Македонија
Владата редовната осма седница ќе ја одржи во Охрид
Владата својата редовна 8. седница ќе ја одржи во Охрид како петта од серијата седници што се одржуваат во 10 региони во земјата. Централна точка на дневниот ред на оваа седница е информацијата за состојбите и извршените посети во општинитe Охрид, Струга, Ресен, Вевчани и Дебрца.
Во рамките на оваа точка градоначалниците на овие општини ќе презентираат информации од интерес на граѓаните и ќе информираат за одредени прашања и проекти од плановите за работа на локалните заедници и, согласно тоа, на седницата ќе се дадат насоки за политики и одлуки за проекти кои можат да се реализираат во соработка меѓу локалната и централната власт.
На седницата во Охрид ќе биде разгледаната и информацијата за присуството на Реактивната мониторинг-мисија на УНЕСКО, како и информацијата за извршен инспекциски надзор на градби од прва категорија на подрачјето на општините Охрид и Струга и информацијата за преземените активности на овластените градежни инспектори за овие подрачја.
На оваа седница амбасадорката на Република Хрватска Нивес Тигањ пред министрите на Владата ќе ја презентира Програмата и приоритетите на Хрватското претседателство со Советот на Европската Унија.
Во рамките на теренските активности што ќе ѝ претходат на седницата, претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски ќе направи увид со реконструкцијата и санацијата на колекторскиот систем и ќе ги посети фабриките ЛТХ Леарница Охрид (14:45) и Братство Инокс (15:30).
Средби и други теренски активности во текот на денот во регионот ќе имаат и заменичката претседателка во Владата задолжена за економските ресори Мила Царовска, министерот за здравство Венко Филипче, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, министрите без ресор задолжени за странски инвестиции Зорица Апостолска и Елвир Хасан, како и министерот без ресор задолжен за дијаспората Едмонд Адеми.
Пред почетокот на седницата на Владата која што е предвидено да започне во 17:30 часот, во салата за седници на Општина Охрид, изјава за медиумите ќе даде претседателот на Владата Оливер Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот во зимски услови по влажни коловози
Поради врнежи од снег се уште е во сила забраната за тешки товарни возила и автобуси воведена од 9:20 часот утрово на патниот правец крак Шипковица-Попова Шапка, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на остаматите државни патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Крушево, Попова Шапка и Маврово и на планинските превои Стража и Ѓавато и на патниот правец Берово-Струмица.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
До 5 февруари пријавување за субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 февруари 2026.
-Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, но и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата. Студентите кои ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација, електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, соопшти МОН.
Условите и критериумите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк се достапни на линкот https://mon.gov.mk/mk-MK/konkursi-i-stipendii/konkursi-mon/javen-povik-za-ostvaruvanje-na-pravoto-na-subvencioniran-studentski-obrok-za-akademskata-20252026-godina
-За поддршка при аплицирањето, контактирајте преку е-пошта: [email protected] Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови, информира Министерството за образование и наука.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар – Стража – Кичево
Забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Стража – Кичево се укинува од 14.30 часот, соопшти ЈП „Македонијапат“. Забраната беше воведена денеска од 9.40 часот во двата правца на патот поради врнежи од снег.
Забрана за сообрачај на камиони и автобуси од 9.20 часот е воведена за камиони и автобуси на патниот правец крак Шипковица – Попова Шапка и од 5.45 часот за тешки товарни возила на патниот правец крак Маврово – Дебар.
Како што информира ЈП „Македонијапат“, врнежи од снег има во Крушево, на Попова Шапка и во Маврово и на планинските превои Стража, Пресека, Буково и Ѓавато.

