Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Градоначалниците на СДСМ 6 месеци немаат ниту еден проект, додека градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ работат и градат
Градоначалниците на СДСМ 6 месеци немаат ниту еден проект, за разлика од нив градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ работат и градат, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ по прес-конференцијата на Дарко Каевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека 6 месеци нема никаков проект во Центар, Струмица, Валандово, Делчево, Крива Паланка, Берово. 6 месеци граѓаните на овие општини не знаат ниту дали имаат градоначалник, еден проект нема, една улица не е направена,
За разлика од општините каде што СДСМ има градоначалници и не се работи ништо, во општините каде ВМРО-ДПМНЕ има градоначалници се реализирани или се реализираат над 1000 проекти, нивото на работа и пристап и одговорност кон граѓаните е подигнато.
Го разбираме и Каевски, нервозата кај него е голема затоа што фирмата на татко му не е добитник на тендерите во општините, туку сега се е јавно и транспарентно со еднаков пристап за секого.
Каевски можеби мора да си ги одработи становите, хациендата и парите во банка, па затоа излегува на прес конференции и чита нешто во кое и самиот не верува.
Каевски да не се труди попусто, лагите кои ги искажува може ќе го откупат во СДСМ, но пред законите по победата на ВМРО-ДПМНЕ сите ќе бидат исти, а тогаш ќе следи одговорност, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Протести во повеќе градови: вработените во Македонска пошта без јануарската плата
Незадоволството меѓу вработените во Македонска пошта не стивнува. Во повеќе градови низ државата денес излегоа на протест оти сè уште не ја зеле јануарската плата.
Претседателот на синдикатот, заедно со вработените, порача дека протестните активности ќе продолжат сè додека не се исплатат заостанатите плати.
Од синдикатот велат дека раководството било навремено информирано дека доколку платата не биде исплатена најдоцна до 15 јануари, протестите ќе почнат без одлагање.
„Наместо одговор, добивме молк“, велат вработените.
Во врска со протестот се огласија и од опозициската СДСМ, од каде што порачаа дека додека работниците немаат за леб, во Пошта се делат милионски тендери.
„СДСМ веќе го објави скандалот, како фирма на советникот од ЗНАМ, основана на 10 јули 2024 година, добила тендер од Пошта во вредност од 1,2 милиони евра за чистење. Но за овој сканадал со тендерот во Пошта нема никаква реакција од ниту една институција досега. Што се чека?“, велат од партијата.
Засега, од менаџментот на Македонска пошта нема официјален став за причините за доцнењето на платата.
Македонија
СДСМ со пакет амандмани: промена на членот за злоупотреба на службената положба, без рок за конфискација и 48 часа за снимките од „Безбеден град“
Пратениците на СДСМ поднесоа повеќе амандмани на Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик.
Како што соопштуваат од партијата, при подготовката на амандманите биле земени предвид аргументите на експертите и на невладините организации изнесени на јавната расправа, како и заложбите на СДСМ за прецизни законски решенија што ќе обезбедат услови за борба против криминалот и корупцијата.
Со амандманите, СДСМ бара измена на членот 353 – „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и враќање на решението што важеше пред измените на Кривичниот законик од 2023 година.
„Сегашните измени кај членот 353 ја намалуваат одговорноста кај најважното – тендерите. Ова мора да се промени“, велат од СДСМ.
Партијата бара и целосно бришење на рокот од пет години за конфискација на имот, наведувајќи дека имот стекнат со криминал мора да се конфискува без разлика кога е украден.
„Правдата и украдените пари на граѓаните не смеат да имаат рок на траење“, додаваат од СДСМ.
Со амандманите се предлага и дигиталните податоци и снимки од системот „Безбеден град“ да се бришат во рок од 48 часа.
„Пристап до нив може да има само и исклучиво со судски налог. Не може да се дозволи МВР да го злоупотребува системот и тој да биде партиски инструмент за следење и уцена на граѓаните“, велат од партијата.
Дополнително, СДСМ бара драстично зголемување на казнената политика за секој што се организира во група за вршење тешки кривични дела, со јасно разграничување и максимални казни за мафијашките структури.
Се предлага и зајакнување на кривично-правната заштита на децата од најтешките форми на експлоатација, при што, како што наведуваат, нема место за компромис или благи казни.
„Покрај овие клучни столбови, СДСМ со амандмани бара и проширување на условите за конфискација, за имотот да не може да се сокрие зад туѓи имиња и параван-фирми“, соопштуваат од партијата.
Македонија
Општина Илинден: За првпат се воведува финансиска поддршка за првачиња
Општина Илинден, како една од општините со постојан демографски пораст и зголемување на наталитетот, продолжува со креирање конкретни мерки насочени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Во таа насока, за првпат се воведува финансиска поддршка за сите првачиња, соопштија од општината.
„Општина Илинден од 2022 година, континуирано обезбедува ранчиња со училишен прибор за секое дете запишано во прво одделение во основните училишта на територија на општината. Почнувајќи од следната учебна година, покрај досегашната поддршка со ранчиња и училишен прибор, Општината како новина воведува доделување на субвенција во износ од 3.000 денари за секое прваче.
Целта на оваа финансиска поддршка е на родителите да им се олесни покривањето на дел од трошоците поврзани со започнувањето на образовниот процес, како и да се овозможи посигурен и порамномерен старт за сите ученици“.
Средствата за спроведување на субвенцијата во целост, како што појаснуваат, се обезбедени од Буџетот на Општина Илинден. Тоа додаваат од таму, уште еднаш ја нагласува посветеноста на локалната самоуправа кон вложување во децата, семејствата и иднината на заедницата.
„Во рамки на поддршката на млади семејства, општината неодамна ги зголеми и финансиските надоместоци за новороденчиња, со што јасно потврдува дека граѓаните се нејзин клучен приоритет и основа за долгорочен и одржлив развој“.

