Македонија
ВМРО-ДПМНЕ утре на протест со возила во Скопје, Охрид и Прилеп

ВМРО-ДПМНЕ најави дека утре, 13 октомври, во 18 часот, ќе се одржат протести со возила во Охрид, Прилеп и Скопје против поскапувањето на струјата.
„ Граѓаните во Македонија се соочени со драстичен пад на стандардот поради поскапувањето на струјата од 7,4% што го испорача мафијата на власт преку одлуката донесена од РКЕ. Марко Бислимовски, претседателот на РКЕ е марионета на Заев, скапо платена марионета која удира по џебот на граѓаните за да ги покрие дупките од неспособноста и неодговорноста на мафијата на власт. Сега народот плаќа поскапа струја, дури Бислимовски за своите штетни одлуки за граѓаните го плаќаат 120 илјади денари“, се вели во најавата за протестите.
ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните, додаваат од партијата, уште еднаш ќе порачаат да се врати старата цена на струјата, да се спречи осиромашувањето на граѓаните, Марко Бислимовски и членовите на РКЕ да бидат сменети и на нивно место да се изберат експерти кои ќе го штитат интересот на народот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: Расадник добива нова современа градинка

Расадник добива нова, современа детска градинка. Со одлична динамика се одвива изградбата на уште еден капитален објект за најмладите жители на Кисела Вода, велат од Општината.
Новата градинка ќе се простира на површина од 800 квадратни метри и ќе има капацитет за згрижување на 120 деца. Објектот ќе располага со вкупно шест занимални, од кои две се наменети за јасли. Со оваа инвестиција, општината продолжува со исполнување на целта за целосно затворање на листите на чекање за прием во детските градинки.
На почетокот на мандатот на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, бројката на дечиња кои чекаа место во градинка беше над 400. Сега, со изградбата и отворањето на нови објекти во населбите 11 Октомври, Потстаница и оваа во Расадник, Кисела Вода не само што обезбедува место за сите деца од општината, туку отвора можност да прими и деца од соседни општини, соопшти Општината.
„Ова не е само инвестиција во инфраструктурата – ова е инвестиција во иднината. Обезбедуваме квалитетни услови за секое дете, но и големо олеснување за секој родител. Го исполнуваме ветувањето што го дадовме пред граѓаните – дека децата ќе бидат наш приоритет број еден. Благодарен сум на Владата на Република Македонија, на Премиерот Христијан Мицкоски, на Министерството за труд и социјална политика и на сите институции и луѓе кои се вклучени во реализација на овој значаен проект“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
(Видео) „Истрагата за Кочани се спроведува неселективно и во целост, а Филипче и Шарените знаат само да злоупотребуваат трагедии“, вели Манасиевски

„Истрагата за Кочани од страна на МВР е спроведена во целост и без поштедување на било кого, како што тоа во минатото беше случај. Сите документи се предадени во ЈО и никој не е поштеден. ЈО е сега тоа кое треба низ понатамошниот тек на постапката да одлучува кого ќе опфати со предметот, а кого не“, кажа Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Според СДС што требаше да се направи? Да се штедат лицата кои се осомничени и да се постапува како што постапуваа Филипче, Оливер Спасовски и Зоран Заев? Не, правдата мора да биде неселективна. СДС не само што не знае за правда воопшто, туку оди и понатаму злоупотребува смрт на невини лица.
Според наши информации, СДС имале состанок на кој присуствувале повеќмина од раководството и токму на тој состанок договориле Кочани да биде дел од кампањата во следниот период.
Ова е одлучено и покрај обидите на неколкумина да укажат дека ова не е совесно, ниту пак чесно и морално да се тера кампања за оваа трагедија во која има починати 62 лица.
Ова е доказ дека СДС не знае за основни вредности. И покрај сите укажувања раководството одлучило Кочани да е главна тема во следниот период и во пресрет на локалните избори.
Замислете одат и понатаму, мислат дека оваа агенда ќе им донесе поени и ќе ги врати Заев и Филипче и сличните на нив.
Сето ова го прават истите луѓе кои заборавија на Модуларната болница на Дурмо турс и на Беса транс. Истите луѓе кои играа со чувствата на народот во времињата на Шарената револуција кога зборуваа за Смилковско езеро, за Младенов, за Нешковски, случаи за кои подоцна од позиција на власт срамно, но без око да им трепне констатираа дека правдата е таа и виновниците се тие.
Ова се истите луѓе. Очигледно, не само што не се засрамуваат, туку пробуваат со исти механизми да создаваат негативни чувства кај народот. Филипче и сличните како него, на претстојните избори многу добро ќе видат што мисли народот за нив“, соопшти Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Соработка за одржлива природа“, порака на министерот Меџити од Тетово

Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, учествуваше и се обрати на Регионалниот форум со тема: „Добро управување и меѓуинституционална соработка во заштитените подрачја во Северна Македонија, Албанија и Косово“, кој се одржа во градот под Шара, Тетово.
Во своето обраќање, министерот Меџити истакна дека природните ресурси како водата, воздухот и шумите не познаваат политички или административни граници, додека начинот на нивно управување ја одразува капацитетот на државата и на регионот во целина.
„Водата што тече од нашите планини, воздухот што циркулира низ долините и шумите што ги покриваат нашите природни граници не ја познаваат администрацијата, ниту политичките бариери. Но, начинот на кој ги штитиме овие природни ресурси, особено управувањето со заштитените подрачја и националните паркови, претставува директен одраз на нашите институционални капацитети – како држави и како регион“, изјави Меџити.
Министерот посочи дека заштитените подрачја се најчувствителните и највредни делови од територијата, каде што се зачувува загрозената биолошка разновидност, се штитат природните ресурси и се обезбедува еколошка стабилност.
‘Како дел од конкретните активности, Министерството за животна средина и просторно планирање ја зголеми заштитената површина од 11,5% на 13,9%, со прогласувањето на Националниот парк Шар Планина и подготовките за заштита на регионот Јабланица. Во фокус се и подготовките за хармонизација со европската мрежа Natura 2000 и Конвенцијата CITES, преку инвестиции во обуки, дигитални системи и платформи за управување со податоци’, додаде Меџити.
Министерот Меџити потенцираше дека природата е целина, а нејзината заштита е заедничка одговорност. Заштитените подрачја како Шар Планина, Маврово, Галичица и Преспанско-Охридскиот регион се природни мостови што ги поврзуваат нашите држави и народи.
Во рамки на форумот беа презентирани и добри практики, како поставувањето на соларни огради во Шар Планина за заштита на земјоделските култури од диви животни – решение засновано на природата и одржливоста.
На крај, министерот повика на понатамошна координација меѓу институциите на Северна Македонија, Албанија и Косово, како и со европските партнери, за да се обезбеди ефективно управување со заштитените подрачја и да се изгради здрава, зелена и одржлива иднина за сите.