Македонија
Владејачките партии очекуваат ново мнозинство од следната недела, Заев ќе преговара со Алтернатива
Новото стабилно мнозинство во Парламентот ќе биде објавено наредната недела, изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Како што рече Османи, кој е и висок функционер на владејачката ДУИ, во игра се неколку опции за новото мнозинство, а во моментов се водат преговори. Шефот на дипломатијата потенцира дека важно е тоа што рационалните политички сили, па и пратеници одлучиле во овој момент државата да не ја претворат во дел од проблемот, туку во дел од решението на нашата европска перспектива.
„Очекуваме да завршат тие разговори и верувам дека наредната недела веќе ќе имаме стабилно мнозинство коешто ќе почне да се занимава со предизвиците и можностите што ги има Владата. Бројката од повеќе од 60 пратеници е и вистинска и реална“, рече Османи одговарајќи на на новинарско прашање.
Министерот додаде дека прашањата за министерските позиции се секундарни и ќе следат по дефинирање на мнозинството.
Претходно денеска премиерот Зоран Заев изрази очекување за зголемување на мнозинството, за време на средбата со федералниот министер за надворешни работи на Република Австрија, Михаел Линхарт.
„Имаме стабилно парламентарно мнозинство, очекуваме и зголемување на мнозинството, не очекуваме предвремени парламентарни избори – напротив до редовните избори во јуни 2024 година Владата ќе се посвети на силен развој на економијата“, рече Заев.
Од СДСМ потврдија дека Заев во текот на утрешниот ден ќе се сретне со претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, на која ќе се разговара за приклучување на пратениците на Алтернатива кон мнозинството и влез во Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Ја слушнавме пораката од граѓаните и ја прифаќаме, ќе продолжиме да се бориме
„СДСМ ја слушна пораката од граѓаните и ја прифаќа. Ние ќе продолжиме да се бориме за секој граѓанин, за прогресивна и европска иднина на Македонија. Резултатот на изборите на 8 мај сè уште не е одлучен“, велат од СДСМ.
„Со десничарите може да се соочиме со мрачни сценарија од минатото, кои ќе стават крај на европските перспективи и кои водат во нова долга изолација и нови поделби во општеството.
Веќе се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ играат опасна игра со мултиетничкото ткиво на нашето општество. Тензиите што се сега се прават меѓу Македонците и Албанците може да нè вратат назад во грдото минато.
Затоа е исклучително важно граѓаните да излезат и да гласаат на 8 мај, за напредна држава, држава во која ќе имаме подобар животен стандард. Нема откажување од иднината!“, соопшти СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ЦУК: Коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци
Во Центарот за управување со кризи, имало вкупно 1 694 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112.
Од нив „реални“ повици биле 49,82 отсто, а 50,18 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 69,92 отсто и кон итната медицинска помош 28,91 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.
Во последното деноноќие немало евидентирани пожари на отворено.
Од ЦУК потсетуваат дека коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци во последното деноноќие.
Екипите ги отстранувале одроните на патот и нема прекин на сообраќајот.