Македонија
Владата им ги зголеми платите на вработените во јавните здравствени установи
Владата донесе одлука со која го овласти министерот за здравство да го потпише Анексот за изменување и дополнување на Колективниот договор за здравствената дејност на Република Северна Македонија, со којшто се врши зголемување на платите на вработените во јавните установи во здравството, почнувајќи со исплатата за плата за месец март 2023 година.
Министерот за здравство ќе го потпише Анексот со репрезентативниот Самостоен синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Северна Македонија, со што се овозможува зголемување на платите на вработените во јавните установи во здравството. Според образложението од Министерството за здравство, покачувањата од 3.000 денари, 2.500 денари или 2.000 денари се однесуваат на сите вработени во јавните здравствени установи.
Владата на Република Македонија ги овласти и директорите, односно в.д. директорите на јавните здравствени установи, да ги потпишат поединечните колективни договори, со коишто се врши зголемување на платите на вработените во јавните установи во здравството, почнувајќи со исплатата за плата за месец март 2023 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нестабилно време со дожд и грмежи до среда
По врнежите и невремето по кое во текот на ноќта полавени беа подруми во Охрид, од УХМР најавуваат дека до среда ќе се задржи нестабилно време, претежно во попладневните часови со локален пороен дожд и грмежи.
Во четврток ќе има услови за краткотраен дожд, претежно во планинските подрачја, а преодно стабилизирање на времето се очекува во петок.
Температурите ќе бидат без значителна промена.
Македонија
Делови од Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров утре без струја
Без електрична енергија утре ќе останат делови од општините Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров.
Како што соопшти РЦУК – Скопје, без струја во периодот од 09:00 до 15:00 часот ќе останат корисниците на дел од село Долно Лисиче, реонот околу чаталот, ул.10 во општина Аеродром, од 10:30 до 14:30 часот дел од улица 16, на патот кон Визбеговово општина Карпош, а од 13:00 до 14:30 часот објектите на градинката Росица, на ул.„Мечкин Камен“, бр.45А. во општина Ѓорче Петров.
Македонија
Скопските и тетовските пожарникари гасеа три огнови на отворено, соопшти ЦУК
Во изминатото деноноќие Центарот за управување со кризи информира дека биле евидентирани три пожари на отворено.
Регионалниот ЦУК Скопје соопштил дека БППЗ на Град Скопје во изминатото деноноќие имала две помали интервенции поради запалено ѓубре и тоа на ул. „Ферид Заири“ во Општина Чаир и кај Езерото Треска во Општина Сарај.
Регионалниот ЦУК Тетово известил дека ТППЕ Тетово имала една помала интервенција поради запалена ниска вегетација кај село Чифлик во Општина Желино.
Центарот за управување со кризи соопшти дека изминатите 24 часа имало вкупно 1.491 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 62,84 отсто, а 37,16 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.
Кон полиција биле упатени 63,18 отсто, кон итната медицинска помош 29,09 проценти, кон пожарникарите 2,73 отсто, a кон АМСМ 1,36 отсто од повиците кон бројот 112.