Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Не смее да се дозволи Заев и неговите неспособни соработници од први септември да предизвикаат хаос и во образованието
Учебната година започнува за еден месец а власта на СДСМ и Зоран Заев е тотално неспособна за да го менаџира образовниот процес. СДСМ и Заев не успеаја да се справат ниту со здравствената криза, ниту со економската, а сега на повидок е уште една криза на поле на образованието, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„ СДСМ, МОН и Комисијата за заразни болести која е под политички диктат на Заев не работи во интерес на учениците и просветните работници. Ваквата неажурност, неспособност и хаос кој што го приредува власта мора да заврши. ВМРО-ДПМНЕ нуди решение во 10 точки:
1.Часот во училиштата каде ќе се одвива физичка настава да трае 20 минути, со една паралелка во една училница! наставниците ќе работат со групи по 15, наместо по 30 ученици. Прекувремената работа на наставниците треба да биде со нивна согласност и истата да биде платена.
2.Со вака организираниот час од 20 минути училиштата може да рабoтат во 3 смени.
3.Предлог часови да бидат снимени и достапни на учениците во секое време. часовите треба да ги снимат во моментот кога ќе ја изведуваат наставата или ден пред тоа кога ќе се подготвуваат за час.
4.Наставниците треба да работат од училиште, не од дома. Еден наставник само во една училница да држи час.
5.На вака организираниот час може да присуствуваaт деца кои немаат соодветна опрема за да следат онлaјн настава, со сите превземени мерки за заштита. Тие сигурно нема да бидат пoвеќе од 15 во една паралелка.
6.За вака да работат наставниците, заедно со општините, треба да се обезбеди по еден компјутер во секоја училница и солидна интернет врска за часот непречено да се одвива.
7.За да можат наставниците да работат од училиште треба да се отворат градинките.
8.Ако недостасува персонал за организирање на дневниот престој, може да се ангажираат студентите од последните години на студии на наставничките факултети.
9. За практичната настава во средните стручни училишта треба да се организираат учениците по пет во група во повеќе смени.
10.Да се одреди една или две унифицирани платформи за спроведување на онлајн настава и за истите да се организира обука.
Сето ова ќе значи овозможување на непречен и ефективен процес на едукација на учениците во новонастанатата состојба со епидемијата. Потребно е МОН навремено да реагира и да ги прифати предлозите на ВМРО-ДПМНЕ, за да ги подготви просветните работници, родителите и учениците за новата учебна година.
Власта на СДСМ покажа дека единствено само добро знае да организира криминал, корупција и рекет. СДСМ и Заев потфрлија на секое поле и ја покажаа на дело нивната негрижа, неодговорност и неорганизираност“ додаваат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски ќе урива дивоградби низ Скопје, се чисти депонијата кај гробиштата во Бутел
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави засилени мерки против дивите депонии и дивопоставените објекти низ градот, потенцирајќи дека „ред мора да има“. Тој информира дека по третпат се чисти депонијата во близина на гробиштата во Бутел, додека паралелно ќе се постапува и против узурпацијата на јавниот простор.
Ѓорѓиевски изјави дека просторот со години бил запуштен и дека станува збор за место кое мора да биде достоинствено уредено, особено во пресрет на верските празници кога граѓаните масовно ги посетуваат гробиштата.
– Ова е трета акција за чистење откако сум градоначалник. Во изминатите четири дена повторно се спроведува расчистување во координација со Општина Бутел. Наместо средствата да ги насочиме кон развој и изградба, ние повторно трошиме ресурси – луѓе, камиони и механизација, за истата намена – изјави тој.
Како претседател на ЗЕЛС, побара итно донесување на законските измени за комунална полиција, со кои се предвидува и зголемување на глобите.
– Мора да се воведе ред и во овој сегмент. Казните треба да бидат повисоки за конечно да се стави крај на несовесното однесување – порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави дека следува и поинтензивна акција против дивопоставените објекти кои узурпираат јавен простор, велосипедски и пешачки патеки, зелени површини и други јавни зони.
– Граѓаните 30 години бараат ред. Ред ќе има. Знам дека некој нема да го прифати тоа позитивно, затоа што му се нарушува комодитет кој му бил дозволен на грбот на градот и граѓаните – рече тој.
Посочи дека постојат објекти поставени без никаква документација, па дури и во близина на здравствени установи.
– На Бит Пазар има објект поставен на велосипедска и пешачка патека, невозможно е да се функционира. Тој ќе биде отстранет. Секаде каде што имаме узурпација на државен простор ќе постапуваме – истакна градоначалникот.
Според него, целта е изградба на систем во кој правилата ќе важат еднакво за сите.
Македонија
Апасиев: Левица ќе и поднесе кривична пријава на Цвета Ристовска
Партијата Левица соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против Цвета Ристовска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, откако таа поднесе оставка од функцијата.
Лидерот на партијата, Димитар Апасиев, преку објава на социјалните мрежи наведе дека правниот тим на Левица подготвува пријава поради, како што тврди, лажирање податоци во анкетен лист со цел прикривање фирми поврзани со нејзини блиски.
Тој посочи дека, според нив, станува збор за кривично дело утврдено со Кривичниот законик и додаде дека доколку не биле објавени серија скандали, Ристовска сè уште ќе ја извршувала функцијата.
Апасиев истакна дека партијата ќе продолжи со откривање случаи на корупција и ги повика граѓаните кои располагаат со докази против функционери да ги достават до нив, ветувајќи дискреција и поведување правни постапки без оглед на политичката припадност на инволвираните.
Македонија
Ја давел и ја претепал бремената партнерка, се спасила откако го убедила да ја носи на лекар, па побегнала додека стоеле на семафор
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж осомничен за кривично дело Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по пријава за семејно насилство извршено врз неговата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
Според Обвинителството, насилството се случило во домот на улицата „Рајко Жинзифов“ во Скопје, каде по расправија осомничениот започнал физички да ја напаѓа жената, удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. На оштетената ѝ биле нанесени гребаници, отоци и хематоми.
Додека жртвата викала и барала помош со намера да ја слушнат соседите и да повикаат полиција, осомничениот, според наводите, станувал сè поагресивен и продолжувал да ја удира, а во еден момент ја притиснал со раце за врат со цел да ја замолчи.
За да се спаси и да излезе од домот, жената го убедила осомничениот да заминат на гинеколошки преглед и да направат ехо на бременоста. Додека се движеле со автомобил и возилото застанало на семафорите на булеварот „Св. Климент Охридски“, таа успеала да избега и да влезе во блиско кафуле, каде побарала помош. Со позајмен мобилен телефон веднаш ја известила полицијата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост, кои вклучуваат обврска осомничениот повремено да се јавува кај надлежен орган, привремено одземање на патна исправа, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетената.

