Македонија
Во бегство е мажот кој избоде Бугарин во Чаир, за четири лица мерки на претпазливост

Лицето за кое постои сомнение дека е директно одговорно за нанесување на тешката телесна повреда на бугарскиот државјанин е идентификувано, но се уште не приведено и по него се трага, објави попладнево скопското Обвинителство.
Истовремено, до кривичниот суд поднесен е предлог за определување мерки на претпазливост против четири лица за кои е поведена постапка за учество во инцидентот кај трговскиот центар „Чаирчанка“ во кој беше повреден еден бугарски државјанин.
Постои основано сомнение дека лицата на возраст од 28 до 32 години учествувале во физичка пресметка со навивачи на бугарскиот фудбалски клуб „Левски“ со што сториле кривично дело – Насилство.
„Имајќи ги предвид сите околности на настанот, кој беше предизвикан кога бугарските навивачи со две возила се движеле во близина на трговскиот центар “Чаирчанка” и најпрвин влегле во вербална расправија со случајни минувачи и граѓани, а потоа ги запреле возилата и излегле од нив, по што вербалната расправија преминала во физичка пресметка со група граѓани кои излегле од околните објекти, јавниот обвинител за осомничените предложи неколку мерки на претпазливост: обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице во Основниот кривичен суд Скопје, привремено одземање на патните исправи, како и забрана за посетување на определено место – спортски натпревари’, велат од Обвинителството.
Обвинителството продолжува да презема дејствија за обезбедување докази со цел целосно расчистување на настанот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Улица во Кисела Вода денес без струја

Корисниците на улицата Кумановска во општина Кисела Вода денес ќе останат без електрична енергија во периодот од 12:00 до 15:00 часот, информираат од ЕВН Македонија АД.
Прекинот е најавен поради технички зафати на дистрибутивната мрежа.
Македонија
Денес сончево и топло, од четврток промена на времето

Утрото ќе биде ведро и посвежо, а преку денот се очекува претежно сончево и топло време, со слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од 6 до 14 степени, додека максималните ќе достигнат од 27 до 33.
Во Скопје ќе преовладува сончево време, со утринска температура до 12 и дневна до 33 степени, информира УХМР.
До среда ќе се задржи стабилно и топло време. Од четврток попладне следува период на променливо облачно време со локални врнежи. Во петок се очекуваат и гремежи, како и умерен до засилен југоисточен ветер.
Температурите ќе бидат во постепено опаѓање, особено за време на викендот.
Македонија
Сиљановска-Давкова во Њујорк: Време е кормилото на ОН да му го довериме на жена

Во рамки на учеството на 80. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на состанок на високо ниво по повод 30-годишнината од Четвртата светска конференција за жените.
Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова истакна дека иако Пекиншката декларација останува темел на борбата за родова еднаквост, напредокот е нееднаков, кревок и често реверзибилен.
„Насилството врз жените останува неказнето, фемицидот ја осквернува светоста на животот, а жените сè уште се соочуваат со бариери во пристапот до ресурси, лидерство и одлучување,“ рече таа.
Претседателката посочи и на кризата во Обединетите нации, институција основана за заштита на мирот, а денес исправена пред бројни конфликти низ светот. Таа апелираше на храбро лидерство од жени, велејќи:„Ако сме сериозни во врска со мирот, време е да го довериме кормилото на ОН на жена.“
Во нејзиниот говор таа подвлече дека родовата еднаквост не е феминистичка привилегија, туку хуманистички императив, потенцирајќи дека жените се носители на исцелување, сочувство и надеж.
Учесниците на состанокот ја потврдија потребата од посветеност, конкретни политики и ресурси за реализација на визијата од Пекинг и за создавање праведни и просперитетни општества.
Пекиншката декларација, како што потсети Сиљановска-Давкова, повикува на еднакви права и пристап за сите – жени и мажи, девојчиња и момчиња – и тој повик, рече таа, останува ургентен и денес.