Македонија
(Видео) Јанчева: Универзалната сала стои нечепната, да се прифати одлуката на Советот за преземање

Универзалната сала, симболот на солидарноста на Скопје, како и низа други проекти почнати од минатата локална власт на СДСМ, 20 месеци стојат во место, истакна Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ.
Според неа, иако државата има обезбедено пари, 120 милиони денари или 2 милиона евра, Универзалната сала не е чепната една и пол година.
„Неспособноста на локалната власт на ДПМНЕ во Скопје создаде хаос и нема реализирано ниту еден проект. СДСМ, иако е опозиција во Советот, продолжува да работи за доброто на Скопје, за доброто на граѓаните. Советот на Град Скопје ја прифати иницијативата на советничката група на СДСМ за предавање на ингеренциите за проектот за реконструкција на Универзалната сала на Министерството за култура. Сега на потег е градоначалничката на град Скопје, која во рок од 7 дена треба да ја подготви одлуката“, додаде таа.
СДСМ, како што рече, апелира да се прифати оваа одлука на Советот и реконструкцијата на Универзалната сала да ја преземе Министерството за да може овој значаен проект да биде завршен.
„Универзалната сала е симбол на Скопје, симбол на солидарноста и по реконструкцијата, таа треба да им се врати на граѓаните како важен репрезентативен објект во главниот град“, потенцира Јанчева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Улица во Кисела Вода денес без струја

Корисниците на улицата Кумановска во општина Кисела Вода денес ќе останат без електрична енергија во периодот од 12:00 до 15:00 часот, информираат од ЕВН Македонија АД.
Прекинот е најавен поради технички зафати на дистрибутивната мрежа.
Македонија
Денес сончево и топло, од четврток промена на времето

Утрото ќе биде ведро и посвежо, а преку денот се очекува претежно сончево и топло време, со слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од 6 до 14 степени, додека максималните ќе достигнат од 27 до 33.
Во Скопје ќе преовладува сончево време, со утринска температура до 12 и дневна до 33 степени, информира УХМР.
До среда ќе се задржи стабилно и топло време. Од четврток попладне следува период на променливо облачно време со локални врнежи. Во петок се очекуваат и гремежи, како и умерен до засилен југоисточен ветер.
Температурите ќе бидат во постепено опаѓање, особено за време на викендот.
Македонија
Сиљановска-Давкова во Њујорк: Време е кормилото на ОН да му го довериме на жена

Во рамки на учеството на 80. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на состанок на високо ниво по повод 30-годишнината од Четвртата светска конференција за жените.
Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова истакна дека иако Пекиншката декларација останува темел на борбата за родова еднаквост, напредокот е нееднаков, кревок и често реверзибилен.
„Насилството врз жените останува неказнето, фемицидот ја осквернува светоста на животот, а жените сè уште се соочуваат со бариери во пристапот до ресурси, лидерство и одлучување,“ рече таа.
Претседателката посочи и на кризата во Обединетите нации, институција основана за заштита на мирот, а денес исправена пред бројни конфликти низ светот. Таа апелираше на храбро лидерство од жени, велејќи:„Ако сме сериозни во врска со мирот, време е да го довериме кормилото на ОН на жена.“
Во нејзиниот говор таа подвлече дека родовата еднаквост не е феминистичка привилегија, туку хуманистички императив, потенцирајќи дека жените се носители на исцелување, сочувство и надеж.
Учесниците на состанокот ја потврдија потребата од посветеност, конкретни политики и ресурси за реализација на визијата од Пекинг и за создавање праведни и просперитетни општества.
Пекиншката декларација, како што потсети Сиљановска-Давкова, повикува на еднакви права и пристап за сите – жени и мажи, девојчиња и момчиња – и тој повик, рече таа, останува ургентен и денес.