Македонија
Власта го забрза изборот на ДИК, бара изборни измени со ЕУ знаменце

Предлогот кој Владата го достави до Собранието за измени на изборниот законик е со европско знаменце, а во образложението се наведува дека целта е да се деблокира процесот за избор на ДИК. Владата предлага ДИК да се избира со апсолутно мнозинство наместо со двотретинско како досега. Дополнително, со предложените измени се брише членот каде што е предвидено дека Комисијата за избори и именувања доставува листа од пријавените кандидати за членови и претседател на ДИК.
Во дел од образложението од Владата повикуваат и на мислење од Венециската комисија за деблокирање на демокатските процеси.
„Венециската комисија во бројни свои анализи и мислења го опфаќа и овој проблем поврзан со нефункционалноста на институциите. Таа јасно и недвосмислено наведува дека потребата од избор или именување членови на некое тело и/или носители на функции со квалификувано мнозинство не смее да се претвори во контрапродуктивен инструмент за блокирање на процесите за формирање на клучните институции во системот. Ова затоа што „Институциите кои не можат да функционираат не ја остваруваат нивната уставна цел и ја поткопуваат демократијата“ . Па така е клучно да постојат механизми за откочување и надминување на ваквите блокади (anti-deadlock mechanisms) со цел нормално одвивање на политичките процеси во еден политички систем“, стои во образложението.
Предлогот за измени на изборниот законик веќе е ставен на дневен ред во Собранието, на што реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, дека не биле консултирани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре сончево и топло време со мала локална облачност

Времето утре ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 19, а максималната ќе достигне од 30 до 37 степени, информира УХМР.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 36 степени.
Во петок и сабота во западните и северните делови ќе има услови за повремен локален дожд и појава на ретки грмежи. Во петок ќе дува засилен повремено силен ветер од западен и југозападен правец.
За време на викендот ветерот ќе го смени правецот во северен со умерен, долж Повардарието повремено засилен интензитет, а температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
ДОМ: Новиот нацрт-закон за Рударство е директна закана за здравјето на луѓето

Зелената партија ДОМ категорично го отфрла новиот нацрт-закон за Рударство предложен од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Наместо да поставува линии за стратешки развој, според ДОМ, овој закон е директна закана за животната средина, здравјето на граѓаните и демократските принципи на одлучување.
ДОМ цени дека ова законско решение силно ја централизира моќта во Владата, дозволувајќи ѝ да прогласува минерали за „стратешки“ без јавна дебата и учество на граѓаните и граѓанките.
„Спорна е и можноста за дозволување на концесии до 60 години, како и овозможување на експропријација на приватно земјиште, што ќе претставува правна основа за удар врз имотните права. Со предложените одредби ќе се врши и привилегирање на државни и странски компании, без спроведување на јавен повик. Особено загрижува воведување на можност за користење на опасни технологии во постојните рудници, како и признавањето на загадување, но не и понуда на механизми за превенција. ДОМ оценува дека моделот на „управување со ризик“, не преставува правен механизам за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните и граѓанките“, велат од ДОМ.
Според партијата, ова законско решение не е во јавен интерес, туку истото е насочено и дизајнирано за задоволување на корпоративни структури и финансиски интереси, притоа создавајќи остри ризици за здравјето на идните генерации, распродавајќи ја земјата и претворајќи го природното богатство во профит за малкумина.
ДОМ порачува дека Македонија не е ничија лична сопственост и апелира до граѓаните и граѓанките активно да се вклучат во јавната расправа за која преостануваат уште девет дена.
Македонија
Мицкоски за акцијата за намалување на училишниот прибор: Трговците треба да обезбедат попуст меѓу 10 и 15 проценти, ДПИ е на терен

Државниот пазарен инспекторат е на терен и гледа дали се почитува, засега немаме објективни нарушувања на веќе договореното, изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање како е задоволен од акцијата за намалување на училишниот прибор.
„Владата на седница донесе одлука со која заедно со трговците и со снабдувачите на училишниот прибор обезбеди попуст помеѓу 10 и 15 % на маржата во зависност дали е на големо или на мало, а репер е цената од 1 јуни 2025 година. Задача е на трговците да означат која била цената на 1 јуни 2025 година и врз база на тоа да обезбедат попуст помеѓу 10 и 15 % и да истакнат на влезот од продавницата натпис на кој има ‘Помалку трошоци, повеќе за граѓаните’. ДПИ е на терен и гледа дали се почитува, засега немаме објективни нарушувања на веќе договореното“, потенцира премиерот Мицкоски.