Македонија
Владата: Во земјата не се увезува и не се согорува опасен отпад, има сериозни контроли
Во врска со дезинформациите за увоз, складирање и согорување опасен отпад во државата и поврзаноста со квалитeтот на воздухот, особено во врска со дезинформациите за согорување опасен отпад во цементарницата „Усје“, Владата ја информира јавноста за клучните факти, кои ја даваат целосната слика во однос на користење на РДФ-отпад како енергент во цементната индустрија.
„Употребата на алтернативните горива во ‘Усје’ се одвива во целосно затворен процес, со високи температури во печките (до 2.000 степени на гасовите во печка), со што се обезбедува целосно согорување на ваквиот отпад. Шпекулациите за запирање на филтрите се сосема неточни бидејќи работата на филтрите е поврзана со целиот процес и со нивно исклучување запира и целокупниот процес.
Државата има пропишано строги стандарди дефинирани во А-интегрираните дозволи што ги добиваат индустриските инсталации вклучително и „Титан цементарница ‘Усје’“, а се преземаат редовни и вонредни инспекциски контроли на исполнетоста за барањата за заштита на животната средина во согласност со дозволите и царинските контроли при увоз на одобрените видови отпад.
Граѓаните треба да бидат спокојни имајќи го предвид фактот дека увозот/извозот и транзитот на отпадот е строго контролирана процедура и дека ниту една пратка на отпад не може да помине на граничен премин без соодветна проверка. Тоа е регулирано со Законот за управување со отпадот од 2004 година, каде што се пропишуваат видовите отпад, условите за извоз, увоз и транзит на отпад, методите за надзор над извозот, увозот и транзитот на отпадот, како и формата и содржината на образецот на дозволата. Законот ги пропишува процедурите и условите за добивање дозвола за увоз, извоз и транзит на отпад во/од/низ РСМ во зависност од видот на отпадот, неговото потекло, земјата на прифаќање и маршрутата на транспорт и типот на третманот што ќе се спроведе врз отпадот на местото на прифаќање.
Исто така, важно е да се напомене дека искористувањето на коксот како енергент во процесите е строго контролиран и е со количина на сулфур од 4 до 6 проценти во согласност со важечките прописи во РСМ. Сите други информации за повисок процент на сулфур и неконтролирано согорување се неточни. МЖСПП води регистар за увезен, извезен или отпад кој транзитирал низ РСМ“, се наведува во владиното соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

