Македонија
Во пресрет на грејната сезона: инспектори од еден град ќе вршат надзор на еколошките дозволи на компаниите во други градови
Државниот инспекторат за животна средина ќе тргне во акциска контрола на издадените еколошки дозволи, пред сè, на производните капацитети на територијата на целата држава. Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, најави новитет во контролите пред почетокот на новата грејна сезона.
„Новина во инспекциските надзори ќе бидат мешовити тимови. Инспекторите од еден град ќе вршат надзори во други градови. На надзорите ќе присуствуваат и вработени од Министерството за животна средина и просторно планирање“, рече директорката Гиновска.
Министерот за животна средина, Изет Меџити, најави дека ќе почнат со надзорот од Скопскиот Регион.
„Иницијално, ќе се почне со контрола на производните капацитети. Заедно со Инспекторатот ќе бидат посетени најголемите индустриски капацитети во државата почнувајќи од Скопскиот Регион. Работните тимови ќе спроведат увиди на терен, односно надзор на издадените интегрирани еколошки дозволи, со цел да се контролира усогласеноста на условите во дозволата со работата на инсталацијата на терен. Овие активности, покрај тоа што имаат цел контрола на усогласеноста на спроведувањето на националното законодавство, исто така имаат цел да обезбедат кооперативност и подигнување на јавната свест кај сите засегнати страни дека во претстојната сезона мора навремено и континуирано да се дејствува“, рече министерот Меџити.
Прашањето за квалитет на амбиенталниот воздух, според Меџити, е предизвик со кој државата со години се соочува, па затоа сакаат навреме да почнат со активности за ублажување на последиците, иако нагласува дека квалитетот на воздухот не е локален проблем и не е проблем на едно министерство. Министерството и Инспекторатот ќе настојуваат активностите за подобрување на состојбата со аерозагадувањето „да бидат инклузивни, да се споделуваат и да се координираат со сите релевантни институции“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Македонија
Утрово е регистриран земјотрес со јачина од 2,10 степени според Рихтер во Македонија.
Според првите информации од ЕМСЦ, епицентарот е на 21 километар од Кичево.
Македонија
(Видео) ДПМНЕ предизвикувајќи тепачка избегна да одговори зошто не ја укина историската комисија, велат од Левица
„На вчерашната седница за пратенички прашања, пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил – Хактан, постави прашања за кои јавноста чека одговор од владините функционери на ДПМНЕ коишто продолжуваат по стапките на нивните претходници од СДС“, велат од Левица.
„Прашањето на пратеникот од Левица, кое не наиде на одговор беше: Зошто и владата предводена од ДПМНЕ, наместо да ја укине т.н. мешовита историска комисија, која е надлежна да ја ‘ревидира’ историјата на Македонија – тие ја ‘реконструираат’, во целост го почитуваат францускиот предлог и договорот со Бугарија?!
За да избегнат одговор на ова прашање, функционерите од ДПМНЕ предизвикаа тепачка во Собранието, провоцирајќи, силејќи и пцуејќи го лидерот на Левица, Димитар Апасиев, и неговото семејство“, соопшти Левица.
Македонија
Честитка од претседателката Сиљановска Давкова по повод 22 Ноември – Денот на aлбанската азбука
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова упати честитка по повод 22 Ноември – Денот на aлбанската азбука.
„22 ноември е историски важен датум за Албанците, но и за македонската држава. Пред 116 години во Битола е унифицирана албанската азбука, чин којшто ја зацврстил јазичната самосвест на албанскиот народ и создал темел за понатамошен културен и цивилизациски прогрес.
Унифицирањето на албанската азбука не е само акт на јазична реформа, туку и симбол на стремежот за еманципација и просветување.
Јазикот создава простор за разбирање, за соработка и за обединување околу идентитетските вредности. Преку него, различностите стануваат богатство, а иднината – можност за индивидуален и колективен раст.
Албанскиот јазик и култура се вградени во нашето социјално ткиво и отвораат простор за меѓусебно разбирање и соживот. Почитувањето на јазичните разлики нѐ прави демократско мултикултурно општество.
Бевме и остануваме пример на посветеност кон зачувување и унапредување на етничката, јазичната, културната и верската разноликост, овозможувајќи образование на мајчиниот јазик во сите степени, како и слободно и достоинствено изразување на колективната меморија и духовност.
Честит 22 Ноември, Денот на албанската азбука!“, се вели во честитката на претседателката Гордана Сиљановска Давкова.