Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС како раштиман оркестар две недели повторува исто партиско соопштение и се занимава со апсурди
СДС како раштиман оркестар две недели повторува едно исто соопштение. СДС е до толку демолирана партија што се обидува да ја манипулира јавноста со теми кои се веќе анализирани, образложени и надминати. СДС се дефокусирани, расеани и исплашени од Божиновска, поради тоа што почна да открива каков се криминал правеле СДС во РЕК Битола, ЕСМ и МЕПСО. СДС дефокусираат поради тоа што 7 години катастрофално се справуваа и не ги решаваа проблемите во енергетиката. СДС не донесе странски директни инвестиција во енергетиката. СДС лажеше дека владата ги субвенционира сметките за струја, за на крај да излезе дека 60 милиони евра од Владата кон ЕВН не се платени, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Небулозни се соопштенијата на СДС, во време на СДС и ДУИ 7 години од МЕПСО парите наместо за енергетската мрежа се трошеа за донации и спонзорства на фитнес клубови. Во време на СДС и ДУИ единствени инвестиции беа фамилијарните бизниси со фотоволтаици, каде државно земјиште им се продаваше по багателни цени на членови од фамилијата на највисоките структури на власта. Заврши времето кога на седница на влада со која раководи Димитар Ковачевски се доделуваше државно земјиште за фотоволтаици на неговата сопруга по цена од едно евро за метар квадратен. Заврши времето кога камиони со струмички таблици вртеа во РЕК Битола.Заврши времето на криминалот и корупцијата во енергетиката“, додаваат од партијата.
Според нив, време е за инвестиции во енергетскиот сектор, време е за инвестиции во обновливи извори на енергија.
„За разлика од СДС владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ уште во првите 100 дена донесе нова инвестиција, нов ветерен парк тежок 500 милиони евра помеѓу Штип, Радовиш и Карбинци. Неспособноста заврши со нив“, завршуваат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

