Македонија
Влада: Запирање на урбанизацијата на Водно со одлуката за прогласување за заштитено подрачје
Процесот за прогласување на Водно за заштитено подрачје е сѐ уште отворен за сите сугестии и предлози за најдобро решение кое ќе ги опфати сите аспекти за заштита, истакнаа претседателот на Владата, Зоран Заев и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини. Тие примија делегација на претставници на повеќе граѓански организации од сферата на заштитата на природата и животната средина, предводени од организациите „Го сакам Водно“ и „О2“, како и повеќемина експерти од оваа област, кои покажаа интерес за иницијативата на Владата за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје, за која во досегашната јавна расправа поддршка дадоа над триесеттина граѓански организации и поголем дел стручната и академската јавност.
Претставниците на граѓанските организации и експертите присутни на оваа средбата изразија очекувања дека иницијативата за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје ќе ги земе предвид и аспектите на заштитната улога што ја има оваа планина за градот Скопје од поплави, ерозија на земјиштето и од пожари.
Заев и министерот Нуредини нагласија дека иницијативата за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје се донесува врз основа на Законот за заштита на природата, кој е донесен по претходно усогласување со законодавството на ЕУ, и со кој се обезбедува интегрирана заштита на заштитените подрачја во корелација и со другите релевантни закони.
Со одлуката за прогласување на Водно за заштитено подрачје, беше нагласено на средбата, ќе биде донесен и План за управување на подрачјето и Просторен план кои по дефиниција ги опфаќаат сите пропишани мерки и активности за заштита на природата, а особено мерки за управување со просторот и утврдување на систем на мерки и активности за заштита од пожари и други природни катастрофи, меѓу кои и мерките за заштита од ерозија.
Дополнително, во Одлуката ќе биде предвидено запирање на урбанизацијата во подрачјето на Водно до донесување на Планот за управување во кој ќе бидат прецизирани мерките за заштита и за интегрирано управување со заштитеното подрачје.
Премиерот Заев и министерот Нуредини на средбата истакнаа дека одлуката за прогласување на Водно за заштитено подрачје сѐ уште не е утврдена во нејзината конечна верзија и дека процесот е отворен за сите сугестии и предлози во насока на најдобро решение кое ќе ги опфати сите аспекти за заштита на природата на планината, како и на другите аспекти за заштита.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Заев и Филипче летаа со хеликоптер од Скопје до Прилеп, ДУИ користеа авион до Ниш
Заев и Филипче летаа со хеликоптер од Скопје до Прилеп, ДУИ користеа авион до Ниш – времето на злоупотреба на државни ресурси заврши, Владата на ВМРО-ДПМНЕ е посветена на работа која носи резултати, велат од владејачката партија.
„СДС повторно покажува дека нема никаква визија и идеја за развој на Македонија. СДС без идеи секојдневно растура пердуви во јавноста и шири дезинформации. Јавноста добро памети дека Заев и Филипче одеа на настани во Македонија со државен хеликоптер. ДУИ пак, владиниот авион го користеле и за летови до Ниш. Јавноста добро се сеќава дека од 30 дена, владиниот авион ексминистрите на ДУИ и СДС го користеле 25 дена. Заев и Филипче летаа од Скопје до Прилеп со хеликоптер на државна сметка. Зоран Заев со Венко Филипче и Јагода Шахпаска, со хеликоптер на МВР, летаа до Прилеп на означување почеток на изградба на нова енергетски ефикасна градинка во сред пандемија. Заев и Филипче наместо за борба против ковид 19, парите ги трошеа за летање со хеликоптер од Скопје до Прилеп“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата обвинија дека Заев и Филипче ги злоупотребувале државните ресурси, имајќи предвид дека едно летање на хеликоптер чини колку стотици вакцини и други потребни медицински материјали.
„СДС наместо демагогии и лаги, да понудат идеи и конкретни решенија за предизвиците со кои се соочуваат граѓаните и државата. Врeмето на недомаќинско работење како во времето на СДС заврши. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е посветена на работа која носи резултати за подобар животен стандард на граѓаните.“, пишува во реакцијата.
