Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Штом Бугарија прогласува успех, а нашата власт молчи, значи дека се отвора врата за негацијата на македонскиот идентитет

Власта на СДСМ и ДУИ го става македонскиот народ во подредена положба и со тоа директно задира во идентитетските прашања, македонскиот јазик и историја. Со прифаќањето од страна на историската комисија во нашите учебници да бидат претставени различните перцепции од определен настан на таа држава или за одредена личност, се отвора врата за негаторските позиции кон засебноста на македонскиот идентитет да влезат директно во образовниот процес, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ова само покажува дека со оваа власт поразите се секојдневие. Тоа што бугарската страна прогласува успех, а нашата власт молчи доволно говори какви решенија се подготвуваат во целосно нетранспарентниот процес.
Повторно предупредуваме дека ниту граѓаните, ниту пратениците не се ни приближно целосно информирани што е договорено во историската комисијата и за кој напредок Бугарија прогласи успех. Тајните договори само отвораат сомнежи дека зад затворени врати се договора нова распродажба, не само на Цар Самоил, туку и на целокупната историја, јазик и идентитет“, додаваат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода дел од Кисела Вода

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека денеска поради изведување на водоводен приклучок на водоводна мрежа со пречник од Ф-150 мм на улицата Христо Татарчев бр. 47, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица и кулите – Расдник, oпштина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.
Македонија
Сончево и топло, максималната температура ќе достигне до 34 степени

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 19, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени.
Во Скопје, сончево и топло. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови времето ќе биде стабилно, претежно сончево и топло. Ќе дува умерен, во сабота наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Македонија
„Уапсени се полицајци и полициски функционери кои биле на смена кобната вечер“: СДСМ ја поздрави акцијата на ОЈО ГОК за Кочани

„Ја поздравуваме вечерашната акција на Обвинителството за организиран криминал и корупција во која се лишени од слобода полицајци и полициски функционери кои биле на смена кобната вечер на 16 март во т.н. дискотека Пулс во Кочани“, соопшти СДСМ.
„Фактот што четири месеци ВМРО-ДПМНЕ се обидуваше да ја сокрие одговорноста на полицајците и полициските функционери, фактот што нивната вина беше негирана од страна на Панче Тошковски и Христијан Мицкоски укажува на тоа дека сите биле вмешани или на некој начин знаеле за нелегалното работење на Пулс и тоа го одобрувале.
Само поради обидите да се сокрие одговорноста од страна на Тошковски и Мицкоски на лицата кои тие ги поставија за полицајци, командири и началници би требало веднаш да си поднесат оставки.
Одговорност мора да има и за Александар Јанев, директорот на БЈБ. Тошковски и Јанев не смеат повеќе да ја попречуваат истрагата ниту да влијаат некој да не сноси одговорност.
Вистината за Кочани која цела недела ја објавуваше СДСМ е точна. Се покажа дека без силен притисок на јавноста, на дел од медиумите и на СДСМ нема да има правда за Кочани. Време е за одговорност, време е за оставки“, се додава во соопштението на СДСМ.