Македонија
Висока делегација од Вермонт во посета на Генералштабот на АРМ
Високата делегација од Сојузната американска држава Вермонт, која ја предводи заменик-гувернерот, Моли Греј, и командантот на Националната гарда (НГ), генерал-мајор Грегори Најт, која престојува во тридневна официјална посета на земјава, денес престојуваше во Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана.
За време на посетата на Министерството и Генералштабот, делегацијата се сретна со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, на која присуствуваше и амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз, додека генералот Најт имаше средба и со својот домаќин, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
Заблагодарувајќи се за нивното присуство на денот на високи гости на вежбата „Одлучен удар 21“, министерката Радмила Шекеринска ја потенцираше одличната одбранбена соработка и важноста на вежбата во контекст на актуелните случувања.
„ Оваа вежба беше прв тест за нас по членството во НАТО и по пандемијата, кој го положивме успешно. Високо го цениме сето она што го направивте за нас во изминатите над две децении пријателство и сојузништво. Тоа создаде основа да градиме мостови и во други области како што е економијата“, рече таа.
Шекеринска нагласи дека соработката со Вермонт остави силен печат врз кариерите на многу војници и офицери на Армијата. „Високата бројка на наши војници и офицери кои учествуваа во соработката со Вермонт претставува силна препорака на Армијата на Република Северна Македонија и во НАТО. Нивното воено образование во САД позитивно ја смени нашата Армија“, истакна Шекеринска.
Заменик-гувернерката Моли Греј посочи дека вратата на Вермонт за обука и тренинзи на нашата Армија останува отворена и притоа се осврна на потребата од поголемо вклучување на жени во безбедносниот сектор.
На средбата стана збор за плановите за вклучување во меѓународни мировни мисии на нашата земја, како и за погодностите на „Криволак“ како армиски полигон со високо развиени капацитети за вежби и обука.
Во текот на посетата од страна на генералот Најт на десет припадници од составот на Баталјонот на воена полиција им се доделија значки за посебни заслуги кои се признание за покажаната висока професионалност во извршување на задачите за време на претходната посета на делегацијата на НГ на Вермонт на нашата држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

