Македонија
Во притвор е спроведен возачот кој ја усмрти 24-годишната радовишанка на „Партизанска“
Судот доцна синоќа му одреди 30-дневен притвор на 22-годишниот Јордан Ѓ. кој со автомобил „цитроен Ц4“ ја усмрти 24-годишната радовишанка Викторија Николова, а удри и во нејзиното момче. Тој со полициска придружба и лисици на рацете беше спроведен во затворот „Скопје“ во Шутка. Неговиот адвокат Јанковиќ во изјава за „Maкфакс“ најави жалба на одлуката и тврди дека Јордан не може да го повтори делото доколку му се одземе возачката, а не може ниту да влијае бидејќи примероците за вештачења се земени, заедно со возилото.
„Ние преговаравме, како ќе го повтори делото кога судот може да му ја одзеде возачката дозвола, не може да го направи тоа со било кое возило. Да влијае на сведоци, вешти лица е тешко изводливо затоа што се земени параметрите, направен е увид, одземено е возилото за вештачење, дадени се налози, процесуиран е во Клинички центар. Ако требаше да има притвор, домашниот притвор ќе беше соодветен. На мислење сме како одбрана дека овој притвор е изнуден под притисок на јавноста, која ова го стави како некој приоритет иако треба да се сослушаат двете страни. Не е лесно за починатата, факт е, меѓутоа не е тоа знак дека уште еден друг млад живот да уништиме. Ќе се жалиме на овој притвор, ќе ги наведеме нашите основи. Искрено се надеваме дека овој притвор ќе се преиначи во домашен, што е и исто притвор, нема да се брани од слобода“, рече адвокатот Јанковиќ за „Макфакс“
Неговиот распит во Кривичниот суд траеше два часа, по што следните два часа судот ја носеше одлуката. Притворот му е одреден поради опасност од бегство и можно влијание врз сведоци односно вешти лица кои ги прават потребните вештачења за утврдување на точната брзина и причините кои довеле до трагедијата.
Обвинителството веќе потврди дека семафорите на кои поминувала 24-годишната радовишанка која загина, во моментот не работеле. Возачот не застанал на обележаниот пешачки премин и со поголема брзина од пропишаната ја прегазил и усмртил. Тој не пружи ниту помош, односно не излезе од автомобилот по несреќата. Првиот момент кога го напушти возилото беше по 15 минути, кога дојдоа првите екипи на полицијата.
Момчето на починатата помина со набиеници на карлицата и тешки трауми. Од болницата каде беше прегледуван соопштија дека бил видно потресен од трагедијата. Сега, тој е на домашно лекување.
Обвинителството ги побара и снимките од надзорните камери, кои се околу пет на раскрсницата. Тие ќе помогнат да се утврди, што точно се случило завчера по 19 часот. Телото на Викторија е дадено на обдукција, по што ќе биде предадено на семејството. Кај возачот кој ја усмрти, направено е вештачење на примероци од урина и крв, од кои неофицијално, утврдено е дека нема траги на алкохол или дроги.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова со раководството на Факултетот за музичка уметност: потенцирана важноста на едукативната и педагошката работа
По повод големиот јубилеј 60 години постоење и дејност на Факултетот за музичка уметност, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими деканката проф. м-р Дарија Андовска, продеканката за настава и наука, проф. д-р Соња Здравкова-Џепаровска и продеканката за концертна дејност, вонр. проф. м-р Марија Вршкова.
За деканката Андовска успехот на факултетот е резултат на големото музичко знаење, љубов, креативност, труд и посветеност на повеќето генерации наставен кадар.
Јубилејот добива на тежина и значење заради фактот дека за релативно кусо време, вработените постигнале далеку поголеми резултати од факултетите, односно музичките академии од регионот, стари и по стотина години.
Честитајќи им го роденденот, претседателката ја потенцираше важноста на едукативната и педагошката работа на Факултетот, којшто изнедрил музички и уметнички великани како Симон Трпчевски.
За Сиљановска-Давкова, неспорна и непроценлива е амбасадорската улога на нашите музички уметници во промоцијата на македонската држава ширум светот.
Таа со задоволство ја прифати поканата да биде покровителка на јубилејот на институцијата којашто е расадник на уметници без кои не може да се замисли успешната работа на Филхармонијата, Националната опера и балет, Националниот џез оркестар, како и на бројните ансамбли и оркестри.
Професорките ја запознаа претседателката со тешките предизвици од финансиска и просторна природа, хроничниот недостиг на инструменти и опасноста од згаснување на некои катедри во отсуство на кадар.
Тие очекуваат преиспитување и измена на низа предложени решенија од новиот Закон за високо образование во претстојната дебата.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сите патишта водат кон Будимпешта, со владин авион кај шефот и на море, велат од СДСМ
Главна дестинација на владинот авион е релацијата Скопје-Будимпешта. Дури седум пати летале до шефот, во главниот град на Унгарија, според информациите за летањето на владиниот авион кои ги објавија медиумите, велат од СДСМ.
„Сите во Будимпешта, со владин авион, на консултации и по работни задачи кај шефот.
Наместо да лежи во Идризово, ВМРО му подготвува враќање на Никола Груевски.
Затоа и беа тргнати потпретседателите.
Нема повеќе потпретседатели, нема внатрешна конкуренцијам се расчистува патот за единствениот претседател на ВМРО, Груевски.
Мицкоски е само чувар на фотелјата.
Мора да се обезбеди безбеден терен за враќање на газдата“.
Според опозиционата партија, Мицкоски, Николовски, Силјановска најмногу го користеле владинот авион.
„Толку многу се шета, Мицкоски дури и на Јадран оди со владин авион на капење.
Затоа мора да се купува нов авион, да се даваат милиони евра народни пари“, прашуваат од СДСМ.

