Македонија
ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да разговара за промена на изборниот модел

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на една изборна единица истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да разговара за демократијата и демократските процеси во земјата вклучувајќи ја и темата за изборниот модел, а политичките партии треба да покажат определен квалитет.
„ Ние сме го кажале нашиот став и по ова, ќе повторам ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да разговара на секоја тема, посебно кога станува збор за демократијата и демократските процеси во нашата Македонија, вклучително и ова кое што сега вие го споменувате, слушнав дека неколку пратеници гласно зборуваат за реформа во изборниот модел и ние сме тука, подготвени сме да разговараме, да го видиме тоа на маса, да видиме која е замислата, една, три, да остане истиот модел, со цензус, колкав би бил тој цензус и така натаму, има некаков изборен праг бидејќи знаете демократијата нема да добие ако поединци влезат во парламентот и пратеничкото столче го користат како што бевме сега скоро сведоци за еден таков пратеник за себе пазарење и за непринципиелни прифаќања на понуди кои што се случија изминатиот период би рекол и години, започнувајќи со онаа трговија за време на уставните измени. Така што да покажат треба политичките партии некој определен квалитет, да има определен праг, подготвени сме да разговараме зошто да не“, нагласи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.