Македонија
ВМРО-ДПМНЕ предлага анкетна комисија за работењето на СЈО
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска до Собранието поднесе предлог-одлука за основање анкетна комисија за утврдување на евентуалното нестручно, несовесно и незаконито работење на СЈО во рамките на оваа институција, изјави пратеникот Антонијо Милошоски.
„Оваа предлог-одлука ја поднесуваме до Собранието затоа што токму Собранието по предлог на Советот на јавните обвинители констатира дека специјалниот обвинител, госпоѓа Катица Јанева, работела нестручно, незаконски и несовесно и сакаме во име на граѓаните како даночни обврзници што одвоиле приближно 15 милиони евра за работењето на досегашно СЈО да ги утврдиме фактите на кој начин биле трошени средствата и на кој начин се постапувало по одредени други процедури внатре во самото СЈО.
Анкетната комисија би се состоела од претседател и 10 члена и како иницијатори сметаме дека имаме и капацитет и во согласност со собраниската пракса да номинираме претседател на оваа анкетна комисија, а сите други политички партии во согласност со нивното присуство во Собранието да делегираат членови во анкетната комисија. Анкетната комисија не би се занимавала со какви било обвинителски или судски предмети бидејќи не сака ниту може да биде обвинител ниту судија, но би го утврдувала начинот на материјалното и финансиското работење на обвинителството, почитување на постојните законски процедури и деловодници внатре во самото обвинителство. Законитост на постапките при вработување во самото обвинителство, утврдување можни конфликтни интереси или непотизам при вработување, како и трошењето на средствата по однос на сомнителни хонорари за она што го имаме како дојава за потпишување договори за чување деловна тајна, која сметаме дека по самиот опис на работа не би требало да ги исклучуваат обвинителите или вработените внатре во обвинителството бидејќи законот им налага во секој случај со самото засновање работен однос да чуваат деловна тајна, а сметаме дека имало голем дел такви договори и исплатени хонорари, кои, според нас, немаат законска основа.
Тоа што би сакал да го напоменам е дека во ваквата анкетна комисија како придружни членови или набљудувачи би биле поканети и претставници на шведската, американската и на холандската амбасада бидејќи овие три држави имаа значителен финансиски учинок и влог во буџетот на СЈО од даночните обврзници на нивните земји и сметаме дека би имале право да имаат увид во тоа како биле потрошени или како се располагало со средствата на нивните даночни обврзници во рамките на работата на СЈО. Очекуваме по однос на овој закон, уф, извинете, по однос на оваа предлог-одлука за анкетна комисија, најбргу што може да се изјаснат и другите политички партии, особено колегите од владејачкото мнозинство, кои заедно со сите други пратеници ја почитуваа одлуката на Советот на јавните обвинители за незаконско, нестручно и несовесно работење на специјалната обвинителка Катица Јанева, која беше најбитната фигура во оваа институција, и тоа е доволна основа да имаме мотив да го провериме работењето на СЈО во деловите што ги спомнав. Тоа би било приближно она што сакав да го изнесам денес и да ве информирам дека ќе ја поднесеме до Собранието оваа предлог-одлука“, истакна Милошоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

