Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Заев е во очигледна паника, доказите што излегуваат за „Рекет“ го стегаат обрачот околу него
Криминалците се во Владата и ги води Зоран Заев. Тие ја уриваат Македонија и единствен начин да се спаси државата е да бидат поразени, велат од ВМРО-ДПМНЕ по изјавите на премиерот Зоран Заев во врска со случајот „Рекет“.
„Зоран Заев е во очевидна паника. Доказите кои излегуваат во јавноста за случајот „Рекет“, кои го стегаат обрачот околу него се флагрантни и од нив нема бегање. Одговорност мора да има.
ВМРО-ДПМНЕ најостро ги осудува навреди и заканите на Заев кон новинарите кои го обелоденија неговиот криминал. ВМРО-ДПМНЕ ги осудува и навредите врз основа на сексуалната определба.
Настапот на Заев докажува дека Боки Тредичи е негова креатура и дека знаел за се што се случува. Толкав гнев и агресија кон луѓе со понаква сексуална ориентација може да се објаснат само со огромна блискост во минатиот период.
Заев е очигледно исплашен од медиумските написи дека осомничениот Боки Тредичи има докази против него и ќе ги обелодени.
Заев е главата на октоподот, мозокот кој ги движи пипките како Боки Тредичи, Зоки Кичеец и Катица Јанева. Заев е човекот без чие знаење милионскиот рекет кој траеле со години воопшто и не би бил можен. Господине Заев одете си и оставете Македонија да заздрави од вас. Правда во Македонија ќе има, но не со вас на власт“ се вели во партиската реакција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Татко пријавил дека наставник го нападнал неговиот син во училишна сала
Триесет и шестгодишниот С.С. од Сарај пријавил во полиција дека неговиот малолетен син бил физички нападнат од наставник во основно училиште во скопската општина Ѓорче Петров.
Според информациите на МВР, на 26 јануари 2026 година, околу 15:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека нападот се случил истиот ден во 12:40 часот, во спортската сала на основното училиште. За нападот е пријавен А.П. (48) од Скопје, кој работи како наставник во истото училиште.
Како што информира МВР, по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
Македонија
Во сабота протестен марш „Стоп за Усје“
Во сабота, на 31.01.2026 година, во 12:00 часот, „Стоп за Усје“ излегува на протестен марш кој ќе почне пред Владата, ќе продолжи кон Собранието, а ќе заврши пред Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Ги повикуваме сите граѓани, кои сакаат да се изборат за правото на чист воздух, да се приклучат на овој марш. Меѓу другото ги повикуваме институциите будно да ја следат состојбата и бурно да реагираат, бидејќи ниту еден профит не е поважен од животот на граѓаните! „Стоп за Усје“ веќе ги испрати своите барања до низа институции, но никој од нив не се одважи да даде било каков одговор. Затоа, одговорите ќе ги бараме повторно на улица“, се вели во најавата.
Од „Стоп за Усје“ потсетуваат дека на протестите се забранети партиска промоција и симболи, а истовремено апелираат на мирен протест, без насилство и говор на омраза.
„Повикуваме на масовност за сите заедно да кажеме СТОП за труењето од УСЈЕ кое нè засега сите. Сакаме да нагласиме дека ниту една лага и манипулација од Усје и надлежните, кои со сите сили се обидуваат да го одбранат неодбранливото, нема да помине и дека сè додека нè уверуваат во бројки од мерењата кои ги прави самата фабрика, отпорот нема да се смири! Се гледаме во сабота, за да покажеме дека гласот на граѓаните е поважен и посилен отколку нечии бизнис интереси!“, пишува во најавата.
Македонија
Мицкоски за утрешниот протест за минимална плата 600 евра: Секој има право да си протестира, во март законски ќе ја зголемиме
Во пресрет на утрешниот протест за минималната плата да се зголеми на 600 евра организиран од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) премиерот Христијан Мицкоски останува на ставот што имаше цела измината година, дека Владата ќе поддржи договор меѓу работниците и работодавачите.
„Секој има право да си протестира. Ние минималната плата, согласно Закон, ќе ја зголемиме во март месец односно согласно платите што ќе ги добијат работниците во април, платата ќе биде зголемена. Ние рековме секое решение што ќе го постигнат во тој бипартитен дијалог синдикатите со работодавачите, ќе го поддржиме“, рече премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето на камен-темелник за изградба на нова спортска сала во ООУ „Григор Прличев“ во Железара.
По повеќе од една година неуспешни обиди за договор со работодавачите и Владата за зголемување на минималната плата, ССМ за утре најави голем работнички протест преку кој бара зголемување на минималната плата на 600 евра и линеарно зголемување од 100 евра на сите останати плати оти со законското зголемување во март минималната плата ќе се зголеми само за околу 25 евра.

