Македонија
Владата на ДУИ и Ковачевски со денови молчат за скандалот дека со владина одлука се отвора врата бугарското подземје да влезе во Македонија, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Владата на ДУИ и Ковачевски со денови молчи за скандалот дека со владина одлука се отвора врата бугарското подземје да влезе во Македонија. Тие не демантираат дека со потпис на Артан Груби владата овозможува Државната компанија Државна лотарија која ја води поранешниот шеф на кабинет на Артан Груби, да отвори три нови фирми за игри на среќа кои треба да се поврзат со бугарскиот мафијаш Васил Божков-Черепот, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Со денови повиканите молчат и не одговараат, дали целиот овој бизнис е проектирано да го добие Васил Божков викан Черепот од Бугарија кој е познат во мафијашките кругови во нашиот источен сосед. Овој лик кој Артан Груби се обидува да го востоличи како бизнис партнер на државата во игрите на среќа е ставен на црната листа на САД со актот Магнитски. Токму со овој акт Черепот и неговите компании се санкционирани како дел од борбата на САД против криминалот, корупцијата, ширењето на руски влијанија кај нашиот источен сосед. Американскиот департмент за финансии кажува дека Черепот подмитувал министри и официјални лица во Бугарија, меѓу кои и оние коишто издаваат дозволи за игри на среќа, влијаел да се донесат одлуки во негова полза. Ако тоа го правел во Бугарија за да ја шири својата коцкарска империја, тогаш веројатно истото го правел и во други земји за да ги прошири своите бизниси“, дополнуваат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат:
„Груби треба да одговори дали овозможил бизнис на бугарски мафијаш во Македонија, кој патем е на црната листа на САД? Дали истиот тој лик својата лиценца ја добил со подмитувања на македонски функционери? Дали и со колку торби пари била платена лиценцата за коцкарници?“, прашуваат под партијата.
Според нив власта на ДУИ и СДС станала синоним за корупција и криминал.
„Ако веќе можеа да им доделат пасоши на белосветски мафијаши, сега почнаа да и да им ги поткрепуваат и бизнисите. За ова мора да има и одговори и одговорност“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.