Македонија
(Видео) Јанушев: Криминал е кога директорот братучед на сопругата ќе даде тендер на братучедот на генералниот секретар на Влада, а Шилегов ќе аминува
Роднинската струмичка тендерска спрега во Дрисла открива сомнеж за криминал. Практично град Скопје и Петре Шилегов се ставени на услуга на струмичкото бизнис лоби на Заеви и во 4 очи сред криза со корона склучува договори од 12 милиони денари, обвини генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
„Веќе трет ден молчат Петре Шилегов и Коста Начевски – директорот на Дрисла, како и на кој начин ја одбрале фирмата Алпима ТИМ ДООЕЛ Струмица на Александар Пиперевалиев за милионскиот тендер за градежни машини во ЈП Дрисла. Трет ден гледаме само молк и бледи соопштенија што уште еднаш потврдува дека ја кријат поврзаноста меѓу себе и сакаат овој тендер во оваа вонредна состојба да помине незабележан од јавноста.
Ова се вика профитерство на криминално-рекетарската банда на власт во услови на корона. Сопственикот на фирмата која го доби тендерот е близок до семејството Заеви и е близок со Драги Рашковски, додека пак директорот на ЈП Дрисла е прв братучед на сопругата на Драги Рашковски. Очигледно е влијанието на овие ликови, за токму фирмата на Пиперевалиев да го добие овој тендер.
Додека во Македонија бизниси пропаѓаат поради корона кризата, Шилегов преку Дрисла наградува со тендер од 12 милиони денари фирма блиска до Заеви. Ова е класичен начин на испумпување на парите на граѓаните преку блиски фирми на власта, да не речам нивни. Да имаа грам морал и доблест денес веќе првите луѓе во градот Скопје и Дрисла поради тендерот во 4 очи ќе ги напишеа своите оставки, а ОЈО ќе испитуваше криминал. Уште еднаш ги повикуваме надлежните институции да го испитаат случајот.
Доколку тоа не го направат сега, многу набрзо ќе има ревизија на сите вакви тендери за кои има сомнеж дека се наместени, а верувајте ги има многу“ порача Јанушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски ќе урива дивоградби низ Скопје, се чисти депонијата кај гробиштата во Бутел
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави засилени мерки против дивите депонии и дивопоставените објекти низ градот, потенцирајќи дека „ред мора да има“. Тој информира дека по третпат се чисти депонијата во близина на гробиштата во Бутел, додека паралелно ќе се постапува и против узурпацијата на јавниот простор.
Ѓорѓиевски изјави дека просторот со години бил запуштен и дека станува збор за место кое мора да биде достоинствено уредено, особено во пресрет на верските празници кога граѓаните масовно ги посетуваат гробиштата.
– Ова е трета акција за чистење откако сум градоначалник. Во изминатите четири дена повторно се спроведува расчистување во координација со Општина Бутел. Наместо средствата да ги насочиме кон развој и изградба, ние повторно трошиме ресурси – луѓе, камиони и механизација, за истата намена – изјави тој.
Како претседател на ЗЕЛС, побара итно донесување на законските измени за комунална полиција, со кои се предвидува и зголемување на глобите.
– Мора да се воведе ред и во овој сегмент. Казните треба да бидат повисоки за конечно да се стави крај на несовесното однесување – порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави дека следува и поинтензивна акција против дивопоставените објекти кои узурпираат јавен простор, велосипедски и пешачки патеки, зелени површини и други јавни зони.
– Граѓаните 30 години бараат ред. Ред ќе има. Знам дека некој нема да го прифати тоа позитивно, затоа што му се нарушува комодитет кој му бил дозволен на грбот на градот и граѓаните – рече тој.
Посочи дека постојат објекти поставени без никаква документација, па дури и во близина на здравствени установи.
– На Бит Пазар има објект поставен на велосипедска и пешачка патека, невозможно е да се функционира. Тој ќе биде отстранет. Секаде каде што имаме узурпација на државен простор ќе постапуваме – истакна градоначалникот.
Според него, целта е изградба на систем во кој правилата ќе важат еднакво за сите.
Македонија
Апасиев: Левица ќе и поднесе кривична пријава на Цвета Ристовска
Партијата Левица соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против Цвета Ристовска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, откако таа поднесе оставка од функцијата.
Лидерот на партијата, Димитар Апасиев, преку објава на социјалните мрежи наведе дека правниот тим на Левица подготвува пријава поради, како што тврди, лажирање податоци во анкетен лист со цел прикривање фирми поврзани со нејзини блиски.
Тој посочи дека, според нив, станува збор за кривично дело утврдено со Кривичниот законик и додаде дека доколку не биле објавени серија скандали, Ристовска сè уште ќе ја извршувала функцијата.
Апасиев истакна дека партијата ќе продолжи со откривање случаи на корупција и ги повика граѓаните кои располагаат со докази против функционери да ги достават до нив, ветувајќи дискреција и поведување правни постапки без оглед на политичката припадност на инволвираните.
Македонија
Ја давел и ја претепал бремената партнерка, се спасила откако го убедила да ја носи на лекар, па побегнала додека стоеле на семафор
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж осомничен за кривично дело Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по пријава за семејно насилство извршено врз неговата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
Според Обвинителството, насилството се случило во домот на улицата „Рајко Жинзифов“ во Скопје, каде по расправија осомничениот започнал физички да ја напаѓа жената, удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. На оштетената ѝ биле нанесени гребаници, отоци и хематоми.
Додека жртвата викала и барала помош со намера да ја слушнат соседите и да повикаат полиција, осомничениот, според наводите, станувал сè поагресивен и продолжувал да ја удира, а во еден момент ја притиснал со раце за врат со цел да ја замолчи.
За да се спаси и да излезе од домот, жената го убедила осомничениот да заминат на гинеколошки преглед и да направат ехо на бременоста. Додека се движеле со автомобил и возилото застанало на семафорите на булеварот „Св. Климент Охридски“, таа успеала да избега и да влезе во блиско кафуле, каде побарала помош. Со позајмен мобилен телефон веднаш ја известила полицијата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост, кои вклучуваат обврска осомничениот повремено да се јавува кај надлежен орган, привремено одземање на патна исправа, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетената.

