Македонија
„Вистината за ДУИ“: Шефот на кабинетот на ексградоначалникот на Гостивар се почестил со 4 лаптопи и еден таблет
Во рамките на кампањата „Вистината за ДУИ“, портпаролот на Општина Гостивар, Јасин Демири, на денешната прес-конференција информира за два случаја на флагрантно кршење на процедурите и за злоупотреба на стварите на Општина Гостивар од страна на шефот на кабинетот на поранешниот градоначалник, Невзат Бејта.
„На 18 октомври 2013 Општина Гостивар се снабдила со таблет ‘епл ајпад’ во вредност од 42.901 денар, без отворен тендер. Приемот на стоката го потпишал шефот на кабинетот на поранешниот градоначалник со напомена дека таблетот се наоѓа во неговата канцеларија, но тоа лице при напуштање на канцеларијата не го предало таблетот. Во случајот има две сериозни повреди, односно необјавување тендер за јавна набавка со вредност повисока од 30.000 денари и класична кражба на општински предмети“, истакна Демири.
Понатаму, тој информира за друг случај, каде што е направена уште потешка злоупотреба. Поточно, станува збор за злоупотреба на средства во износ од 321.300 денари (или над 5.000 евра).
„Општина Гостивар на 17 октомври 2013 година се снабдила со 4 лаптопи по поединечна цена од 76.500 денари плус ДДВ. Никој досега не ги видел тие лаптопи во Општината и не се знае каде завршиле. Иако не стои потпис, се знае дека ги примил шефот на кабинетот на поранешниот градоначалник, Невзат Бејта“, рече портпаролот на Општината.
За тоа каде завршиле четирите лаптопи и таблетот, ќе треба да даде отчет поранешната раководна структура на Општина Гостивар и пред општинската администрација и пред истражните органи, рече портпаролот Демири на крајот на прес-конференцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

