го однел во Домот за ментално здравје на деца и младинци „Младост“. „Детето исто го носиме по болници, од училиштето го пратија во Заводот за ментално здравје на деца и младинци, има заостаток во развојот на мозокот, не може многу да памти, брзо заборава“.
Бојан секој ден петчасовната наставата ја слуша со празен стомак бидејќи неговите родители не се во можност да му обезбедат пари за пристојна ужина. „Дете како дете, си бара, треба да му дадеш пари барем за ѓеврек. Еве овие денови наутро до 12 часот е само на смоки. Сакам да му пружам повеќе, но, за жал, не можам“, вели Моника.
Условите во кои живее ова четиричлено семејство се катастрофални, куќата тукушто не паднала, а долниот кат, каде не живеат, како и поткровјето се полни со стаорци од кои понекогаш не можат ниту да заспијат.
„Куќата е целата во распаѓање, има глувци и стаорци, од нив не можеме да избегаме, навечер не можеме да спиеме од вревата што ја прават околу нас на кровот и на првиот кат. Ѕидовите се испукани, треба да се реновира, но нема пари. Едниот ѕид е оштетен од земјотресот и може да падне, а ако се случи тоа, целата куќа ќе се сруши“, вели Конески.
Ова семејство живее без социјална помош, мајката на Бојан и Величе, Моника Антевска, вели дека се обратиле до социјалните служби од каде добиле одговор дека не можат да земат социјална помош поради тоа што не се венчани со Трајче, а другата документација Моника не може да ја набави поради финансиската состојба во која се наоѓаат. Во колку тешка состојба се наоѓа ова семејство покажува и фактот што немаат доволно храна за целиот месец, а немаат ниту средства за лична хигиена.

„За храна нема доволно во месецот, имаме храна само за една недела, потоа се снаоѓаме, јадеме што ќе најдеме. Средства за лична хигиена немаме, со 5 илјади што попрво да се купи. Треба и сметките да ги платиме. Социјално не можам да земам бидејќи не сме венчани со Трајче и личната карта ми е на адреса во Куманово, а не во Скопје. Процедурата е голема, треба да се вади извод и други документи, а немам средства тоа да го направам“, вели Антевска.
Покрај секојдневните проблеми, на Антевска дополнителна тешкотија ѝ прави чирот на желудникот, кој го има подолг период. Таа била на доктор за ова од каде ѝ биле дадени одредени лекарства кои воопшто не ѝ се од помош. „Бев на лекар, но не ми помогнаа ништо, пробав многу лекарства, но не беа од помош. Болката сè уште е присутна, секој ден ме боли, некогаш и крв плукам. Што ќе се прави понатаму, не знам“, вели Антевска.
17-месечната Величе и 9-годишниот Бојан заедно со своите родители ги повикуваат сите добронамерни и хумани луѓе да им помогнат без разлика дали со финансиски или материјални средства, бидејќи секоја помош е добредојдена.
Жиро сметка: 250015000332990, Трајче Конески, Шпаркасе банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

