Македонија
Вишото обвинителство поднесе жалба до Врховен на одлуката за повторување на постапката за тешка сообраќајна несреќа
Вишото јавно обвинителство Скопје денеска поднесе жалба до Врховниот суд на решението на Апелациониот суд Скопје, со кое се дозволува повторување на кривичната постапка кон осудениот Џ. М., претходно правосилно осуден во отсуство за кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 ст. 4 вв чл. 297 ст. 3 вв ст. 1 од Кривичниот законик.
Незадоволно од решението, Вишото јавно обвинителство Скопје, во законски предвидениот рок од 3 дена, се жали до Врховниот суд на Република Северна Македонија поради сторени суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка и погрешно утврдена фактичка состојба.
Во жалбата се наведува дека услов без кој не може на некое лице што е судено во отсуство да му се дозволи повторување на постапката е доказ дека постои можност на лицето да му се суди во присуство, односно судот мора да има сигурни докази дека тоа лице во моментот на поднесување на барањето за повторување на постапката е достапно.
Во конкретниот случај, нема ниту еден доказ дека постојат услови на осудениот Џ. М. да му се суди во негово присуство.
Во решението со кое дозволува повторување на постапката, кривичниот совет на Апелациониот суд Скопје единствено ја цитира одредбата од чл. 456 ст. 1 од ЗКП и прифаќа дека осудениот за пресудата дознал на 15.11.2024 година кога поднел барање за уверение за неосудуваност по што на 18.11.2024 година поднел барање за повторување на кривичната постапка. Тоа, според судот, значело дека, во согласност со одредбата од чл. 456 ст. 1 од ЗКП: „нема реално поминато една година од поднесувањето на барањето за повторување на кривичната постапка, а тоа е на 18.11.2024 година“.
„Интенцијата на законодавецот кај оваа законска одредба предвидува барањето за повторување на кривичната постапка да биде поднесено во рок од една година од денот кога осудениот дознал за пресудата (секако, ако е исполнет првиот услов), а не, како што збунувачки се обидува да аргументира Апелациониот суд дека “нема реално поминато една година од поднесувањето на барањето за повторување на кривичната постапка“, наведува јавниот обвинител од ВЈО Скопје во жалбата.
Според обвинителството, судот треба при одлучувањето во врска со поднесеното барање за повторување на постапката да го има предвид фактот дека осудениот не доставил никаков доказ за тоа кога тој дознал за пресудата, односно доказ дека истата ја има примено. Ова беше наведено и во негативното мислење на Основното јавно обвинителство Скопје. Сепак, Апелациониот суд Скопје истото воопшто го немал предвид, бидејќи потврда од казнена евиденција издадена од Основниот кривичен суд Скопје сама по себе не може да послужи како доказ дека осудениот со поднесување на барањето дознал дека е правосилно осуден во отсуство.
„На овој начин, лице кое е осудено во отсуство може и додека е во странство (недостапно на органите на прогон) да дознае за пресудата со која е судено во отсуство, да поднесе барање за повторување на постапката, судот да му го дозволи тоа, како што е направено во случајов и повторно да биде недостапно. Во такви околности, во зависност од предвидените рокови за застареност на кривично гонење, дозволувањето за повторување на постапката може да резултира само со нов почеток на кривичната постапка, констатирање на настапена застареност и завршување на постапката без кривична одговорност, што секако не била интенција на законодавецот кога го предвидел институтот Повторување на постапката на лице судено во отсуство, во смисла на чл.456 ст.1 од ЗКП“, навел јавниот обвинител.
Исто така, според јавниот обвинител, Врховниот суд на Република Северна Македонија при одлучување по оваа жалба, неопходно е да го има предвид целиот тек и динамика на постапките кои се воделе пред Основниот кривичен суд Скопје и пред Апелациониот суд Скопје, кои покажуваат дека интенцијата на осудениот со барањето за повторување на кривичната постапка е одбегнување на издржување на затворска казна за дело во кое животот го изгуби млада личност.
Обвинителот во жалбата го аргументира и делот дека осудениот без ниеден доказ во прилог навел дека ќе биде достапен на истата адреса на која претходно не бил достапен во текот на кривичната постапка. Оттука, за јавниот обвинител неспорно е дека единствено кон што се цели со поднесеното барање за повторување на предметната кривична постапка и што се дозволува со донесеното решение на Апелациониот суд Скопје е одбегнување осудениот да ја издржи казната затвор за сериозно кривично дело со смртни последици.
„Крајно, однесувањето на осудениот кој првично беше достапен на органите на прогон, знаеше какво кривично дело извршил и без трошка каење за стореното, со години беше недостапен на органите на прогон, па потоа во моментот кога знае дека поради роковите на застареност ќе се спаси од издржување на казна затвор се појави со барање за повторување на кривичната постапка со неиздржани аргументи, не оди во насока на исполнување на она на што пред се инсистира законодавецот, а тоа е остварување на правдата”, наведе обвинителот во жалбата со која од Врховниот суд побара решението на Апелациониот суд Скопје да го преиначи и да го одбие барањето за повторување на кривичната постапка кон осудениот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

