Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: „Електра Солушн“ од фирма за гаќи стана главен столб на власта за испумпување на народни пари
Молкот на Јавното обвинителство за скандалот околу надзорот на коридорите 8 и 10Д укажува дека е соучесник на власта во криминалните зделки, обвини ВМРО-ДПМНЕ.
„ Јавноста е сведок како криминалните зделки на Владата на Ковачевски поминуваат неказнето од страна на правосудните органи. Скандалот околу миленикот на власта „Електра Солушн“ секој ден добива нови размери, а ЈО упорно молчи и не презема ништо.
„Електра Солушн“ од фирма за гаќи стана главен столб на власта за испумпување на народни пари. Од 22 милионскиот тендер ќе земе 8,3 милиони евра за водење на надзор. Владата на Ковачевски на јавноста тврдеше дека надзорот ќе го вршат странски експерти, а домашните се само локална помош, и се испостави дека главен играч околу кој се врти целиот тендер е фирма која произведувала гаќи.
А, за лиценцата за надзор, миленикот на власта т.е. „Електра Солушн“, поднесува 12 дена по распишување на повикот за доставување на понудите, а ја добива пет дена потоа.
Откако „Електра Солушн“ добива лиценца за надзор, добива и грант од ФИТР во вредност од 65.000 евра за проект „Дигитално решение за управување со градежни проекти“. Нема крај на криминалот на оваа Влада“ соопшти партијата.
Оттаму бараат одговорност за овој, како што велат, скандал од епски размери.
„Но не само одговорност за функционерите кои го дозволиле ова, туку и правосудните органи кои свесно молчеле и го заштитувале тоа“ порачаа од опозициската партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со дожд и ветер, на планините снег – МЕТЕО за следните денови
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од снег. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до 1, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно. Во делови од котлината ќе има повремен слаб дожд. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени, јавува УХМР.
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурата ќе биде во пораст.
Македонија
150.000 пензионери од вкупно 330.000 пред линеарното покачување имаа пензии од 10-12.000 денари, потсети Мицкоски
Заклучно со април 2026 година линеарното покачување на пензиите, кое почна во ноември 2024 година, ќе изнесува 7.000 денари, рече денес премиерот Христијан Мицкоски. Одговарајќи на новинарски прашања на пуштањето во употреба на нова детска градинка во Кочани, премиерот рече дека токму линеарното покачување на пензиите ја намалило сиромаштијата кај пензионерите кои и сега се најсиромашните во земјава, а придонело и за правилна распределба на приходите.
„Што се однесува до стапката на сиромаштија, во 2024 година таа е помала споредена со 2023 година, изнесува 21,9%. Во 2023 година стапката сиромаштија изнесуваше 22,2%. Ако се спореди со 2021 година, тогаш е 23%. Цениме дека со оваа интервенција, која ја почнавме уште во ноември 2024 година за октомвриската пензија, кај пензионерите ќе влијаеме уште попозитивно во намалување на стапката на сиромаштија бидејќи од оние параметри кои ги објави Државниот завод за статистика јасно се гледа дека пензионерите се најсиромашната група граѓани. После овие интервенции на линеарно зголемување не само што се намалува тој јаз односно се зголемува правилната распределба на приходите туку се намалува и стапката на сиромаштија бидејќи заклучно со април 2026 година ќе имаме линеарно зголемување за 7.000 денари“, рече премиерот Мицкоски.
Тој не сакаше да ги коментира одлуките на Уставниот суд за линеарното покачување на пензиите кој ќе ја разгледува законитоста кога ќе биде во полн состав оти сега има двајца судии помалку, но потсети дека пред да почне линеарното покачување на пензиите имаше пензии и од 10.000 денари.
