Македонија
Во Демир Капија ќе се отвори првиот центар за одмена на семејната грижа
Министерката за труд и социјална политика, Јoванка Тренчевска, денеска се сретна со градоначалникот на општина Демир Капија, Лазар Петров. Двајцата соговорници констатираа дека Министерството за труд и социјална политика и Општината ќе продолжат со нова и повисока ефикасност во реализирањето на заедничките проекти во интерес на граѓаните. На средбата беа разгледани досегашните и идните проекти, како што се изградба и реконструкција на постојните градинки и нивно опремување, проширување на капацитетите за поголем опфат на деца во предучилишна возраст и обезбедување подобри услови за престој на децата во нив. Стана збор и за процесот на деинституционализација, кој ќе продолжи и годинава, но и за подготовките новореконструираниот објект на Специјалниот завод „Демир Капија“, наречен депанданс, да биде отворен во текот на годинава.
„Во тек се подготовките овој објект напролет да биде отворен како прв центар за одмена на семејната грижа, услуга првпат воведена кај нас со Законот за социјалната заштита. Семејствата што самите се грижат за член со попреченост или од други причини зависен од грижата на семејството (старо лице, болно и изнемоштено) ќе може 15 дена во текот на една година да добијат оддишка, така што грижата за зависниот член на семејството ќе ја преземе идниот центар за одмена на семејната грижа“, рече Тренчевска.
Градоначалникот Петров посочи дека шести пат се реализира проектот во рамките на програмата „Општинско корисна работа“, која е поддржана од Агенцијата за вработување, програмата за развој на Обединетите нации и Општина Демир Капија.
„Со спроведување на проектот ‘Подобрување на раниот детски развој и квалитетот на живот во Демир Капија III’ се овозможува подобро функционирање на клоновите на ЈОУДГ ‘Борис Трајковски’ во селата Корешница и Бистренци“, рече Петров.
На средбата се разговараше и за можностите за подобрување и проширување на капацитетите за згрижување стари лица преку изградба на нови домови за грижа на стари лица. Во моментот на територијата на општина Демир Капија се спроведува услугата помош и нега во домот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево и претежно тивко
Сончево со мала до умерена облачност. Во утринските часови наместа ќе има појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 0, а максималната ќе достигне од 9 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на неделата времето ќе биде сончево и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови на одредени места ќе има појава на магла. Максималната температура ќе биде над просекот за овој период од годината.
Македонија
Средба на Сиљановска-Давкова со претставници од групата на АЛДЕ
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставници на Алијансата на либерали и демократи за Европа (АЛДЕ) од Европскиот Парламент, учесници на меѓународната конференција „Quo vadis Europa 2025?”, што се одржа во Скопје.
Гостите ја потврдија јасната заложба на АЛДЕ за деблокирање на македонскиот евроинтегративен пат, како и брзо и целосно интегрирање на Западен Балкан во ЕУ, преку посегање по креативни решенија во овој исклучително тежок геополитички моментум.
Претседателката, низ призма на принципите и вредностите гарантирани со европските конститутивни акти, презентираше свои видувања и предлози за излез од блокадата.
Гостите изразија не само интерес, туку и подготвеност да помогнат во надминувањето на неодржливиот status quo во којшто се наоѓаме, преку иницирање можни решенија во рамките на Европскиот парламент.
Претседателката го поздрави конструктивниот пристап на АЛДЕ, во духот на европските демократски принципи и вредности.
На средбата присуствуваа Свења Хан, претседателка на АЛДЕ и германска европратеничка, Рик Дамс, потпретседател на АЛДЕ и поранешен претседател на Парламентарно Собрание на Совет на Европа, Весна Пусиќ, прва претседателка на Мрежата на либерали од Југоисточна Европа (ЛИБСЕН) и поранешна вицепремиерка и МНР на Хрватска, Моника Зајкова, претседателката на Либерално-демократската партија и Емил Кирјас, потпретседател на Либералната интернационала.
Македонија
Неправилности и проблеми со „Безбеден град“ ќе се пријавуваат преку специјален пункт или на интернет
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, е задоволен од резултатите од тест-периодот на проектот „Безбеден град“.
Тошковски вели дека граѓаните значително ја намалиле брзината на возење, а бројот на сообраќајни незгоди е во опаѓање.
„Тест периодот покажува дека Македонија има сила да биде нормална земја. Горд сум што македонските граѓани покажаа дека и во тест период кога ќе се вметне едно решение, граѓаните сфатија и го забавија возењето во рамки на главниот град. Граѓаните покажаа дека можат поинаку и дека сега се вистински Европјани. Намалени се бројките на сообраќајки на територија на Град Скопје, а особено на тешки телесни повреди и смртни последици“, кажа министерот.

Граѓаните ќе можат да пријавуваат неправилности и проблеми со системот „Безбеден град“ преку специјален пункт во склоп на управните служби на МВР, интернет-страница и мобилна апликација, најави Тошковски.
Тој нагласи дека се работи на остранување на сите неправилности и од 1 февруари возачите свесно ќе придонесат за безбедноста во сообраќајот.

