Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски на владина седница не носи маска, Државниот здравствен инспекторат да поднесе кривична пријава

Димитар Ковачевски како премиер во Владата и човек што треба да биде пример за почитување на законите и на ковид-протоколите, јавно на владина седница ги крши протоколите и не носи маска во затворен простор, обвини ВМРО-ДПМНЕ.
„Димитар Ковачевски со своето неодговорно однесување е закана за јавното здравје и причинител за поголемо ширење на коронавирусот. Ковачевски, наместо да дава пример како се почитуваат законите, тој ги крши, затоа го повикуваме и Државниот здравствен инспекторат да поднесе кривична пријава против него.
Воедно, напоменуваме пратеникот Коциќ да ги остави здравствените работници да си ја вршат работата и да не ги злоупотребува како во време на кампања кога во работно време ги тераше да се фотографираат со него наместо да си ја работат својата благородна работа“, се вели во соопштението.
Од таму велат дека во СДСМ немало ниту етика ниту морал, а ниту, пак, почитување на законите. Според опозициската партија, СДСМ се причина за сите кризи во државата, воедно и за големата здравствена криза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Работна посета на министерот Муцунски на Кралството Шведска

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, во наредните два дена ќе престојува во работна посета на Кралството Шведска, на покана на шведската министерка за надворешни работи, Мариа Малмер Стенергард.
Во рамки на посетата, покрај билатералната средба со министерката Стенергард, предвидено е министерот Муцунски да оствари средби и со министерката за европски прашања, Џесика Розенкранц, како и со државниот секретар за меѓународна развојна соработка и надворешна трговија, Хакан Јеврел.
Во шведскиот Парламент – Риксдаг, министерот ќе се сретне со Шерштин Лундгрен, трет заменик-претседател на Риксдагот. На средбата ќе присуствуваат и високи претставници и членови на парламентарните комисии за надворешни работи и европски прашања, како и членови на Групата за пријателство и соработка со Собранието на Република Северна Македонија.
Во рамки на престојот, министерот Муцунски ќе оствари средби и со претставници на македонската дијаспора, како и посета на црквата „Св. Наум Охридски“ во Малме.
Целта на посетата е интензивирање на севкупните билатерални односи преку зајакнување на политичкиот дијалог и продлабочување на економската соработка меѓу двете земји. Во фокус на разговорите ќе бидат унапредувањето на билатералните односи, реафирмирањето на шведската поддршка за европската интеграција на Република Северна Македонија, како и размена на мислења за клучни регионални, европски и глобални прашања.
Македонија
„Соопштението кое го објави СДСМ е жална мешавина на параноја, невистини и примитивни политички спинови“, реагира ЗНАМ

„Соопштението кое денеска го објави СДСМ е жална мешавина на параноја, невистини и примитивни политички спинови кои повеќе зборуваат за нивната состојба отколку за Движењето ЗНАМ или за претседателот Максим Димитриевски“, реагира ЗНАМ.
„Прво, нема никаков корупциски скандал поврзан со Димитриевски или со ЗНАМ. Тоа се фабрикувани лаги, пуштени од кујната на партија која очигледно веќе одамна нема допир со реалноста ниту поддршка од народот. Димитриевски останува отворен и доследен борец против корупцијата, без разлика дали таа доаѓа од СДСМ или било која друга партија.
Второ, ЗНАМ не е ничија алатка, ниту нечија продолжена рака. ЗНАМ е граѓанско-политичко движење израснато од незадоволството на народот од токму вакви, арогантни и криминализирани структури како што е актуелното раководство на СДСМ. Вашата потреба да не нарекувате „неавтентични“ само зборува колку ве боли фактот што вистинската поддршка на терен се прелева кај нас.
Трето, тврдењата дека членови се враќале назад во СДСМ се најобична измислица. Никој не сака да се врати во потонат брод, во партија која ја изгуби секоја допирна точка со реалноста и граѓаните. Единствените што ве напуштаат сте вие, господа од СДСМ, бидејќи веќе никој не сака да биде дел од вашата срамна историја.
На крај, да ве потсетиме – токму ваквото ниско ниво на политичка комуникација, полуписменоста што ја споменувате и криминалот против кој се бориме, се синоними за вашето владеење. Народот ве прочита и ви го покажа тоа на изборите“, се вели во реакцијата на Движењето ЗНАМ-ЗА наша Македонија на денешното соопштение на СДСМ.
Македонија
Утре посебен режим на сообраќај во Скопје поради одржување улична трка

СВР Скопје ги известува граѓаните дека на в недела со почеток во 08.30 до 10.30 часот поради одржување на улична трка на 10 км, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
Трката ќе започне со стартна позиција на бул.„Илинден“–локација Фонтана, а натпреварувачите ќе се движат по бул.„Илинден“ до крстосница со ул.„Никола Парапунов“, потоа до крстосница со бул.„Партизански Одреди“, десно (во десниот коловоз кон н.Ѓорче Петров) до мост Влајко каде што вртат полукружно и назад по истиот коловоз до крстосницата со ул.„Љубљанска“ каде што вртат полукружно и по истиот коловоз се враќаат назад на ул.„Никола Парапунов“ и по бул.„Илинден“ до целта на локација-Фонтана на бул.„Илинден“.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.