Македонија
Во изградба нова водоводна и канализациска мрежа на улицата Варшавска
Градот Скопје преку ЈП „Водовод и канализација“, заедно со Општина Карпош, денеска ја почнаа изградбата на новата водоводна и канализациска мрежа на улицата Варшавска во скопската населба Тафталиџе.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, изјави дека изградбата на новата мрежа ќе овозможи приклучување на новоизградените и на дел од постојните објекти на улицата, со што ќе се обезбеди во наредните 30 години да имаме подобро и поквалитетно водоснабдување и канализациска мрежа на овој дел од градот Скопје.
Тој додаде дека скопската вода е втора во Европа по својот квалитет, потребни се околу 30 години да помине низ природните филтри водата од Шар Планина, по подземните патишта преку Полог и Жеден додека да дојде до нашите граѓани.
„Скопје и Виена се единствените градови во Европа кои имаат еден ваков природен филтер кој овозможува постојано снабдување со здрава и квалитетна вода за пиење. Заради тоа со забрзан интензитет продолжуваме понатаму со развивањето на водоводната и канализациската мрежа за да обезбедиме поквалитетни услови за живот за сите наши сограѓани без разлика во кој дел од градот и кога го пронашле својот дом“, кажа Шилегов.
Градоначалникот нагласи дека Градот Скопје во текот на летово интензивно работи на водоводната, канализациската мрежа и на патната инфраструктура на целата територија на градот. Поради тоа, Шилегов уште еднаш ги замоли граѓаните за разбирање додека траат градежните активности.
На почетокот на градежните работи за изградбата на новата водоводна и канализациска мрежа на улицата Варшавска во населбата Тафталиџе присуствуваа и Душко Весковски, директор на ЈП„Водовод и канализација“ и Стефан Богоев, градоначалник на Општина Карпош.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Пронајдено лице што вчера се изгубило на Водно
Регионалниот Центар за управување со кризи – Скопје информира дека на бројот 112, вчера во 15:23 часот била добиена пријава за изгубено лице во Парк – шумата Водно.
Веднаш биле известени надлежните за нивна понатамошна постапка, по што лицето било пронајдено за околу еден час.
– Од полициската станица – Карпош во 16:34 часот во ЦУК, добиена е информација дека лице од Водно е на пат за градот, пишува во денешното соопштение на Центарот за управување со кризи.
Македонија
Почина таткото на Тоше Проески
Почина Никола Проески – татко на музичарот Тоше.
Веста за неговата смрт на социјалните мрежи ја објави Дора, неговата ќерка.
„Светол патот, татко мој“, напиша таа.
Музичарот Тоше Проески загина пред 16 години во сообраќајна несреќа во Хрватска. Неговите родители, по смртта на синот, не се појавуваа во јавноста.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ветува изградба на магистрален гасовод од Свети Николе до Велес
За Свети Николе предвидуваме изградба на магистрален гасовод до Велес, реконструкција и проширување на патот до Пробиштип, реконструкција и проширување на градинката „Рахилка Гонева“ и нови 8 милиони евра за општината Свети Николе, изјави Драган Ковачки, носител на третата изборна единица од ВМРО-ДПМНЕ.
„Почитувани граѓани, за земјоделците од овој крај, вклучително и за сите земјоделци, предвидуваме 800 милиони евра коишто ќе бидат директна поддршка за земјоделците, за навремени субвенции, за чистење на водоснабдителните системи. Нашите земјоделци заслужуваат подобар живот. Нашите граѓани заслужуваат подобар живот“, рече Ковачки.
Повика на излезност на изборите на 8 мај.