Македонија
„Влен“ ги поддржува матичните лекари: Капитацијата ќе се зголеми од 75 на 100 денари за пациент
Коалицијата ВЛЕН, слушајќи ги потребите и барањата на матичните лекари, направи важен чекор кон подобрување на условите за работа во примарниот здравствен сектор. Министерот за Здравство Арбен Таравари во соработка со претставници од здравствениот сектор најави зголемување на капитацијата за матичните лекари за 20 до 25 денари.
„Па така, од следниот период капитациониот надоместок од 75 денари ќе се зголеми на 100 денари по пациент, мерка која има за цел да ги поддржи лекарите од примарната здравствена заштита во исполнувањето на нивните обврски и подобрување на квалитетот на здравствените услуги за граѓаните. Ова исто така ќе игра улога во спречувањето на болестите, а не само во нивното лекување. Ќе работиме со лекарите од примарната здравствена заштита за да ги охрабриме пациентите да подлежат на повеќе здравствени прегледи и тековни тестови, особено мамографија за жени. Ова зголемување претставува јасен доказ за посветеноста на коалицијата ВЛЕН и Министерството за Здравство да гислушаат и да ги задоволат реалните потреби на лекарите од примарната здравствена заштита. Тоа е чекор кој не самошто ја зголемува нивната мотивација, туку придонесува и за градење на поефикасен и поквалитетен здравствен систем за сите граѓани“, истакнуваат од ВЛЕН.
ВЛЕН како што велат, ветува дека оваа одлука е само една од многуте меркишто ќе бидат преземени за подобрување на условите за работа на здравствените работници и унапредување на здравствениот сектор воопшто.
„Коалицијата ВЛЕН останува посветена на продолжување на дијалогот со сите релевантни чинители и на обезбедување дека барањата и грижите на лекарите се земаат предвид при секој чекор од донесувањето одлуки. ДУИ нон грата го остави здравството во “клиничка смрт“, но сега се враќа во живот, благодарение на посветеноста и визијата на коалицијата ВЛЕН и министерот Таравари. Заврши времето на скандали на онкологија, палење модуларни болници, сурови услови во болниците и игнорирање на гласот на матичните лекари“, завршуваат од ВЛЕН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски на терен: Сите патишта се проодни, снегот редовно се чисти од Македонија пат
Сите патишта во државата се проодни благодарение на макотрпната работа на луѓето од Македонија пат, кои даваат се’ од себе да се справат со обилните врнежи од снег кои ја зафатија државата, изјави денеска заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој ги посети пунктовите на Македонија пат на планинските превои “Стража” и “Пресека”.
– Денеска сум на терен во увид на активностите на Македонија пат, можам да кажам дека состојбата е добра, сите патишта во државата се проодни. Би сакал да им се заблагодарам на овие прекрасни луѓе од Македонија пат, кои што даваат се’ од себе, за сите патишта да се проодни и чисти. Тука сме на увид на планинскиот превој “Стража”, претходно бев во увид на патниот превој “Пресека”, и ќе продолжам на уште неколку места, рече Николоски.
Тој упати благодарност до работниците на Македонија пат и упати апел до сите граѓани кои имаат потреба да патуваат, да возат внимателно, да ја прилагодат брзината според условите на патиштата и без исклучок да поседуваат зимска опрема.
– Би сакал да се заблагодарам на сите работници, на сите оние кои што помагаат, да ги замолам сите кои што патуваат, да ги почитуваат прописите и правилата, да користат зимски гуми, секаде каде што е потребно ланци и сета дополнителна опрема и да ја прилагодат брзината. Ние ќе направиме патиштата секаде да се проодни и да не се почувствува или минимално да се почувствува ова невреме кое што ја зафаќа Македонија, апелираше вицепремиерот Николоски.
Македонија
УХМР: Најголема опасност од излевања и заезерувања има во југозападните и западните делови на земјата
Од утринава зголемување на водостоите има во југозападниот дел на земјата, односно на река Коселска, река Сатеска, река Ресенска и на останатите помали реки и суводолици во регионот каде се можни локални излевања на реките и појави на заезерување на водата. Во Охридско-Преспанскиот регион се очекува реакција на помалите реки и суводолиците, а исто така и во Струшкиот регион каде се можни локални излевања и појави на заезерување во Струшкото Поле заради интеракција на подземните и површинските води, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
„Исто така, утринава е висок водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот и можни се локални излевања на реката во тој дел (во Гостиварскиот регион), а можни се појави на заезерување на водата во Полошката Котлина.
Значително е висок водостојот на река Црна во долниот дел од течението и можни се локални излевања на реката и појави на заезерување на водата во Пелагониската Котлина, а исто така и во делови од Битолско-Прилепскиот регион. Во горниот дел од сливот нема позначително зголемување на водостојот но можни се заезерувања во Демир Хисарскиот регион.
Останува висок водостојот на река Треска и таму се можни локални излевања и заезерувања во целиот слив на реката, вклучително и Кичевскиот регион.
Генерално, најголема опасност од излевања и заезерувања има во југозападните делови и западните делови на земјата каде и во текот на денот некаде до 18:00 часот врнежите ќе бидат од дожд и снег и на повисоките места, додека на пониските ќе бидат само од дожд. Во попладневните часови, некаде после 18:00 часот се очекува продор на северен ветер и северно струење на воздухот што ќе придонесе за заладување на времето и врнежите насекаде ќе преминуваат во вид на снег. До тој временски преод останува опасноста од локални излевања и заезерувања на водата пред се во југозападните, западните и северозападните делови на земјата.
Предупредуваме на вниателно движење покрај реките и суводолиците во текот на денешниот ден“, се наведува во соопштението на УХМР.
Македонија
Денеска гласаат болните и затворениците пред повторните избори за градоначалници во четири општини
Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица и лицата кои се на издржување на казна затвор за повторните избори за градоначалници на општините Гостивар, Маврово и Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа, информира Државната изборна комисија.
„Вкупно 249 болни или немоќни лица можат да го остварат своето право на глас на овие избори. Од нив, 146 лица се пријавени за гласање во Гостивар, 32 болни или немоќни лица имаат право да гласаат во Врапчиште, 69 лица може да гласаат за градоначалник на општина Маврово и Ростуше и 2 лица може да гласаат за градоначалник на општина Центар Жупа. Со почеток во 7:00 часот во 7 казнено поправни установи, своето право на глас можат да го остварат 94 лица кои се на издржување казна затвор или притвор“, велат од ДИК.
Оттаму додаваат дека гласањeто досега се одвива непречено и без проблеми.