„Ќе ве потсетам на уште еден параметар кој го забораваме, дека 150.000 пензионери пред да почне ова линеарно зголемување имаа пензии кои беа околу 10-12.000 денари. 150.000 пензионери од 330.000. Тоа значи дека со ова линеарно зголемување нема пензија која е под 15.000 денари односно се движат од 17-19.000 денари. Како Влада ќе продолжиме во таа насока“, рече премиерот Мицкоски и кажа дека продолжуваат со поддршка не само на пензионерите туку и на другите целни групи во земјава.
Во октомври 2024 година пензиите линеарно се зголемија за 2.500 денари, во март 2025 година уште еднаш линеарно се зголемија за 2.500 денари, третото линеарно зголемување беше во септември минатата година кое изнесуваше 1.000 денари, а во март оваа година пензиите ќе се покачат уште за 1.000 денари.
Македонија
Мицкоски: Железничките проекти на Коридорите 8, развој на брзата пруга на Коридорот 10 напредуваат
Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со текот на модернизацијата на железниците, изјави дека проектите во железничката инфраструктура бележат значителен напредок, при што фокусот е ставен на Коридорите 8 и 10, модернизацијата на постојните пруги и развојот на нови, побрзи железнички линии.
„Што се однесува до проектите во железницата, јас можам да кажам дека сум исклучително задоволен како напредуваат. Ќе ве потсетам дека, по оној застој којшто беше со делницата три од Коридорот осум и пругата којашто ги поврзува конкретно Куманово со Крива Паланка, и граничниот премин со нашиот источен сосед Бугарија, и оние првични, би рекол, неусогласености се надмина. Потпишавме договор со нашиот источен сосед, Брисел излезе со поддршка во делот на изградбата на оној тунел којшто треба да ги поврзува двете пруги, односно пругата од кај нашиот источен сосед и нашата пруга, и очекувам дека оваа година полека, но сигурно, ќе биде објавен тендерот за изработка на таа, условно наречена, делница три. Бидејќи првата, од Куманово до Бељаковце, таа ја пуштивме, втората, која што се работи од Бељаковце до Крива Паланка, и третата, од Крива Паланка до влезот на тој тунел. Тој е проект кој што го движиме.
На мојот последен состанок во Брисел, на тој работен дел и на неформалниот дел, побарав средства со коишто ќе се модернизира пругата, практично која што е исто така дел од Коридорот осум, којшто го поврзува Скопје и Кичево, во делот на промена на шини и во делот на електрификација на истата“, рече премиерот.
Премиерот истакна дека се развива проектот за брзата пруга од Коридорот 10, којашто треба да ги поврзе Табановце – Богородица. Таму патничките возови ќе се сообраќаат со брзина до 200 км/ч, додека товарните до 120 км/ч. Не ја исклучи и вредноста и придобивките од проектот „градски воз“.
„Истовремено го развиваме и проектот за брзата пруга од Коридорот 10, којашто треба да ги поврзе Табановце и Богородица. Таму патничките возови ќе се сообраќаат со брзина до 200 км/ч, а товарните до 120. Ќе биде на два колосека. Таа дел од проектот со Обединетото Кралство. Се разработуваат веќе физибилите студиите и студијата за социо-економско влијание на средината, би рекол и влијание врз еколошките параметри. Очекувам тоа да биде завршено до крајот на летото и веќе од есен да почнеме полека, но сигурно, да зборуваме за камен-темелник.
Во меѓувреме имавме повик со којшто бираме финансиер. Имаме една понуда којашто е не обврзувачка, која што е апроксимативна. Допрва ќе почнеме во разговори и преговори за деталите, но потребни ни се параметрите од овие физибилити студии за коишто претходно зборував. Така што очекувам и овој проект да се задвижи. И истовремено напредува таканаречениот „градски воз“, проект вреден, во првата фаза, од шест милиони евра, околу 360 милиони денари, со коишто од источниот крило од главниот град, со електрична локомотива, односно со електричен воз, ќе се пристигнува до центарот на градот. Пред некој ден потпишавме договор за набавка на пет електрични локомотиви, во вредност од 21 милион евра“, објасни премиерот.

