Македонија
(Видео) Јанушев: Со зголемување на акцизата, Владата на Заев директно удира врз народот

Владата на Заев во услови на пандемија спроведува, она што западниот свет го нарекува кронизам, токсично пријателство помеѓу бизнисот и владата поради профитирање на сметка на пандемијата на корона, обвини генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
Според него, тоа што во време на војна се нарекува воено профитерство, сега во услови на пандемија на корона се нарекува кронизам.
„Кронизам е кога владата ќе удри по грбот на граѓаните и ќе најави одлука за зголемување на акцизата на нафтата. Тоа значи дека Зоран Заев и Владата директно ќе земат пари од џебот на граѓаните за да се пополни буџетската дупка, потег од кој ќе се обогатат мал број тајкуни. Впрочем, со оваа мерка имаме враќање на криминалната транзиција на СДСМ.
Тогаш се богатеа малкумина на грбот на граѓаните, а мнозинството осиромашуваше, денес повторно Заев и СДСМ преку зголемената акциза собираат пари од граѓаните за да се збогатат малкумина. Во транзицијата се затвораа фабрики и луѓето остануваа без работа. И денес се прави истото.
ВМРО-ДПМНЕ не поддржува воено профитерство, односно кронизам што ќе донесе зголемување на акцизата на нафта, а со тоа и директно зголемување на цената на многу продукти и поскап живот.
Владата ризикува инфлација и поскап живот на граѓаните. Цената на нафтата допрва ќе расте на светската берза и ако на ова се придодаде и зголемување на акцизата, што ќе ја направи Владата на Заев, тогаш ќе имаме европски цени на нафта во услови на неевропски стандард.
Затоа, бараме веднаш да се повлече од намерата за покачување на акцизата, која ќе донесе поскап живот и сиромаштија на граѓаните. Не смееме да дозволиме враќање на транзицијата, каде што едни ќе се богатат, а други уште повеќе ќе осиромашуваат“, истакна Јанушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Кузеска: Властa ја пропушти шансата за фер изборен законик

Жалиме што власта ја пропушти шансата да се обезбеди изборна рамка која е фер, праведна и прифатлива за сите, изјави портпароката на СДСМ, Богданка Кузеска за изборниот законик.
„Пред ЗКП направивме координација и сите партии освен ДУИ поддржаа 0,5 за независните. Се ризикува изборите да се претворат во хаос. Мора многу внимателно да се разгледаат сите правни аспекти. Жалиме што се пропушти шансата да се стави рамка која беше добра и прифатлива за сите“, изјави Кузеска одговарајќи на новинарско прашање.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС да го праша Филипче дали се живее лошо во Македонија и од каде му се парите за забави на јахта со Заев

СДС пред да зборува за економските политики и за тоа како се живее во државата, нека го праша Филипче како живее, бијдеќи тоа што го збори СДС, а Филипче го прави не соодветствува едно со друго, реагира ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на која СДСМ побара покачување на минималната плата и платите во сите сектори.
„Нека каже Филипче како со лекарска и пратеничка плата, се стига до јахти, облакодери и акции во авиокомпании, па да ја раководиме економијата на државата во тој правец. Секако, ако е легално и законски начинот на кој ги заработил парите.
Кога се зборува за економија и животен стандард, СДС треба да се скрие и да молчи. Од земја на раб на банкрот, зголемени сметки, плати кои стагнираат и не се исплаќаат во време на СДС, за една година го сменивме начинот на живеење. Сега, граѓаните имаат повисоки плати, пензии, нови работни места, земјоделците добиваат субвенции.
Разликата е јасна. Со СДС се крадеше, а сега со ВМРО-ДПМНЕ се градат темелите на промените“, се додава во партиската реакција.
Македонија
(Видео) Владата да ја покачи минималната плата на 500 евра, порача СДСМ

Филмските изјави на премиерот Христијан Мицкоски за наводен раст на платите од 11 до 13 проценти месечно се најголемо потценување и навреда за граѓаните, обвини портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Мицкоски сака да каже дека платите во последните месеци пораснале и до 110 проценти. Такви фантазии не постојат во македонската економија. Реалноста е спротивна – цените растат, а платите стагнираат“, рече Кузеска.
Таа посочи дека според официјалните податоци синдикалната кошница за четири месеци се зголемила за 3.473 денари, додека просечната плата пораснала за само 1.033 денари.
„Минималната плата во Македонија е најниска во регионот, додека во БиХ е 511 евра, во Србија 500, во Црна Гора меѓу 600 и 800 евра. Владата на Мицкоски не дозволува минималната плата да достигне 500 евра“, изјави таа.
СДСМ оценува дека Македонија тоне во сиромаштија, со БДП по глава на жител од 8.751 долар, далеку под европскиот просек.
„Филмовите на Мицкоски не ја плаќаат потрошувачката кошница. Владата мора веднаш да ги покачи платите и да го прифати предлогот на СДСМ за минимална плата од 500 евра и покачување во сите сектори“, додаде Кузеска.