Македонија
Владата го утврди и усвои текстот за најголемиот стратешки документ за развојот на Македонија во следните 20 години
Владата на Република Северна Македонија на денешната седница го прифати текстот на Националната развојна стратегија 2024- 2044 година, чијшто предлагач е Канцеларијата на Претседателот на Владата Владата на Република Северна Македонија.
Одлучено е текстот за Националната развојна стратегија 2024- 2044 година да се достави на разгледување во Собранието на Република Северна Македонија, како следен чекор кон имплементација на Стратегијата.
Националната развојна стратегија е најголемиот стратешкиот документ во којшто се дефинирани главните цели и мерки за развојот на Република Северна Македонија за следните 20 години, а се однесува на правилна имплементација на предвидените мерки коишто имаат голем ефект на многу процеси во државата, како и подигнувањето на квалитетот на живот на граѓаните.
Во овој значаен документ се дефинираат главните национални развојни цели, стратешки области и приоритети за забрзан, инклузивен, рамномерен, родово еднаков и одржлив развој на Република Северна Македонија, особено имајќи го предвид стремежот на Република Северна Македонија да се приклучи кон Европската Унија (ЕУ) до 2030 година и заложбата за одржлив развој преточена во Агендата 2030.
Во стратегијата се дефинирани шест стратешки приоритети и тоа:
1. Економија базирана на знаење, иновации и на дигитализација, односно високоинтегрирана економија во меѓународната трговија и во меѓународните финансии и работна сила што ги задоволува сегашните и идните потреби на пазарот на труд;
2. Одржлив локален и регионален развој, што обезбедува кохезија;
3. Демографска ревитализација и социјален и културен развој;
4. Владеење на правото и добро управување;
5. Сигурно, безбедно и отпорно општество и
6. Зелена трансформација.
При тоа, развојот на човечкиот капитал и дигитализацијата на општеството се централни елементи и се основен предуслов за напредок во секоја стратешка област.
За важноста на процесот, со којшто се поставени темелите за имплементација на Националната развојна стратегија е посочено на тригодишната подготовка на Стратегијата, со вклучување на околу 14.000 граѓани, повеќе од 250 претставници од национални институции, 70 градоначалници, 50-мина пратеници од власта и опозицијата, претставници на стопанските комори, граѓански организации, над 500 претставници од маргинализирани и ранливи групи, како и повеќе од 1.000 млади и членови на младински организации.
Процесот на креирањето на Националната развојна стратегија е реализиран од Владата на Република Северна Македонија во партнерство со Канцеларијата на Постојаниот координатор на Обединетите нации и Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП, а е финансиски поддржана од Британската амбасада во Скопје и од Министерството за финансии на Република Словачка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Биди одговорен возач – користи зимска опрема“ – полицијата во Охрид ги потсети возачите на обврската
На 15 јануари, отсекот за превенција при СВР Охрид, ја реализираше превентивната сообраќајна кампања „Биди одговорен возач-користи зимска опрема“. Притоа, полициски службеници од отсекот, на повеќе сообраќајни пунктови во градот, остварија кратки разговори со возачите на моторни возила и ги потсетуваа на потребата и законската обврска за задолжително носење и користење зимска опрема во возилата како основен предуслов за безбедно движење на моторните возила во зимски услови.
Целта на кампањата е подигање на свеста на учесниците во сообраќајот, за доследно почитување на законската обврска за носење и користење зимска опрема во возилата во текот на зимската сезона и подигнување на безбедносната култура кај возачите и јакнење на свеста и совеста за поголема внимателност и одговорно однесување во сообраќајот во зимски услови.
На возачите, им беа поделени флаери со низа практични совети за безбедно управување моторни возила и им беше укажано на потребата од прилагодување на брзината према условите и состојбите на патиштата.
Скопје
Кисела Вода го модернизира осветлувањето: LED светилки со паметен систем за контрола
Општина Кисела Вода продолжува со проектот за замена на уличните светилки, со цел подобрување на осветленоста и енергетската ефикасност на јавните површини.
Се работи во населбата Пинтија, во рамките на втората фаза од проектот кој ги опфаќа и населбите Кисела Вода и Припор. Досега, се заменети над 2.400 светилки во населбите Пржино и Црниче. Со новите LED сијалици, осветлувањето ќе биде поекономично, со намалена потрошувачка на енергија во споредба со старите светилки, а нивниот век на траење е 4,2 пати подолг. Дополнително, светилките ќе се управуваат преку паметен систем, кој овозможува подобра контрола и ефективност.
Реализацијата на овој проектот кој се изведува во пет фази, обезбедува безбедни, современи и функционални улици, со пониска потрошувачка на енергија и долготрајни решенија за јавното осветлување во општина Кисела Вода.
Македонија
Предлог-законот за пушењето не е удар по угостителството, туку заштита на здравото работно место, велат од Министерството за здравство
Предлог-законот за заштита од пушењето, подготвен од Министерството за здравство, предвидува забрана за пушење во затворени јавни и работни простории, во согласност со европските стандарди и препораките на Светската здравствена организација. Со ова се воспоставува јасно и универзално правило кое ги штити сите граѓани, без исклучоци и без сиви зони, велат од Министерството за здравство.
Според јавноздравствените стандарди, пушењето е личен избор, но заедничкиот затворен простор не смее да биде место каде тој избор се претвора во ризик за здравјето на другите.
„Законот не уредува дали некој ќе пуши, туку јасно определува каде тоа не смее да се практикува, со цел заштита на здравјето на сите присутни. Квалитетот на воздухот во затворени простории е директно поврзан со здравствените исходи. Чистиот воздух значи помалку иритации на дишните патишта, помалку астматични напади и намален ризик од развој на хронични заболувања.
Предлог-законот ја третира изложеноста на тутунски чад како прашање на безбедност и здравје при работа, а не како прашање на животен стил. Во угостителските објекти, токму персоналот е најдолго и најинтензивно изложен на чад од цигари и други тутунски и никотински производи, поради што државата има јасна обврска да го заштити правото на вработените на здрава и безбедна работна средина.
„Искуствата од европските земји кои веќе воведоа вакви законски решенија, како Ирска и Велика Британија и многу други, покажуваат дека овие мерки не претставуваат удар по угостителството и неговите приходи, туку транзиција кон поуреден, поквалитетен и попредвидлив амбиент во угостителските објекти“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
Тој додава дека ваквите мерки овозможуваат поголема посетеност од семејства, туристи и граѓани кои преферираат чист воздух, што на долг рок претставува директен бенефит и за самите угостителски објекти.

