Македонија
Владата подготвува измени на законот за пушење
СДСМ подготвува измени на Законот за заштита од пушењето, нешто што подолго време го најавуваа и за време на изборната кампања, пишува Телевизијата Алсат. Според пратеникот Томислав Тунтев сепак, новото законско решение нема драматично да се разликува од сегашното. Најголеми измени ќе има за т.н. тераси, односно делови од кафулињата и рестораните каде е дозволено пушењето само кога објектот нема кров или е отворен од најмалку три страни.
„Нелогично е … Реков ситна роса зароси и тивко ветре задува, некој од гостите бара да се спушти најлонот, зашто се смениле метеоролошките услови и сега вие од тој момент од пушач треба да се претворите во непушач, само затоа што едниот најлон или едното стакло биле затворени. Ние предлагаме таму каде што е дозволено пушење да биде дозволено без оглед на метеоролошките услови.“ – изјави Томислав Тунтев-пратеник од СДСМ.
За поголеми измени, како на пример да се дозволи пушење во дел од угостителски објект дополнително ќе се размислува. Угостителите сметаат дека е добро конечно да се реши на кои тераси е дозволено да се пуши, бидејќи различните толкувања доведувале до селективни казни од инспекторите. Но, според Крсто Блажевски од ХОТАМ, посакувано е да има измени кои се однесуваат и на затворените објекти.
„Во затворени објекти каде што има храна треба да е поделено, нешто како што е во Србија во моментов. Еве и во Австрија има објекти кои се поделени на пушачки и непушачки.“ – изјави Блажески.
На другата страна од желбите на угостителите и ветувањата на новата власт се докторите. Податоците покажуваат дека е зголемен бројот на пушачи во Македонија.
“Со текот на времето попуштија мерките, не се спроведуваа доследно, повторно сме сведоци дека има ресторани во кои може да се сретнат пушачи и покрај тоа што е забрането.“ – вели Проф д-р Елена Ќосевска од Институтот за јавно здравје.
Последните големи измени на законот за заштита од пушењето беа донесени во 2010-тата. Податоците од пазарната инспекција покажуваат дека во првите години власта вршела и до 16.000 контроли годишно дали законот се почитува. Последната година за која има податоци, 2015-тата, покажува дека бројот на контроли се намалил за дури четири пати, на само 4.000 такви инспекции годишно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Симнете ги розовите очила и погледнете ги работниците – порачаа синдикатите до функционерите на протестот за повисоки плати, се бара 600 евра минималец
Со транспарентот „Протестираме за плата“, голем број граѓани излегоа на улиците за да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатити и да го изразат незадоволството од ниските плати во земјава.
Синдикалците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување од по 100 евра за сите останати плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека доколку барањата не бидат исполнети, ќе следуваат блокади и генерален штрајк. Тој најави и собирање 10.000 потписи со кои синдикатот би станал овластен предлагач на закон за намалување на платите на функционерите за 80 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на другите плати за најмалку 6.000 денари.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз, а доколку не се случи тоа и вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата,“ додаде Трендафилов.
На протестот беше испратена пораката и дека Владата води најсиромашен народ и најсиромашна држава во Европа, со повик до функционерите да ги симнат розовите очила и да ја согледаат реалната состојба на работниците.
Од ССМ најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се исполни целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати.
Македонија
СДСМ ќе предложи зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите, соопштија од партијата.
Како што наведуваат, предлог-законите се подготвуваат имајќи ја предвид тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и барањата изнесени од Сојузот на синдикатите. Според најавата, СДСМ ќе предложи зголемување на минималната плата на 600 евра, зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори, како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.
Од партијата наведуваат дека ги поддржуваат барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека деталите за предложените законски решенија ќе ги образложи на прес-конференција.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.

