Македонија
Во ковид-центрите во Скопје за 24 часа хоспитализирани 33 пациенти

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализрани 33 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 262 лица сомнителни и потврдени на Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
Во последното деноноќие на интерните клиники имало 8 приеми.
Во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ имало 10 нови приеми на пациенти и 10 на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле биле примени 5 пациенти.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 29 оздравени пациенти.
Во моментот на Кожната клиника во ковид-центарот се лекуваат 23 пациенти, на Клиниката за неврологија – 23 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 16 пациенти со симтоми на коронавирусот.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 77 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 95 пациенти, а на Иститутот за белодробни заболувања кај децата во Козле има 28 пациенти. На ГАК нема хоспитализирани ковид-позитивни пациентки.
Вкупно 262 пациенти потврдени и сомнителни на Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од пациентите е на кислородна поддршка.
Бројот на приеми во изминатите денови е стабилен и утрово, до 8 часот, имало 90 слободни места, а се очекува во текот на денот, по направените исписи на оздравените пациенти, да се ослободат и дополнителни места.
Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и може да згрижат пациенти што имат потреба од кислородна поддршка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Мицкоски му дели задачи на Орце како што ѝ делеше и на Арсовска“, велат од СДСМ

„Христијан Мицкоски повторно сака да биде во улога на шпицен градоначалник и им дели задачи на кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. Овој пат на Орце Ѓорѓиевски, исто како што беше случајот со Данела Арсовска“, велат од СДСМ.
„Скопјани добро се сеќаваат: кога Мицкоски и Арсовска делеа задачи и бизниси, сè им функционираше. Заедно ветуваа бесплатен превоз, а Мицкоски највуваше 100 нови електрични автобуси, па дури и фабрика за производство.
Но, се скраа за рацете во медот и го заглавија главниот град во хаос.
Последниве четири години со ВМРО-ДПМНЕ на власт во Скопје видовме што значи тоа, целосно игнорирање на интересите на граѓаните. Видовме што значи партијата и партиските интереси да се стават пред здравјето на луѓето, видовме што значи заради политички инает да се уништи градот, претпријатијата и со тоа животот на граѓаните.
Денеска ја гледаме истата шема. Со Мицкоски и Ѓорѓиевски скопјани може да очекуваат нови разочарувања, нов хаос и нови бизнис-договори на грбот на граѓаните.
Скопје заслужува повеќе. Скопјани очекуваат решенија, искреност и политики што носат резултати. Очекуваат чист, уреден, културен град со градоначалник што ќе работи со визија и план, а не нова Арсовска по диктат на Мицкоски“, соопшти СДСМ.
Македонија
Минатата недела „пајакот“ кренал 99 возила во општина Центар

ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 17.08.2025 до 24.08.2025 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 99 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
ЈП ПОЦ и Општина Центар континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка и апелираат до граѓаните да ги почитуваат правилата и прописите и да ги оставаат своите возила само на пропишаните места за да им се овозможи на пешаците и велосипедистите нормално движење по тротоарите и велосипедските патеки, а на возилата безбедно движење по улиците.
Македонија
ДУИ: Мицкоски на погрешен пат, неуспесите не се покриваат со клевети

„Изјавите на премиерот Мицкоски и неговите повторни клевети зборуваат повеќе за неговата мака отколку за ДУИ. Наместо да даде отчет за слабите резултати на Владата во секоја област – од економијата до меѓународната изолација – тој се занимава со празни напади кон ДУИ“, велат од Демократската унија за интеграција.
„Наместо да измислува имагинарни непријатели, Мицкоски треба да објасни: зошто неговата влада го крши Уставот и законите, зошто ги дискриминира Албанците, зошто ја исклучи дијаспората од официјалните пресметки спротивно на уставните и законските норми, зошто ја инструментализира ДИК, Уставниот суд и другите институции за партиски и моноетнички цели и зошто со секоја одлука ја враќа државата назад во времето пред 2001 година.
ДУИ не може да остане рамнодушна кога се крши Охридскиот мировен договор – документ од суштинско значење за стабилноста и прогресивната иднина на државата. Обидот на Мицкоски да создаде политички „кнежевства“ меѓу Албанците, преку распарчување на политичката сцена со мали контролирани партии, е пропаднат проект чија цел е слабеење на албанското политичко претставување. Ова не придонесува за кохезијата на општеството, ниту за политичка стабилност.
Мицкоски, претставувајќи се како патриот и бранител на македонската кауза, всушност му штети на сопствениот народ. Ударот врз Охридскиот договор не ја унапредува државата, туку ја осиромашува и ја загрозува нејзината европска перспектива.
Нас не нè интересира дали сме или не сме во власта – туку да ја придвижиме државата напред, да ја извадиме од ќорсокак. Со стари политики процесите не напредуваат, а со судири не се гради иднината.
Оваа влада не е влада на граѓаните, туку на „српскиот свет“, со јасна ориентација кон оската Белград–Москва. Секоја нејзина одлука го загрозува евроатлантскиот пат кој Албанците и Македонците го избраа со апсолутно мнозинство.
Што се однесува до обвиненијата за криминал и корупција, одговорот е едноставен: прифатете го предлогот на ДУИ за целосен ветинг. Не ги штитете олигарсите и не ја блокирајте чистката на политиката од криминал. Не ги бранете корумпираните политичари, без разлика кој се. Нека има истрага за потеклото на имотот на секој политичар и секоја политичка партија. Нека има истрага за процесот на приватизација. Нека има истрага за активностите на безбедносните служби и за сите функционери од 1945 година наваму – од ОЗНА, УДБА, СДБ, ДБК, УБК, АНБ. Ова е предлогот на ДУИ, прифатете го.
ДУИ е и ќе остане гаранција за стабилноста, достоинственото претставување и европската иднина на државата. Мицкоски треба да знае: клеветите не ги покриваат неуспесите, ниту погрешната насока на оваа влада. Одговорот на граѓаните ќе дојде во октомври – и тој ќе биде јасен“, се наведува во соопштението од ДУИ.