Македонија
Муцунски на министерски состанок за Коридорот 8 во Тирана
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре, на покана на министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, заедно со колегите од Италија, Бугарија и Романија, ќе учествува на Министерскиот состанок „Коридор VIII во стратешкиот момент на Европа: Поврзаност, отпорност преку воена мобилност и споделен просперитет преку интеграција“.
На состанокот ќе стане збор за актуелните инфраструктурни проекти што во моментов се операционализираат долж Коридор VIII, како и за предизвиците со кои се соочуваат земјите, а за чие надминување е неопходно засилено политичко внимание.
Македонија
Напуштањето миленик да стане кривично дело, пет од шест заловени кучиња имаат сопственик, велат од „Анима Мунди“
„При едно неодамнешно заловување, во текот на само еден ден, по женка во циклус, од шест заловени кучиња од страна на ЈП Лајка, дури пет биле со сопственик. Сопствениците дошле да ги подигнат од стационарот. Овој податок е алармантен и укажува на клучен аспект од каде извира проблемот, истакнуваат од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“.
Овој пример, како што велат, не значи дека тоа е единствениот извор на проблемот, туку претставува јасен доказ „во мало“, видлив во пракса.
Според нив, неодговорното сопствеништво, заедно со појави како дислокација на кучиња и континуиран прилив на животни од различни страни, суштински ја нарушуваат програмата и создаваат состојба во која станува речиси невозможно ефикасно да се контролира и сузбие.
„Наместо постепено намалување на бројот на бездомни кучиња, овие фактори постојано го обновуваат и продлабочуваат проблемот, поништувајќи ги напорите на институциите и службите на терен.
Додека ЈП Лајка троши ресурси за заловување, стерилизација и згрижување, паралелно се создава нова генерација кучиња што повторно ќе завршат на улица – слободно пуштени, репродуктивно способни и оставени без надзор. Без санкции, без контрола и без лична одговорност, системот ги третира само последиците, но не и причините за проблемот.
Истовремено, во последните 4,5 месеци сe почесто сведочиме на дислокација на кучиња- префрлање од една општина во друга, организирано префрлање на топката наместо вистинско решавање. Таквите дејствија, кои ги сметаме за координирани, дополнително ја продлабочуваат кризата и покажуваат дека, покрај неодговорното сопствеништво, постои и сериозен проблем со организирано исфрлање животни на туѓа територија, со фокус на град Скопје“.
Фактот,мкако што додаваат, дека пет од шест заловени кучиња имаат сопственик е директен доказ дека проблемот не може да се реши без строга законска регулација.
Од „Анима Мунди“ посочуваат дека се потребни сериозни, неизбежни и доследно применувани казни за неконтролиран расплод, за пуштање кучиња без надзор и за напуштање животни.
Предлагаат и бараат, напуштањето миленик да стане кривично дело.
„Во повеќе европски држави напуштањето животно се третира како кривично дело со можност за високи парични казни и затворска санкција (Хрватска, Франција, Португалија). Со тоа државата јасно порачува дека оставањето миленик на улица не е „лична одлука“, туку општествено штетно и казниво дејствие. Напуштеното животно е неодговорност што има директни последици врз јавната безбедност, буџетите на општините и благосостојбата на животните.
Иницијативата за криминализација на исфрлањето миленик на улица, вклучително и оставање мали кучиња, електронски ја имаме доставено до Министерство за правда Министерство за внатрешни работи, Владата на РМ и Агенција за храна и ветеринарство“.
Очекуваат институционален одговор и конкретни законски измени, како и што поскора измена на Законот за заштита и благосостојба на животните кој е во процедура.
Животните, посочуваат од здружението, не се виновни што се на улица.
„Не е решение да се убиваат животните. Решението е да се спречи создавањето нови напуштени животни – а тоа може да се постигне само ако одговорноста стане реална, лична и најстрого санкционирана.
Ако сакаме системско решение, системот мора да се промени. Законот мора да го спречи проблемот пред да се појави и оневозможи неодговорност без последици. Затоа што систем што толерира напуштање создава страдање. А само систем што казнува неодговорност, може да создаде ред“.

