Македонија
Внимавајте на сонце, денес многу топло со температури до 39 степени

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од источен и североисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 21, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен променлив ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на многу топла воздушна маса од југ во текот на наредната седмица времето ќе биде претежно сончево и многу топло.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30 степени, а наместа ќе достигне и 40 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
(Видео) Вистинска драма кај „Борис Трајковски“, евакуација на публика, 9 полицајци завршија во болница

Попладнево околу 16 часот во близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје изби пожар кој предизвика паника кај учесниците и посетителите на меѓународниот ракометен турнир. Благодарение на брзата реакција на полициските службеници и противпожарните екипи, спречено е ширење на огнените јазици кон паркираните возила, околните објекти и лизгалиштето кое е во рамки на спортскиот комплекс.
Според информациите, полицијата извршила навремена евакуација на сите спортисти, спортски работници и публика, со што е избегната поголема несреќа.
Како последица на вдишаниот чад, девет полициски службеници завршија на Одделот за токсикологија каде им е укажана лекарска помош и се на кислородна поддршка. Од болницата информираат дека сите се во стабилна состојба.
Надлежните служби остануваат на терен за да ги утврдат причините за пожарот.
Македонија
„Марш на ангелите“: Кој ги штити виновниците, прашаа родителите во Кочани

Во Кочани денеска се одржа 20-тиот „Марш на ангелите“, тивок протест во спомен на жртвите од трагедијата во дискотеката „Пулс“. Родителите и семејствата на загинатите уште еднаш упатија силни пораки за правда, обвинувајќи дека институциите го штитат криминалот наместо младите животи.
Пред Полициската станица во Кочани тие порачаа дека системот потфрлил затоа што, како што рекоа, имало „заштитници и соучесници во униформа“. Тие побараа неселективна и транспарентна истрага, како и одговор од ОЈО ГОКК за тоа до каде е постапката против вработените во МВР.
„Зошто тие сè уште се на слобода?“ – прашаа родителите.
Маршот започна во 17:05 од „Паркот на револуцијата“, минувајќи низ центарот на градот и завршувајќи пред Основниот суд и Основното јавно обвинителство во Кочани. Таму семејствата порачаа дека нивната борба не е само за сопствените загубени деца, туку за секое дете во државата.
„Без независен и некорумпиран судски систем, вакви трагедии ќе се повторуваат. Нашите деца ги нема, но вие имате обврска да ја истерате правдата“, изјавија родителите.
Маршот, проследен со силен ветер, заврши со апел до институциите конечно да ја преземат одговорноста и да ја докажат вистинската правда.
Македонија
Паднати дрва 3 часа го блокираа патот кон Меџитлија

Попладнево Битола и регионот беа зафатени од силно невреме проследено со ветер и пороен дожд, што предизвика сериозни проблеми во сообраќајот.
Според Автомото сојузот на Македонија (АМСМ), во 16:10 часот паднати дрвја го блокираа патниот правец ГП Меџитлија – Битола, поради што сообраќајот беше целосно во прекин.
Сообраќајот на истиот патен правец беше нормализиран дури во 18:50 часот, откако службите интервенираа и патот беше расчистен.
Патниците и возачите денес се соочуваат со сериозни проблеми и застои, не само на овој регион, туку и на повеќе патни правци низ државата. На граничниот премин „Евзони“, на влез од Грција кон Македонија, моментално има големи гужви, а за влез во земјата се чека и до два часа.