Македонија
Владата ќе поттикне јавна расправа за законот за легализација на дивоградби

Во врска со предлог-законот за легализација на бесправно изградените градби кој е вратен во Собранието по одлуката на претседателот на државата Стево Пендаровски да не го потпише Указот за прогласување на законот, согласно законските процедури за вакви ситуации, Владата ќе поттикне јавна расправа со засегнатите страни, како и консултации со пратеничките групи во Собранието и со претседателите на Парламентот и државата, за да се дојде до најдобро законско решение, изјавија портпаролите на Владата на денешната прес-конференција.
Во таа насока, информираа Арсовски и Хоџа, постои отвореност за соработка и најдобри решенија на предлозите кои се однесуваат на временскиот период, со кој треба да биде опфатена легализацијата на дивоградбите, потоа реалната дистинкција меѓу објектите кои се за лично домување и оние кои се изградени како станбени згради за профит, како и прашањето за категорична и јасна законска одредба дека со легализација нема да бидат опфатени бесправно изградените објекти во заштитените подрачја, како и сите други укажани прашања на кои посочија јавноста и граѓаните.
Притоа беше потенцирано дека Владата како и секогаш е отворена за дебата, се очекуваат предлози, со цел на крајот да се донесе законско решение прифатливо за сите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МНР го осуди говорот на министерот Георг Георгиев, бугарскиот амбасадор повикан на разговор

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија најостро ги осудува навредливите изјави упатени кон претседателот на Владата и институциите на Република Северна Македонија од страна на министерот за надворешни работи на Република Бугарија, Георг Георгиев, дадени во текот на денешното гостување во утринската програма на телевизијата БТВ.
Во врска со ова, Министерството денеска го повика на разговор амбасадорот на Република Бугарија во Скопје, Жељаско Радуков, на кого му беше пренесен официјалниот протест и му беше укажано на несоодветноста на ваквиот јавен дискурс од страна на висок функционер на бугарската влада.
„Таквите изјави, во кои се користи недоличен речник и се омаловажуваат претставници на суверена држава, претставуваат директна повреда на основните принципи на меѓународното право и дипломатската комуникација. Тие не придонесуваат за унапредување на добрососедските односи и се во спротивност со духот на конструктивен дијалог и заемно почитување што треба да ја води соработката меѓу двете земји“, соопшти Министерството.
Од таму велат дека очекуваат од официјална Софија да упати соодветно извинување, во насока на зачувување на достоинствената и принципиелна билатерална комуникација.
Георг Георгиев изјави дека со отстранувањето на „македонски јазик и идентитет“ од извештајот за Македонија во Европскиот парламент (ЕП), успеале да спречат ЕП да биде искористен за домашната политичка пропаганда на, како што го нарече Мицкоски, „северномакедонскиот“ премиер.
Тој, исто така, кажа дека Мицкоски спроведува кризен пи-ар, веројатно за да се оправда пред сопствените граѓани за неисполнетите ветувања, односно, како што вели Георгиев, затоа што ги излажал.
ФОТО: ЕПА
Македонија
Во јуни имало 329 пожари, а само за 10 дена во јули – 288 пожари

Во месец јули, заклучно со денешниот ден, се регистрирани вкупно 288 пожари, од кои 26 се шумски пожари, а 262 пожари се на висока сува трева, стрништа, нискостеблеста и деградирана шума, како и на депонии (ѓубришта), соопшти на денешната прес-конференција директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али.
Тој, исто така, кажа дека во јуни се регистрирани вкупно 329 пожари, од кои 12 шумски пожари, а 317 пожари на висока сува трева, стрништа, нискостеблеста и деградирана шума, како и на депонии.
„Центарот за управување со кризи ги повикува граѓаните на зголемена претпазливост и одговорно однесување, особено во услови на високи температури и суво време, со цел спречување на понатамошни пожари и заштита на животната средина“, рече Али.
Македонија
Ангелов со апел до граѓаните: Пријавете на 112 ако видите сомнително однесување поврзано со пожарите

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, денеска упати силен апел до граѓаните да пријават какво било сомнително однесување на лица, поврзано со пожарите, откако биле откриени докази за намерно подметнати огнови на повеќе локации во земјава.
„Доколку забележите лице со сомнително однесување, веднаш пријавете на бројот 112 или во најблиската полициска станица“, изјави Ангелов на прес-конференција во Владата.
Во моментов, според податоците, во земјава има пет активни пожари, додека уште пет се ставени под контрола. Во изминатото деноноќие, биле изгаснати 66 пожари на отворен простор.
Ангелов информираше дека на терен се забележани дрвени палети полиени со бензин, гуми и шишиња со запаливи течности, што укажува на обиди за подметнување на пожари.
„Синоќа кај Смилковско Езеро беше пронајдена гума, а во друг случај лица со шишиња со бензин се обиделе да подметнат пожар“, рече Ангелов.
На локации со зголемен ризик се спроведуваат засилени полициски патроли, вклучувајќи и цивилни служби. Според Ангелов, благодарение на овие мерки, бројот на пожари денес е значително помал и покрај сличните временски услови како вчера.
Дополнително, објавен е јавниот оглас за ангажирање на 400 невработени лица, од кои 80 во Скопје, за активности поврзани со превенција и заштита од пожари. Најдобрите кандидати ќе добијат можност за вработување во противпожарните служби и во новиот специјален тим за заштита и спасување.