Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ повторно бара надзорна расправа за адвокатските услуги на власта
ВМРО-ДПМНЕ повторно побара надзорна расправа за да се расветли скандалот со милионските суми за адвокати ангажирани од јавните претпријатија и институции.
„На ваквото барање се потпишани најмалку 15 пратеници и во согласност со Законот за Собранието мора да биде прифатено, а надзорната расправа да ја одржи матичното работно тело, односно Комисијата за финансирање и буџет. Ова барање е резултат на напорите на пратениците од СДСМ на вчерашната седница на Комисијата за финансирање и буџет да го скријат скандалот за склучените договори за адвокатски услуги со адвокати и адвокатски друштва блиски до СДСМ. Имено, се работи за сомнеж за одлив на милионски средства од буџетските пари за адвокатите и адвокатските друштва што се во блиска релација со владејачкиот СДСМ“, рече пратеничката Лилјана Кузмановска.
Со вчерашното негласање на иницијативата, додаде таа, СДСМ покажа дека не само што сака да го скријат овој скандал, туку дека чукањето во гради за транспарентност пред граѓаните се само празни зборови, а во реалноста се кријат битни информации од јавноста.
ВМРО-ДПМНЕ вторпат поднесува иницијатива до собраниската Комисија за финансирање и буџет за надзорна расправа за склучените договори за консултантски, адвокатски и нотарски услуги на Владата, државните органи и претпријатијата со целосна, делумна или доминантна сопственост на државата.
Во иницијативата се наведени примерите за кои „А1 он“ веќе истражуваше во два наврата – станува збор за огромни суми што се одлеваат од буџетот на јавните претпријатија за адвокати блиски до владејачките структури.
„Можноста за склучување договор во четири очи со дискреционо право на раководното лице или топ-менаџментот отвора сомнеж за излевање огромни финансиски средства кон одредени адвокати, нотари и консултанти за нивни услуги. Во изминатиот период во повеќе наврати излегоа многубројни информации за ангажирани адвокатски друштва на лица носители на јавни функции или во роднинска врска со носители на јавни функции. Очигледна е тенденцијата одредени адвокатски друштва да склучуваат со Владата, органите на државната управа и јавните претпријатија“, се вели во иницијативата.
Како примери се наведени случаите за кои „А1 он“ веќе пишуваше – дека адвокатското друштво „Де леге“, кое е ангажирано од ЈП „Водовод и канализација“, а еден од сопствениците е пратеничката од СДСМ, Снежана Калеска-Ванчева. Тука е и Стефан Јосифовски, адвокат што го застапува СДСМ, а воедно е ангажиран и како адвокат на „Водовод и канализација“, Мери Младеновска-Ѓорѓиевска, која е советник во кабинетот на Кочо Анѓушев, а се јавува како адвокат во повеќе јавни претпријатија, советникот на премиерот Зоран Заев, Миле Зечевиќ, кој исто така се јавува како адвокат во државните служби.
Целта на надзорната расправа, како што стои во иницијативата до Собранието, е да се подобри транспарентноста и да се види колку пари добиваат адвокатите што се на јавни функции или, пак, нивните роднини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче ја спореди власта во Македонија со режимите во Иран и Венецуела, за нападите на САД рече дека се за доброто за Иранчани
Во одговор на новинарско прашање за нападите на САД врз Иран, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, истакна дека Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер и дека откако ги исрпија сите механизми за преговори настапија кон еден таков напад, за доброто на народот во Иран, додавајќи дека очекува деескалација на ситуацијата.
„Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер и тие, откако ги исцрпија сите дипломатски механизми на преговори, настапија кон таков еден напад кон Иран и сметам дека таквиот напад и сè што се прави е во истиот контекст како што беше направена интервенцијата во Венецуела, а тоа е за доброто на иранскиот народ, како што беше и за доброто на народот во Венецуела“ рече Филипче.
САД треба да знаат дека власта во Македонија има карактеристики како режимите во Иран и Венецуела, додаде тој.
„Меѓутоа, добро е да се каже дека Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер, треба да знаат дека овде во нашава земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат“, нагласи Филипче.
Тој посочи дека актуелната власт ја турка државата во изолација, иако европската интеграција е стратешки интерес и за Македонија и за САД и за целиот регион. Дополнителна загриженост, како што рече, предизвикуваат контактите со структури блиски до рускиот претседател Владимир Путин.
„Внимавајте, вториот човек на Владата не ги крие контактите со Ноќните волци, луѓе блиски до рускиот претседател Путин. Целосна е тотална партизација на правосудството. Премиерот именува, назначува, елиминира обвинители на телевизија. Очигледно е влијанието и партизирањето на судството“, истакна Филипче.
Македонија
ДЗС со вежба го одбележа Светски ден на цивилната заштита
Со вежба за цивилна заштита и спасување во битолско викендов се одбележува 1 Март – Светски ден на цивилната заштита. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов во изјава за медиумите истакна дека овој ден е посветен на луѓето, без разлика дали се од институциите или од доброволните друштва, кои секогаш се во служба на безбедноста и заштитата на граѓаните при природни непогоди, несреќи, кризни состојби и други опасности.

По повод Светскиот ден на цивилна заштита, во соработка на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС) и Доброволно противпожарно друштво (ДПД) „Архангел“ од Битола, беше реализирана дводневна вежба во Битола и кај манастирот „Св. Ѓорѓи“ во битолското село Велушина (во предел кон границата со Грција).

– Првиот ден се реализираше презентација на улогата на ДПД во системот за заштита и спасување со разменување теортетски и практични искуства и добри искуствени практики. Вториот ден, при показната вежба – симулација на настан „Гаснење пожар на отворен простор“ се примени јасна командно-контролна структура (ICS), со однапред утврдени улоги и одговорности во насока на јакнење на меѓуинституционалната соработка и со доброволните друштва, нагласи Ангелов.
Македонија
(Видео) Филипче: Со Мицкоски, има драматичен пад на странските инвестиции за 729 милиони евра
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција изјави дека со Христијан Мицкоски на чело на Владата има драматичен пад на директните странски инвестиции од 61 отсто, односно намалување од 729 милиони евра во 2025 година во споредба со 2024 година.
„Во 2024 година има рекордна вредност на директни странски инвестиции од 1.196.000.000 евра, а сега во 2025 година само 467 милиони евра. Тоа е резултат на економската политика на оваа Влада – едноставно дебакл“, изјави Филипче, повикувајќи се на податоци од Народната банка.
Тој нагласи дека бројките значат работни места и благосостојба, посочувајќи дека во време на владите на СДСМ биле отворени 16 нови фабрики и над 10.000 работни места во технолошко-индустриските развојни зони.
Филипче тврдеше дека сега се бележи повлекување на компании и кратење на производствени линии, при што, како што рече, „илјадници работни места се под ризик“.
Тој ја обвини Владата за „тотална негрижа“, посочувајќи на, како што наведе, буџетски дефицит од близу две милијарди евра, издавање две еврообврзници во вредност од една милијарда евра и барање нови 300 милиони евра задолжување.
Филипче додаде дека СДСМ предложила зголемување на минималната плата и пренамена на буџетски средства, но дека власта го одбила предлогот. Според него, намалени се средствата за земјоделство и за пациенти со ретки болести, додека, како што рече, „има пари само за тендери блиски до врвот на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Нема напредок, нема дури ни стагнација – има назадување на сите процеси во државата“, изјави Филипче.

