Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ако Ковачевски, СДСМ и Заев имаа каков било доказ за злоупотреба, тогаш имаа три години за правна разрешница
Зоран Заев е во паника од поразот што му претстои и одговорноста со која ќе мора да се соочи по 12 април. Затоа, ликови како Васко Ковачевски мора слепо да ги извршуваат неговите нарачки и да ја злоупотребуваат службената положба за да лажат и клеветат претворајќи ги институциите во партиски говорници, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата на генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски.
„Зоран Заев за валканата кампања си одбра лик сличен на него за кого постојат сериозни индиции за криминал. За Ковачевски постои сомнеж за сериозен криминал со оглед на фактот што на два месеца пред избори распродава милионска сопственост на државата, како во случајот со Попова Шапка. За Ковачевски се врзува и новиот бонбона-бизнис со раскрчмувањето на Тиквешкото Езеро и целиот воден фонд на Црна Река на 50 дена пред избори. Поради неодговорното работење на Ковачевски, денес имаме речиси празни акумулации, и тоа Шпиље, Мавровското Езеро, Тиквешкото и Козјак. За ова, како и за многу други сомнителни активности на Ковачевски, ќе има одговорност по 12 април.
Провиден е обидот на СДСМ пред секој изборен циклус со лаги и манипулации да креира непостојни случаи со кои ќе дефокусира од реалните проблеми на граѓаните и криминалот на власта на Заев. Исто беше со ланските манипулации за хидроцентрали, кои паднаа пред антикорупциската, исто е и ова.
Васко Ковачевски денес ја презеде улогата на гласноговорник на лагите на Заев и злоупотреби државна функција за теснопартиски цели. Лагите што ги изнесе и на кои и самиот не им верува најдобро се демантираат со фактот дека таа зима Македонија беше зафатена со вонредно ниски температури и не смееше на ниеден начин граѓаните да останат без струја.
Доколку Ковачевски, СДСМ и Заев досега имаа каков било доказ за злоупотреба, тогаш имаа три години апсолутна власт и контрола над Луј Витон-правосудството и сигурно ќе бараа правна разрешница. Вака станува очигледно дека во очај и нервоза пласираат лажни вести, само и само да го ублажат претстојниот пораз. Тие пласираат, ама никој не им верува“, се вели во реакцијата на партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

