Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ сè уште не одлучила дали ќе учествува на референдумот
Потребни се реформи во економијата, образованието и здравството, а не криминални иновации, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, според кого СДСМ не направил ништо од тоа што ветил.
ВМРО-ДПМНЕ сè уште не донела одлука дали ќе учествува на референдумот, рече лидерот, кој истакна дека ќе мора да завршат консултациите пред да излезат во јавноста со официјален став.
„Погрешен одговор е полош од никаков“, рече Мицкоски и додаде дека кампањата на Владата е веќе во напредна фаза.
„Владата нема капацитет да се справи со еден ваков предизвик каков што започнала. Владата кампањата ја темели дека го зачувала идентитетот, а ги прашувам: ‘Како го зачувале кога идентитетот во институциите е изгубен?’“, истакна Мицкоски.
Според него, граѓаните ќе победат ако има одговорни политичари.
„Имаме егзибиционистичка и туристичка власт. Нам ни се потребни реформи“, додава Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Александар Стојкоски го доби уверението за втор мандат како градоначалник на Општина Ѓорче Петров
Општинската изборна комисија денес официјално му го врачи уверението за избор на Александар Стојкоски за градоначалник на општина Ѓорче Петров, со што и формално започна неговиот втор четиригодишен мандат.
Градоначалникот најави уште посилен интензитет на работа, реализација на капитални инвестиции и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
„Денешното уверение е потврда за довербата што граѓаните на Ѓорче Петров ми ја дадоа, но и обврска да продолжам уште поодговорно, со уште повеќе работа и резултати. Благодарен сум за секоја поддршка, за секој граѓанин што препозна искреност, посветеност и конкретни дела. Ѓорче го менуваме таму каде што никој не се осмелил да работи со години. Во наредниот период, продолжуваме со нови проекти, инвестиции во инфраструктура, образование, спорт и животна средина и се со една цел – Ѓорче Петров да биде најпосакувано место за живеење во Скопје“, изјави Стојкоски.
Тој нагласи дека довербата што ја добил од граѓаните е најсилна потврда дека општината се движи во вистинска насока. Тимот на Општина Ѓорче Петров, како што додаде, ќе продолжи да работи во духот на транспарентност, отчетност и европски стандарди во локалното управување.
Македонија
Во октомври казнети 16.801 возачи, 232 пешаци и 63 возачи на електрични тротинети
Во периодот од 01 до 31 октомври, како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 16.801 издадени платни налози, 4.821 прекршок се однесува на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење.
Лишени од слобода за безобзирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик биле 121 лице, од кои 94 за возење под дејство на алкохол, четири поради возење под дејство на дрога и психотропни супстанци или прекурсори, 15 за возење со брзина поголема од дозволената во населено место, осум за возење со брзина поголема од дозволената надвор од населено место.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, во текот на месец октомври евидентирани се 4.165 прекршоци за неправилно паркирање, 1.888 мерки се изречени за возачи што управувале возило без возачка дозвола, како и 373 санкции за возење под дејство на алкохол.
Од друга страна пак, а согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле 111 возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем, а санкционирани се и 232 пешаци и 63 возачи на електрични тротинети.
Исто така санкционирани се 942 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас. Согласно Законот за возила, 480 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а 176 заради техничка неисправност. Санкционирани се и 145 возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии), а еден возач поради неовластено вградување и користење на уреди за давање на посебни светлосни и звучни знаци во возилата (флешери).
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, велат од МВР.
Македонија
Глобален индекс на мирот 2025: Русија најнебезбедна земја во светот, Македонија на 51. место
Институтот за економија и мир (IEP) го објави својот годишен Глобален индекс на мирот, сеопфатна анализа што рангира 163 земји низ целиот свет според нивното ниво на безбедност. Извештајот се базира на 23 различни индикатори за да се создаде најточна слика за состојбата на мирот во светот. Македонија се наоѓа на 51. место.
Меѓу клучните фактори земени предвид при креирањето на индексот се бројот на смртни случаи предизвикани од внатрешни конфликти, фреквенцијата на насилни демонстрации, општата перцепција за криминалот во општеството и влијанието на тероризмот врз секојдневниот живот.
Според најновите податоци од Глобалниот индекс на мирот за 2025 година, Русија ја презеде титулата најнебезбедна земја во светот. Таа е веднаш зад Украина и Судан, земји, исто така, погодени од значителен конфликт и нестабилност.


Според Глобалниот индекс на мирот за 2025 година, нивото на глобалниот мир повторно падна – за 0,36 проценти во споредба со минатата година. Ова е 13-то влошување во последните 17 години, а глобално, 87 земји станаа помалку мирни, додека 74 се подобрија.
Исланд останува најмирната земја во светот, пред Ирска, Австрија, Нов Зеланд и Швајцарија. Најмирниот регион останува Западна и Централна Европа, додека Блискиот Исток и Северна Африка (МЕНА) остануваат најнестабилни. Западна и Централна Европа, останува најмирниот регион во светот, но забележа намалување на мирот од 0,57 проценти во последната година. Главната причина за влошувањето во регионот, според извештајот, е зголемената милитаризација, односно растот на воените буџети и инвестициите во одбраната по почетокот на војната во Украина.
Во тој регион, Исланд останува најмирната земја во светот, додека Франција е на самото дно на европската ранг-листа поради зголемената политичка нестабилност и високото ниво на милитаризација.
Понатаму, извештајот предупредува на „интернационализација на конфликтите“ – дури 78 земји учествуваат во вооружени конфликти надвор од своите граници. Овој феномен е поврзан со растечките геополитички соперништва, зајакнувањето на средните сили и падот на глобалната соработка.

