Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: На претседателот на Советот на Град Скопје му беше ускратено правото да работи

На претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, на денешната седница му беше ускратено правото да го регулира говорот на говорниците. Ова право на претседателот на Советот му е дадено со цел да не дозволува од говорницата да се користи говор на омраза, навреди по национална, етничка припадност, навреди на лична основа.
„Копчето на претседателот му е дадено за да може да ја води седницата, затоа што кој било од говорницата може да изнесува навреди врз етничка, национална, лична основа и претседателот тоа мора да го спречи. Оваа седница ќе ја завршиме на овој начин“, рече претседателот на Советот, Трајко Славески.
Тој додаде „јас ве уверувам дека нема да почнам седница по завршување на оваа седница, доколку не се врати опремата која на претседателот на Совет му обезбедува контрола врз дискусиите на лицата кои излегуваат на говорница“.
На денешната седница на Советот на Град Скопје претседателот не му беше овозможено да работи согласно Деловникот. Со опремата која е во надлежност на претседател на Совет или копчето со кое се регулира дискусијата во смисла да нема навреди и слично раководеа служби на Градот. Заменикот на Арсовска советникот од ГРОМ, Александар Трајановски јавно призна дека свесно и намерно му било одземено тоа право на Славески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.