Македонија
Во Македонија се одбележуваат 115 години од смртта на Гоце Делчев
Во Македонија денеска се одбележуваат 115 години од смртта на револуционерот Гоце Делчев, кој на денешен ден во 1903 бил убиен од турската војска во селото Баница на пат кон Сер.
По тој повод делегации на Владата на Република Македонија и на Собранието ќе му оддадат почит и ќе положат цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје.
Напладне во свечената сала на Собранието ќе биде доделена наградата „Гоце Делчев“ за особено значајни остварувања од интерес за Република Македонија во областа на науката. Наградата е доделена за трудовите: „Прилеп и Прилепско во XIX век (културно-историски процеси)“ од д-р Славчо Ковилоски, објавен во 2017 година; „Архитектонски конструкции“ од авторот доц. д-р Енис Рафет Јакупи, објавен во 2017 година и „Првите 15 македонски доајени на Медицинскиот факултет“ од д-р Дончо Донев, објавен во 2017 година.
Визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.
Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија.
По убиството, неговите посмртни останки првин се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Гостивар
Според досегашните податоци со кои располага Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, утрово во 5 часот и 21 минути се случи земјотрес чиј епицентар потекнува од епицентралното подрачје Тетово-Гостивар, на околу 45 км западно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.2
Земјотресот е почувствуван во Гостивар и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
СДС сервилна знае само за патлиџан дипломатија и предавнички политики, руските играчи се во СДС и оние кои му дадоа државјанство на Онишченко, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Тоа што геополитичките интереси на големите геополитички актери во даден момент се поклопиле со државните интереси на Македонија нема никаква врска со „државничка“ политика на СДС.
Бидејќи СДС-сервилна од дипломатија и меѓународни односи знае само за патлиџан дипломатија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС сервилна знае само да ги распродава државните и национални интереси.
СДС на меѓународен план и екипата на Бујар Османи, Маричиќ, Ковачевски нема држава, настан или организација каде не ја понижија Македонија со сервилната и погубната дипломатија која ја водеа.
Руските играчи на македонската политичка сцена се СДС Заев и Филипче. Доказ за тоа е скандалот со доделување државјанство на рускиот државјанин Онишченко осуден за корупција и перење пари во Украина.
Надворешната политика што ја водеше СДС беше обележана со сервилност и отстапки на штета на државните и националните интереси“. Наместо, како што додаваат од владејаќката партија, цврста и достоинствена дипломатија, граѓаните беа сведоци на политики предавнички и недоволна заштита на националните позиции и интереси.
Државата, според нив, заслужува стратегија што ќе се темели на јасно дефинирани национални интереси, самопочит и партнерства изградени врз взаемна почит, а не на политика на постојани отстапки. Според ВМРО-ДПМНЕ, само преку конзистентна, достоинствена и принципиелна дипломатија може да се заштитат долгорочните интереси на Македонија и нејзините граѓани.
Македонија
Народната банка објавува повик за пријавување трудови за 57 сесија на Клубот на истражувачите
На 27 март 2026 година (петок), со почеток во 13 часот, во просториите на Народната банка ќе се одржи 57. сесија на Клубот на истражувачите.
„Доколку сакате да презентирате Ваш работен материјал на оваа сесија на Клубот на истражувачите, Ве покануваме да се пријавите со доставување на материјалот на е-адресата: [email protected], најдоцна до 18 март 2025 година (среда).
Трудовите треба да бидат изработени согласно со трендовите и стандардите на современите истражувања, што подразбира емпириска анализа, како и систематизирани заклучоци од истражувањето.
На сесиите на Клубот како платформа за дискусија и размена на стручни мислења, може да се презентираат резултати и сознанија и од истражување/труд во работна верзија“.
Клубот на истражувачите на Народната банка е отворена платформа за презентација и дискусија на научноистражувачки трудови, особено во доменот на монетарната политика и макроекономијата. Зачленувањето во Клубот на истражувачите е од отворен карактер, за што можете да видите подетални информации на веб-страницата на Народната банка www.nbrm.mk, во делот Клуб на истражувачи.

