Македонија
(Видео) 24-годишниот Дејан разочаран од Боки 13: „Ми вети нова куќа, а не стави ниту една цигла “
24-годишниот Дејан Костовски е разочаран од неисполнетото ветување на Бојан Јовановски, познат како Боки 13, кој уште пред две години јавно се понуди дека ќе му ја направи трошната куќа, во која изби пожар, а тој остана на улица, заедно со неговиот неподвижен татко. По објавите на социјалните мрежи и во медиумите, оваа момче ја извојува битката со институциите и го смести својот татко на геријатриското одделение. На помош се приклучил Боки 13, кој ветил дека Дејан ќе добие нов дом, а за тоа време ќе му плаќа кирија.
„Да, точно е, ја плаќаше киријата речиси цела година, не можам да речам не. Но, куќата е иста како пред две години, и уште полошо. Само покривот го направи, мајстори работеа неколку дена и толку. Донесоа и нешто градежен материјал и ете внатре си стои така. Ги контактирав неговите луѓе, велеа ќе биде, стрпи се. Потоа почнаа или да не се јавуваат или да даваат изговори дека Бојан е на состанок. Еве сега на крај ми кажаа ‘киријата ти е платена уште овој месец, ние направивме многу за тебе, ако сакаш продади го градежниот материјал’“, раскажува Дејан.
Дејан сега повторно останува на улица. Во трошното куќарче нема услови за живот. Од дупките на покривот се гледа како провејува снег. Тој рече дека не знае како ќе ја помине зимата, затоа што за една недела треба да го напушти станот. На помош од Боки 13 не се надева повеќе, затоа повторно ги повика хуманите луѓе да му излезат во пресрет.
„Ако може некој нека помогне, барем едно сопче да направиме, не повеќе. Немам идеја како ќе ја поминам зимата.Нема ништо внатре, празно е и ладно“, вели тој.
Според кажувањата на Дејан, Јовановски му ветил и дека ќе му помогне да направи договор со ЕВН за заостанатите сметки за куќата, но и тоа не го исполнил.
„Рече ‘не грижи се, имам луѓе во ЕВН, ќе средиме’. Но, ете до денес нема ништо од тоа. Барем да беше искрен и да кажеше со време, можеби ќе се најдеше друго решение“, додава Костовски.
По објавената приказна на Дејан и притисокот од јавноста, пред две години Дејан се вработи во една обложувалница и сега прима плата од 12 000 денари, но 4 000 денари му задржува банката поради застарени извршителски сметки од неговите родители. Мајка му е почината, а татко му е инвалид, сместен на геријатрија во Ѓорче Петров.
„Макфакс’ го контактираше и Бојан Јовановски, но тој не беше достапен на неговиот мобилен телефон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Арсовска во увид на изградбата на подземната инфраструктура на новиот булевар Хрватска
Град Скопје продолжува со реализација на првата фаза на големиот проект за изградба на подземната инфраструктура на новиот булевар Хрватска, која опфаќа и нова водоводна мрежа која произлегува од градската програма за работа.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, заедно со екипи од ЈП Водовод и канализација Скопје и Секторот за планирање и уредување при Град Скопје, денес извршија увид во реализацијата на овој капитален инфраструктурен проект.
Во оваа фаза од изградбата на водоводната мрежа која се движи на трасата по новопроектираниот булевар Хрватска и заради формирање на прстенеста циркулациона мрежа и создавање на подобри хидраулички услови во градската водоводна мрежа предвидено е поврзување на двата магистрални доводи на вода Рашче со профил од Ф1600 и постоечкиот цевковод со профил од Ф700 на булевар Александар Mакедонски.
Со почеток на реализација на предвидениот магистрален цевковод со профил од Ф700 милиметри, по новопредвиден булевар Хрватска во првата фаза, започнати се градежните активности на поврзување на булевар Александар Македонски кај Естекада. Вкупната предвидена должина на магистралниот цевковод по булеварот Хрватска изнесува 2,8 километри. Реализацијата на овој дел од водоводната мрежа е предуслов за подобрување на водоснабдувањето на целата територија на општина Гази Баба.
Македонија
„Биди хуман- спаси живот”: крводарителска акција во Уставниот суд денеска по повод 60 години oд постоењето
Уставниот суд денеска организира крводарителска акција под мотото „Биди хуман- спаси живот” која ќе се одржи во периодот од 9 до 14 часот во просториите на Судот.
Акцијата за дарување на крв се реализира во соработка со Црвен крст на Република Северна Македонија, на иницијатива на Уставниот суд, по повод 60 години од своето постоење.
Организирањето на оваа хумана активност е иницијатива на вработените од Судот и досега се пријавени над 30 дарители од Уставниот суд, меѓу кои и судии и советници од стручната служба.
Преку оваа крводарителска акција Уставниот суд изразува солидарност и хуманост и истовремено се придружува на апелите на Црвен крст за подигнување на свеста за донирањето на крв и мотивирање на поголем број на луѓе за доброволно дарување.
Македонија
Силен СДСМ во Собранието е потребен за иднината на државата, велат социјалдемократите
Граѓаните треба масовно да излезат да гласаат на 8 мај, со својот глас да ја поддржат идејата за напредна, слободна и европска држава, да го поддржат СДСМ и Коалицијата за европска Македонија, велат од СДСМ преку соопштение.
„Силен СДСМ во Собранието е потребен заради иднината на државата, за ДПМНЕ да не го донесе повторно режимот во најава, кој толку долго прогресивните сили во државата се трудеа да го срушат.
Ако десничарска партија како ДПМНЕ на гордиот наследник на Груевски добие преголема моќ, тоа ќе ги убие ЕУ перспективите, ќе ја загрози слободата и демократијата.
Доволно долго Македонија седеше во чекалната за Европа, додека други држави поминуваа, и никој не сака пак да се вратиме таму.
ДПМНЕ ќе ја одложува евроинтеграцијата во недоглед, тие немаат ниту план ниту пак се доследни во остварувањето на стратешките цели. Тоа го правеше и Груевски, тие само ќе продолжат кај што застана тој“, се вели во соопштението.