Македонија
„Возела брзо, не го пропуштила пешакот иако две возила чекале“, вештачењето за прегазувањето на Слободан лоцира вина кај возачот
Обвинетата Гордана Филиповиќ сторила сообраќајни пропусти кога го прегазила пешакот Слободан Ангеловски. Ова е заклучокот од вештачењето за сообраќајната несреќа пред мостот „Гоце Делчев“. Адвокатката Јована Малезанска, бранител на семејството на загинатиот кое бара правда, посочи дека, според вештачењето, обвинетата со возилото не застанала на пешачкиот и поминала иако до неа имало две возила што чекале починатиот Слободан да помине на другиот крај од островчето. На рочиштето вторпат не се појавија сведоците, кои ја виделе целата сообраќајна несреќа.
„Ова рочиште се одржа и покрај тоа што одбраната инсистира првин сведоците да се сослушуваат. Поради економичност и ефикасност на постапката, судот реши да го испита вештакот Винко Гаица, кој беше вештак на Обвинителството. Сослушувањето траеше еден час и нешто. Притоа, Обвинителство, одбраната, имаа можност да го сослушуваат. Клучно произлезе дека единствената вина за сторување на сообраќајната незгода е на страна на обвинетата, која поради направени пропусти, неприспособена брзина на возење со повеќе од дозволената и неприспособена кон пешачкиот премин, со тоа што не го пропуштила и покрај две паркирани возила – придонела да се случи настаната сообраќајна незгода. Одбраната се обиде да ги сврти тезите дека тоа за неа било ненадејна пречка, каде што не можела да го види човекот, и дека човекот паднал“, вели адвокатката Малезанска за „Макфакс“.
Таа посочи дека од страна на полицијата ќе биде спроведен сведок оти тој добил покана, но на рочиштето не дошол.
„Ова е второ рочиште на кое сведоците не дојдоа. За едниот сведок има уредна достава, што значи дека за следното рочиште полицијата ќе го приведе за да се обезбеди присуство. За другиот сведок нема уредна достава, па судот ќе се обрати до МВР за да се побара информација за живеалиштето, па дополнително ќе се испитува и за него дали е достапен за органите на прогонот“, додаде Малезанска.
Во јануари минатата година кумановката Филиповиќ, управувајќи „бмв х5“, го усмрти Ангеловски кај мостот „Гоце Делчев“, а на почетокот на судењето минатиот месец рече дека не чувствува вина. Нејзиниот адвокат најави дека ќе докаже оти најголем придонес за несреќата има покојниот, а Обвинителството, пак, е децидно дека ќе докаже оти вината е кај обвинетата. Филиповиќ е мајка на кумановката Јелена, која пред три години на 17-годишна возраст загина во сообраќајна несреќа. Возачот што ја усмрти доби 7,5 години затвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

