Македонија
Во организација на Халкбанк во Маврово одржана уште една успешна трка „ Халк вело грин“
Петтата по ред хронометар велосипедска трка Халк Вело Грин што и годинава во организација на Халкбанк АД Скопје, на 8 септември се одржа во Маврово, традиционално, како и претходните години, собра голем број вљубеници во велосипедизмот, кои, освен што се натпреваруваа, се дружеа и се забавуваа.
И годинава трката беше организирана во три категории: ХОБИ, ДЕЦА и ЈУНИОРИ (во машка и женска конкуренција). Во категоријата ХОБИ во машка конкуренција прв на целта пристигна Димитар Јованоски, втор беше Кирил Марковски, а трет Мехмед Мемеди. Во женска конкуренција најбрза беше Елена Петрова, а второто и третото место го освоија Андријана Анастасоска и Александра Танасоска.

Во категорија ЈУНИОРИ, кај девојчињата најбрзи беа Јана Ѓорѓиевска, Тија Кукунешоска и Варвара Атанасовска, а кај машките Андреј Маџоски, Константин Костоски и Филип Здравев. Кај најмладите велосипедисти, ДЕЦА, кои возеа траса долга 12 километри, првите три места ги освоија Бистра Груевска, Оља Цветанова и Калина Ѓорѓиевска од девојчињата и Андреј Лозаноски, Марко Чекеровски и Михаил Лозаноски кај момчињата.

Најдобри резултати, годинава беа тимовите Тенкоминци, Маркови Точакџии и Триоџи.
Најбрзите велосипедисти во секоја од категориите освоија и вредни парични награди кои ги обезбеди организаторот на трката – Халкбанк. Односно, првопласираните натпреварувачи во машка и женска конкуренција во категоријата ХОБИ, добијапо 15.000, 10.000 и 5.000 денари за освоените прво, второ и трето место. Во категориите ДЕЦА и ЈУНИОРИ наградите изнесуваа 10.000, односно 5.000 и 3.000 денари. 
И годинешната трка Халк Вело Грин како и секоја година помина со многу забава и дружење. Зазабавниот дел од програмата се погрижија шоуменот Викса и ди-џеј Јорданов Александар, а за храната беше задолжен Jоjo’s barbecue. За најмалите беше организирана и рекреативна трка со балансери и тротинети, а нив ги бодреше добропознатиот Халки.

Велосипедската трка Халк Вело Грин е дел од многубројните настани кои Халкбанк како силен промотор на негување здрави животни навики кај населението и зачувување на животната средина,ги организира или ги поддржува секоја година, а кои се реализираат преку платформата ХалкЕко.
Во нејзиното средиште е истоимената апликација со која банката го охрабрува секој корисник да биде физички поактивен, еко свесен и да ја мотивира заедницата со своите секојдневни здрави навики.
Халк Вело Грин успешно ја постигнува и својата зелена мисија, бидејќи со средства генерирани во заедништво на организаторот и учесниците на трката досега се засадени над 20.000 садници на повеќе локации во земјата.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

